fbpx

МНР проценува дека до 200 македонски државјани се наоѓаат во Израел

Министерот Бујар Османи е во директна комуникација со неговиот израелски колега Ели Коен и изрази целосна осуда за нападите од страна на Хамас, како и поддршка за Израел

-

На територијата на Израел и загрозените подрачја се проценува дека престојуваат меѓу 100 и 200 македонски државјани, информира македонското Министерство за надворешни работи (МНР). Од кризниот штаб формиран во МНР велат дека очекуваат да се пријават или да бидат пријавени од нивните блиски во контакт центрите на земјава.

„За повеќе информации, на располагање се СОС дежурните телефони на Министерството за надворешни работи 075/ 273- 732 и 075/268-736, како и дежурниот телефон на Амбасадата во Тел Авив +972-54-926-7378“, информираат од МНР.

Од МНР велат дека по саботните брутални напади од страна на Хамас на територијата на Израел, безбедносната состојба во државата, особено во деловите кои се во близина на Појасот Газа и пограничните делови со Либан, е сериозно влошена, и бројни македонски граѓани се пријавиле на телефоните во Амбасадата на Северна Македонија во Тел Авив и СОС телефоните во централа и побарале асистенција за нивна евакуација.

Министерот Бујар Османи е во директна комуникација со неговиот израелски колега Ели Коен и изрази целосна осуда за нападите од страна на Хамас, како и поддршка за Израел.

„Од пријавените граѓани, деветте туристи кои доаѓаат од Велес, и кои во комуникација со нашите колеги од Албанија беа прифатени во специјалниот лет на Владата на Албанија за евакуација од Тел Авив, наскоро очекуваме да слетаат во Тирана, од каде претставници од нашата амбасада ќе ги префрлат со организиран транспорт кон дома. Во оваа прилика изразуваме благодарност до колегите од Албанија, за брзата реакција и прифаќање на нашите државјани“, велат од МНР.

Претходно, седум наши државјани, туристи кои беа затечени во Витлеем, успешно ја поминале границата со Јордан, каде биле прифатени од нашата почесна конзулка. Тие сега се на безбедно и во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома. Вчера четворочлено семејство затекнато во Тел Авив, преку комерцијален лет се упатило кон Истанбул, од каде исто така ќе го продолжи патувањето кон дома.

„Амбасадата во Тел Авив останува во контакт со сите останати наши државјани кои се имаат пријавено и побарале асистенција при нивното напуштање на Израел. Меѓу нив се и 11 градежни работници кои се затечени во Рамала (Западен Брег)“, стои во соопштението на МНР.

Министерството за надворешни работи, преку Кризниот штаб и дипломатско-конзуларната мрежа, воспостави директна комуникација и координација со земјите од регионот на Блискиот исток и Југоисточна Европа, со цел искористување на сите расположливи летови и враќање на нашите државјани, за што е пратена и итна инструкција до дипломатско-конзуларната мрежа на Република Северна Македонија, во двата региона.

Подетални информации околу актуелните состојби можат да се најдат на следната веб страница: https://www.oref.org.il/12481-en/Pakar.aspx.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...