fbpx

(РЕПОРТАЖА): И воздухот во Молдавија како да трепери од неизвесноста на руската агресија врз Украина

Во воздухот во Кишињев се чувствува тензија. Протести, дезинформациски кампањи, економски неаргументирани рестриктивни мерки се само дел од тактиките што официјална Москва ги применува врз Молдавија. Податоците на УНХЦР покажуваат дека Молдавија до октомври примила 792.605 украински бегалци и 96.664 жители на други земји

-

Стара, трошна зграда ги пречекува патниците кои слетале на аеродромот во Кишињев. По големината и уреденоста, неодоливо потсетува на старата зграда на скопскиот аеродром. Веднаш по влезот во малиот објект, следи невообичаена пасошка контрола. На контролниот пункт двајца гранични полицајци, над кои стражари трето лице во цивилна облека. До пултот каде што тие ги прегледуваат пасошите, стојат двајца до заби вооружени специјалци. Молдавија прогласи вонредна состојба веднаш по почетокот на руската агресија во Украина, а одекот од војната во оваа источно-европска земја се чувствува уште на самата граница.

Работата на двајцата гранични полицајци зад пултот ја следи супервизорот во цивилна облека. Го надгледува прегледувањето на пасошите на секој од патниците. Пред мене се 20-тина патници, а од нив само од овој пулт граничната полиција издвои дури седуммина за понатамошна проверка и ги тргна настрана во посебни простории. Магичната реченица дека сум новинар се чини дека го промени изразот на лицето на граничниот полицаец, кој во пасошот веднаш ја забележа трагата од мојата посета на Украина и печатот од киевскиот аеродром Бориспил. Откако љубезно ми побараа одговори на прашањата што ќе правам во Молдавија и каде сум сместен, беше ставен и печатот за влез во оваа земја.

Пред излезот од царинска контрола, на аеродромот ме пречека Михаил. Тоа е мојот возач до хотелот во Кишињев. Се извинува што не може да ја остави колата пред аеродромската зграда, бидејќи е забрането и паркирани се голем број таксисти, не баш сите легални. Истовремено, објаснува дека монтажната паркинг гаража на аеродромот е преполна со возила кои имаат украински регистарски таблички. Поради ова, тој не може да го паркира неговиот автомобил ниту таму.

Откако започна руската агресија, Украина е оставена без воздушен сообраќај кон светот, а најблиската точка за летање за бројни украински граѓани кон странство е токму Кишињев. Па така, приморскиот милионски град Одеса е на помалку од двеста километри одовде.

„Имаме 1 милион украински граѓани во Кишињев, избегаа од војната таму, но сега веќе и купуваат станови во градот“, објаснува Михаил, додека ме вози на булеварот преполн со дупки што води кон центарот на Кишињев.

Низ зборовите на Михаил, бројките на украински бегалци растат, со што се отсликува сериозноста на ситуацијата во Молдавија. Податоците на УНХЦР, пак, покажуваат дека Молдавија до 1 октомври 2023 година примила 792.605 украински бегалци, како и 96.664 жители на други земји, првенствено граѓани на Русија кои бегаат од можноста да бидат мобилизирани во руската војска.

Ваквите бројки се драматични за земја во која според последниот попис во 2014 година на Заводот за статистика на Молдавија се регистрирани нешто помалку од 3 милиони жители. Овој огромен раст на населението по руската воена агресија врз Украина е забележлив насекаде во главниот град Кишињев.

На улиците овде можат да се видат возила со украински таблички, а цените во Кишињев за купување на стан достигнале и до 800 евра за метар квадратен, вели такси-возачот Михаил. За жителите на најсиромашната европска земја, вклучувајќи го и него, ова е сума која тешко дека можат да си ја дозволат.

Но, оптимизмот на Михаил не спласнува. Објаснува дека Кишињев е извонредно безбеден град, во Молдавија е мирно, а единствено сирените на итната помош што минуваат низ градот ја нарушуваат мирната атмосфера.

Политички турбуленции без крај

Наспроти смирувачките објаснувања на Михаил, во воздухот во Кишињев се чувствува тензија. Во ноември 1990 година во оваа земја од поранешниот СССР изби војна помеѓу молдавската власт и сепаратистичките сили на Транснистрија, кои беа поддржани од официјална Москва. Примирје беше постигнато на 21 јули 1992 година, кое доведе до тоа да се формира своевидно окупирана територија на Молдавија преку создавањето на меѓународно непризнатата република Приднестровје (Транснистрија).

Споменици од советскиот период испишани на молдавски и руски јазик и денес може да се сретнат во центарот на Кишињев; Фото: Мета.мк

До денешен ден, Приднестровје претставува самопрогласена република, во која се наоѓа руска војска и воена опрема. Молдавските власти во Кишињев де-факто немаат контрола над една десетина од територијата која им е меѓународно признаена. Она што дополнително ги загрижува молдавските власти е руската воена агресија врз Украина, заедно со прашањата што ќе се случува со оваа самопрогласена република во иднина.

Под големата опасност од агресијата врз Украина и можноста Русија да ја нападне и Молдавија, властите во Кишињев уште во февруари 2022 година воведоа вонредна состојба во земјата, која што трае до денешен ден. Проевропската претседателка на земјата, Маја Санду во неколку наврати во изминативе година и пол изјави дека официјална Москва има намера да спроведе државен удар и да ја собори демократски избраната власт на Молдавија. Протести, дезинформациски кампањи, економски неаргументирани рестриктивни мерки, се само дел од тактиките што официјална Москва ги применува врз Молдавија во изминатиов период.

Сиромаштијата на молдавските граѓани може да се забележи на секој чекор во Кишињев; Фото: Мета.мк

За првпат по воената агресија врз Украина што започна во февруари 2022 година, во Молдавија на 5 ноември ќе се одржат избори. Иако ќе се избираат градоначалници на општините, вклучувајќи го и Кишињев, овие избори ќе бидат и тест за довербата во проевропската коалиција предводена од Партијата на акција и солидарност на актуелната претседателка Маја Санду, наспроти прорускиот блок на социјалистите и комунистите предводен од претходниот претседател Игор Додон. Предизборната кампања еден месец пред изборите нашироко е започната во молдавскиот главен град.

Билборд на прорускиот политички блок на социјалистите и комунистите во Кишињев; Фото: Мета.мк

На главните плоштади и околу тролејбуските станици се раздаваат пропагандни летоци на политичките партии, додека партиските членови разговараат со граѓаните. Билбордите се излепени со политички реклами на молдавски и руски јазик на партиите. Во срцето на Кишињев се копаат улици и пешачки патеки, а градежни работници има на претек. Со еден збор, предизборната реконструкција е во полн ек.

Војната има исто лице каде и да се појави

Центарот на Кишињев е средиште на еклектичното здание на Националниот музеј на историјата на Молдавија. Еден од најзначајните музеи во Молдавија на почетокот на октомври годинава беше домаќин на изложбата на сирискиот фотограф Омар Санадики.

„Ехото на војната: Фотографска изложба од Сирија до Украина“ е изложбата која беше отворена во овој музеј и со која граѓаните на Кишињев можеа низ окото на фото-објективот да се запознаат со последиците од војните во Сирија и во Украина.

Дел од фотографиите од изложбата на Омар Санадики; Фото: Мета.мк

Санадики, родум од Дамаск, војната во Сирија го принудила да известува за разрушените градови од неговото детство. Изминатово лето тој ја имал можноста да ја посети Украина и да ги увиди ужасите на руската агресија. Комбинирајќи го фотографскиот материјал од двете војни, на иновативен начин успева да комбинира неколку пара фотографии кои ги отсликуваат ужасите на војните во Сирија и Украина. Без да ја прочитате легендата под секој пар на фотографии, невозможно е да се открие нивното потекло. Едноставно, мајсторството на Омар Санадики овозможува гледајќи во фотографија од рушевините во Украина, да помислите дека ги гледате разрушувањата на Сирија и обратно.

„За жал, сѐ започна од војната за која не сакав да известувам, но бев принуден на тоа“, се потсетува Санадики на известувањето од неговата родна Сирија.

За изложбата поставена во срцето на Кишињев, Омар Санадики вели дека избрал да ги прикаже не само уништувањето и штетите, туку и душите на луѓето кои преживеале.

Со мноштво емоции, Омар Санадики се обрати на отворањето на неговата изложба; Фото: Мета.мк

„Секогаш сочувствувам со овие луѓе, со хуманоста. На некои фотографии нема да најдете луѓе, туку ќе ги пронајдете нивните души“, вели Санадики.

Амбасадорот на Европската Унија во Молдавија, латвискиот дипломат Јанис Мажеикс на отворањето на изложбата во Кишињев посочи дека е на настан на кој не би сакал да присуствува.

„Би сакал да не ги научев имињата на местата како Рака, Буча, Ирпин, Мариупол, но морав, исто како и вие“, изјави Мажеикс.

Овие фотографии се приказни за варварството, кои го документираат злото, но и ја документираат и хуманоста и начинот на живеење во овие населени места, додаде тој.

„Исто така, овие фотографии се потсетник за бидувањето на вистинската страна на историјата. Мислам дека можеме да бидеме горди оти заедно Европската Унија и Молдавија во однос на војната во Сирија и руската агресија која беше неиспровоцирано изведена против украинскиот суверенитет и независност, се на вистинската страна на историјата“, рече Мажеикс.

Амбасадорот на ЕУ од изложбата ја истакна неговата желба Молдавија во иднина да постане членка на Европската Унија. Оваа земја од поранешниот СССР во јуни 2022 година стана кандидат за идно членство во ЕУ. Но, одговорите на прашањето кога Молдавија ќе стане членка на ЕУ не треба да се бараат единствено во молдавските власти кои треба да ги спроведат реформите и во промените за кои ќе треба да притискаат граѓаните. Едноставно, иднината на Молдавија неизоставно е поврзана со конечниот епилог од војната во Украина и решавањето на отвореното прашање на воспоставување на суверенитетот на Молдавија врз отцепениот регион Приднестровје.

Оптимизмот на граѓаните за членство во ЕУ е голем, а последните анкети од септември годинава меѓу избирачите покажуваат дека претседателката Маја Санду е најпопуларен политичар во земјата со поддршка од 22,3 отсто од граѓаните, додека нејзината партија ја има поддршката од 19 отсто од гласачите. Во поранешниот претседател Игор Додон имаат доверба 7,8 отсто од гласачите, додека за прорускиот блок на социјалистите и комунистите би гласале 11,8 отсто од анкетираните граѓани, покажа истражувањето на социолошкиот центар iData.

Како и во изминатиов период, граѓаните на Молдавија и годинава ќе мора да бираат помеѓу тоа дали ќе останат периферен сателит на империјалната мапа на Кремљ или просперитетна земја-членка на ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...