Ковачевски: Има педесетина македонски државјани во Израел, се прави сè за безбедно да се евакуираат

Ковачевски додаде дека бројката веројатно е поголема, зашто има информации за студенти и градежни работници кои сè уште се наоѓаат во Израел

Фото: Влада на РСМ

Македонските власти лоцирале и стапиле во контакт со педесетина наши државјани кои во моментов се наоѓаат во Израел, според денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски.

Тој додаде дека се прави сè за безбедно да се евакуираат сите македонски граѓани кои се наоѓаат во оваа земја и се пријавиле во Амбасадата.

Ковачевски додаде дека бројката веројатно е поголема, зашто има информации за студенти и градежни работници кои сè уште се наоѓаат во Израел.

Процесот на безбедна евакуација се прави во соработка и со помош од соседните држави, информираше премиерот.

„Помина една тешка непроспиена ноќ за сите во Амбасадата во Тел Авив, кризниот штаб во Министерството за надворешни работи, за мене. Мојот кабинет контактира со земјите соседи и со другите партнерски земји кои имаат авиокомпании кои можат да слетуваат на аеродромите или во Израел или во околните држави“, изјави денеска Ковачевски, додавајќи оти дел од граѓаните кои биле во Израел се транспортирани со авион преку Тел Авив во Албанија, додека дел успеале да излезат од Витлеем кон Јордан.

Министерството за надворешни работи (МНР) вчера соопшти дека се проценува оти на територијата на Израел и загрозените подрачја престојуваат меѓу 100 и 200 македонски државјани.

Од МНР велат дека по саботните брутални напади од страна на Хамас на територијата на Израел, безбедносната состојба во државата, особено во деловите кои се во близина на Појасот Газа и пограничните делови со Либан, е сериозно влошена, и бројни македонски граѓани се пријавиле на телефоните во Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив и СОС телефоните во централа и побарале асистенција за нивна евакуација.

„За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378“, информираат од МНР.

 

МНР проценува дека до 200 македонски државјани се наоѓаат во Израел