fbpx

Наводниот нацизам во Киев и натаму предмет на дезинформациите од Москва

Од другите дезинформации што можат да се сретнат на интернет на македонски јазик може да се одбележи уште една насочена директно кон украинскиот претседател Зеленски

-

Повеќе дезинформациски наративи може да се идентификуваат од почетокот на годинава во медиумскиот и интернет просторот на македонски јазик. Од тоа дека на Украина ѝ е „загрозена државноста“ ако ја продолжи војната, до тоа дека Зеленски ја загубил популарноста. Сепак најконзистентни остануваат дезинформациите за поврзаноста на елитите во Киев со нацизмот, што директно ги пласираа и Путин и Медведев. Од „домашната сцена“, може да се издвои протестот на Левица против одлуката на ЕУ делегацијата во Скопје да додели околу 1 милион евра донаторска помош за млади невладини организации, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Една реакција на политичка партија Левица која најде простор во медиумската и интернет сцената на македонски јазик може да се одвои како класично странско влијание во С. Македонија. Имено, неодамна Левица реагираше против одлуката на ЕУ делегацијата во Скопје за доделување на околу еден милион евра грант во рамки на  „Механизмот за граѓанска отпорност на ЕУ“ – програма за финансиска поддршка на мали и „грасрут“ граѓански организации, на педесетина невладини организации од С. Македонија.

Ова претставува само последниот во долгата низа на класични поткупи спроведени од страна на Западните „стратешките партнери“ над македонскиот јавен простор. Потсетуваме дека според свој извештај, конгресот на САД, во периодот од 2017 до 2022 година доделил 67 милиони американски долари на невладини организации, медиуми и останати ентитети во Македонија борејќи се против „руски и кинески влијанија“.

Оваа рекација на Левица е резултат не само на руското влијание во земјата, туку и на унгарското и на сите други конзервативни десничарски или левичарски политички елити во Европа и пошироко, кои влечат корени уште од војната меѓу Москва и Будимпешта со Џорџ Сорос и со неговите фондации на отворено општество, при што на сите невладини организации или на слободомислечки луѓе со либерални ставови им се лепат етикети „соросоиди“. Пред појавата на Левица, најистакната партија со широк анимозитет кон НВО секторот беше ВМРО-ДПМНЕ.

Ставот на Левица беше пренесен умерено во медиумскиот простор, делумно и на социјалните мрежи, но доволно широко ако се има предвид читаноста на еден од порталите што го пренесе.

 

Путин: Нема враќање на територии, Украина може да ја изгуби и таа што ѝ остана

Состаноците во Давос поврзани со Украина беа доволно мотивирачки за масовен пренос на вестите поврзани со иднината на војната во Украина, т.е. евентуалниот крај на руската инвазија. На плановите за мировна конференција и мировен план за кој зборува речиси сиот Запад, плус други земји од други региони во светот, а без консултации со Русија, жестоко одговори рускиот претседател Владимир Путин.

Имено, Путин во изјава рече дека Русија никогаш нема да ги врати окупираните територии од Украина по инвазијата во февруари 2022 година и дека Украинците, кои сега се соочени со пропадната контраофанзива од 2023 година, ја загубиле војната. А доколку го продолжи овој модел на војна тогаш на Украина ѝ е сериозно загрозена и државност, односно може да ги загуби и тие територии што и останаа, рече де факто рускиот претседател.

Попрецизно Путин рече дека државноста на Украина може да претрпи „непоправлив удар“ доколку војната продолжи, а Русија никогаш нема да биде принудена да се откаже од постигнатото, односно да ја врати освоената територија, пренесува Ројтерс.

Значи, ако не сакате (да преговарате), немојте! Тој речесега е сосема очигледно дека не само што (украинската) контраофанзива пропадна, туку и иницијативата е целосно во рацете на руските вооружени сили. Ако вака продолжи, украинската државност може да претрпи непоправлив, многу сериозен удар – ги пренесуваат зборовите на Путин дел од медиумите на македонски јазик.

Фото: Russian Presidential Press Service

Путин ги даде овие изјави што ги пренесоа медиумите на македонски јазик еден ден откако Швајцарија се согласи да биде домаќин на глобалниот самит на барање на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Путин ги отфрли т.н. „мировни формули“ кои се дискутираат на Запад и во Украина, и како што ги нарече „прекумерните барања“ што тие ги носат.

Во исто време, Зеленски предупреди дека помала помош за украинската одбрана значи директна поддршка на агресорските планови на Путин:

Мораме да го обезбедиме воздушниот суверенитет на Украина. Тоа можеме да го направиме, исто како што успеавме да постигнеме превласт во Црното Море. Партнерите знаат што и колку ни е потребно, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на  Светскиот економски форум во Давос, апелирајќи на западна поддршка заради спротивставување на руските напади.

Сите кои мислат дека во прашање е само Украина, фундаментално грешат. Можните цели, па дури и временските рокови за нова руска агресија настрана од Украина стануваат сѐ појасни, изјави Зеленски.

 

Соборениот Иљушин ја реактивира пропагандата за украинскиот нацизам

Соборениот руски транспортен авион Ил 76 во близина на рускиот пограничен град Белгород, стана повод за жестоки обвинувања и дезинформации околу тоа кој го соборил и дали имало украински заробеници или превезувал оружје. Медиумите на македонски јазик во првите денови опширно ги пренесоа вестите за овој настан, кој пропагандно гледано во првите денови ѝ донесе предност на Русија. Токму затоа претседателот Володимир Зеленски повика да се отвори меѓународна истрага, иако како што наведува Би-Би-Си, пренесен од медиумите на македонски јазик, Украина посредно ја признала вината.

Очигледно е дека Русите си играат со животите на заробените Украинци, чувствата на нивните сакани и емоциите на нашето општество, кажа Зеленски, но не потврди дека во авионот имало заробеници. Мораме јасно и што е можно повеќе да ги утврдиме сите факти, имајќи предвид дека авионот е соборен на руска територија, која е надвор од наша контрола, рече украинскиот претседател, пренесуваат медиумите во С. Македонија.

Медиумите ја пренесоа и изјавата на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров кој ја појасни целта на барањето на Москва за итната седница на Советот за безбедност на ОН, т.е. обвинувањата пред меѓународната заедница дека Украина извршува терористички акти на руска територија. Но, ги пренесоа и неговите пропагандни зборови дека воопшто не е загрижен дали меѓународните фактори ќе им веруваат на аргументите на Москва.

На Русија не ѝ е грижа дали меѓународната заедница ќе ѝ поверува во врска со авионот. Две години подоцна сè уште нема факти од Буча, рече Лавров. Како што истакна, меѓународната заедница олицетворена во претставници на Западот и медиумите веќе ја докажала својата дискредитирана позиција.

Воопшто не сум нервозен поради фактот што „меѓународната заедница“ можеби нема да верува, нагласи рускиот министер.

Дел од медиумите го пренесоа и еден од главните пропагандисти на Москва, поранешниот премиер и претседател Дмитриј Медведев, кој за уривањето ги обвини „украинските неонацисти“:

Приказната за уништувањето на авионот Ил-76 е резултат на внатрешно-политичката борба на неонацистичките елити во Киев, изјави блискиот соработник на рускиот претседател Владимир Путин.

Тој рече дека паднатите руски пилоти биле херои и дека украинските семејства не ги примале своите затвореници од Русија.

Само ќе биде полошо: за да ја задржат власта, нема да имаат проблем да ги убијат своите воени лица и воени заробениц, обвинува Медведев понатаму и додава:

Тие безмилосно ќе ги бомбардираат нивните градови и села, уништувајќи ги нивните домови и палејќи ги нивните стари луѓе и деца. Впрочем, главната работа во играта се моќта и парите.

Фото: Vitaly V. Kuzmin – commons file, CC BY-SA 4.0, https://commons.wikimedia.org/w/index.php?curid=61875770

Сепак, дилемите и контроверзите останаа со денови, како што сведочи и овој линк од медиуми што објавуваат на македонски јазик од самиот крај на месецот. Претпоследниот ден од јануари Русија сепак објави вест дека црните кутии покажале дека транспортниот авион бил соборен, преку официјален извор цитиран од руската агенција ТАСС, а пренесен во македонскиот медиумски простор.

 

Нацизмот не исчезнува од пропагандата на Москва

Дека обвинувањата за нацизам на Украина и нејзините лидери не исчезнува од реториката на Москва покажа и одбележувањето на 80 годишнината од крајот на германската опсада на некогашен Ленинград, денешен Санкт Петерсбург во Втората светска војна. Имено, рускиот претседател Владимир Путин изјавувајќи дека „ќе направиме сè за да ставиме крај на нацизмот и конечно да го искорениме, ги повтори обвинувањата за „нацификација“ на Украина.

Режимот во Киев продолжува да ги велича соучесниците на Хитлер (…) и да користи терор против сите оние што не му се допаѓаат – изјавил Путин, пренесуваат медиумите на македонски јазик.

Дека наводната нацификација на Украина е жива тема во рускиот пропаганден свет покажуваат и дел од дезинформациите на социјалните мрежи.

Вистиномер во една своја анализа на разобличување на дезинфорамциите укажува на користење на наводно писмо од Путин, како наводен доказ за нацизмот во Украина. Во наводното писмо Путин се осврнува на руската војна со Украина и бара од граѓаните на западните земји да ѝ помогнат на Русија во нејзината борба против „украинскиот нацизам“, кој е „потхранет од вашите американски даноци и јастребите на НАТО“.

Од другите дезинформациски наративи преточени во конкретни дезинформации може да се издвои наративот дека наместо верници во Украина живеат богохулници и сатанисти поддржани од локалната украинска црква. Имено, станува збор за рекламно видео за онлјан казино кое се ползува за наводно прикажување на сатанисти во украинска црква. Со ваквиот тип дезинформации генерално треба да се прошири наративот дека Русија преку војната во Украина, всушност ги брани традиционалните вредности што ги пропагира православието.

Многу честиот дезинфо наратив дека Украина и Украинците се жртвено јагне на Запад во наводната војна против Русија може да се препознае во дезинформацијата што ја анализираше Вистиномер на таа тема. Во дезинформацијата се тврди дека Западот никогаш не се грижел за Украина и нејзиниот народ и дека Украинците беа искористени на најодвратен начин, со единствена цел да и нанесат штета на Русија.

 

Паѓала популарноста на Зеленски

Од другите дезинформации што можат да се сретнат на интернет на македонски јазик може да се одбележи уште една насочена директно кон украинскиот претседател Зеленски. Во дезинформацијата што беше предмет на анализа на Вистиномер се тврди дека украинските власти биле загрижени од повеќе работи што се случуваат на фронтовите, при што се цитираат бројките за загубени украински војници, според рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу, проблемите со обезбедување електрична енергија во 9 украински региони и на крај се шпекулира, односно без никакви аргументи се тврди дека најзагрижувачка сепак била популарноста на претседателот.

Фото: Кабинет на претседателот на Украина

Но она што најмногу ги загрижува украинските власти е моменталната популарност на Зеленски која се спушти на 42%  -се наведува во дезинформацијата.

Анализата на Вистиномер утврди дека такво мерење и таков процент на популарноста на Зеленски не постои. Односно, од она што е направено како согледување произлегува дека таа популарност изнесува 62 проценти. Оваа дезинформација е уште една од низата кои се насочени директно кон украинскиот лидер или кон раководството на Украина, со цел да се деморализира другата страна и да се остави погрешен впечаток и кон пошироката јавност.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Народната банка додели награди на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството

Народната банка, на денот на монетарната независност, 26 април, ја одржа годишната свеченост за доделување на наградата на млади истражувачи од областа на макроекономијата и банкарството. Овогодинешниот победник беше Никита...