fbpx

Молдавија: Партијата на претседателката Санду победи на изборите, но го изгуби Кишињев

Прелиминарните резултати за изборите во главниот град Кишињев покажуваат дека актуелниот градоначалник Јон Чебан со освоени 50,6 отсто од гласовите победи уште во првиот круг од локалните избори

-

Проевропската „Партија за акција и солидарност“ на молдавската претседателка Маја Санду победи на вчерашните локални избори, кои се сметаа за тест на довербата од граѓаните кон актуелното молдавско раководство. Сепак, партијата на Санду ги изгуби изборите за градоначалник во првиот круг во главниот град Кишињев, додека за дел од поголемите градови ќе се гласа за градоначалник во вториот круг.

Прелиминарните резултати за изборите во главниот град Кишињев покажуваат дека актуелниот градоначалник Јон Чебан со освоени 50,6 отсто од гласовите победи уште во првиот круг од локалните избори, јавува молдавската државна агенција Молдпрес. Тој на претходните избори настапи како кандидат на проруската Партија на социјалистите на поранешниот претседател Игор Додон. Сепак, во декември 2021 година тој формираше нова партија, преку која се кандидираше на актуелните локални избори и ја осуди руската инвазија врз Украина.

Кандидатот на партијата на претседателката Санду во Кишињев освои само 28,2 отсто од гласовите и не успеа да се избори за втор круг на локалните избори. Излезноста на вчерашните избори во Кишињев беше 40,9 отсто.

Ројтерс јавува дека кандидатот на партијата на претседателката Маја Санду нема да учествува во вториот круг на изборите во вториот по големина град во Молдавија Балти, бидејќи не успеа да освои доволен број гласови. Во градот Кахул градоначалничката фотелја ја освои независен кандидат, додека во Орхеи победи независен кандидат поврзан со пребегнатиот проруски бизнисмен Илан Шор.

Од владејачката „Партија за акција и солидарност“ денеска соопштија дека освоиле над 240 градоначалници низ цела Молдавија во првиот круг од изборите, како и дека ќе се натпреваруваат со 153 кандидати во вториот круг од изборите.

Пред самите локални избори во Молдавија беа забранети две проруски партии – Шанса и Шор, под обвинение за користење на нелегални пари од Русија во нивната кампања. Дополнително, пребегнатиот молдавски милијардер Илан Шор, кој стои позади партијата Шор, е под обвинение за кражба на фантастични 1 милијарда долари од три молдавски банки во 2014 година.

Претседателката Маја Санду на 1 ноември ја обвини официјална Мосвка дека се обидела да купува гласачи на изборите преку обезбедени 5 милиони долари, и тоа преку ангажирање на криминални групи предводени од Шор.

Истовремено, молдавските власти ја суспендираа дозволата за емитување на неколку руски телевизиски станици и го блокираа пристапот до веб-страниците на главните руски медиуми минатиот месец, тврдејќи дека Москва ги користи за да се обиде да влијае на изборите.

Молдавија е една од најсиромашните земји во Европа, која има аспирации за членство во ЕУ, но истовремено е сосед на Украина и е под силно влијание од руската агресија врз Украина. Молдавското раководство претходно ја обвини Русија дека пробала да организира државен удар во земјата.

(РЕПОРТАЖА): И воздухот во Молдавија како да трепери од неизвесноста на руската агресија врз Украина

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...