fbpx

Ковачевски е директно одговорен за владеење на правото

Покрај десетината измени во позитивна насока и воведување на новини согласно европското право, се направи измени на членот што регулираше злоупотреба на службена должност, со што се нанесе непоправлива штета со престанок на гонење на лица кои беа обвинети или кои допрва требаше да бидат судени за ова дело поради тоа што му нанеле штета на буџетот на државата

-

Премиерот Димитар Ковачевски целосно се амнестира од одговорноста за владеење на правото што е необјасниво и недоследно. Ако некој е прв во редот на одговорните, покрај другите во државата, тогаш тоа е и претседател на влада, кој е задолжен исто така како и други чинители, за владеење на законите и почитување на правото, пишува Вистиномер.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Претседателот на Владата на РСМ Димитар Ковачевски на прашање за коментар на ставот на холандскиот амбасадор Јан Дирк Коп дека во државата веќе две години има назадување на владеењето на правото, даде изјава во кој има недоследен став:

Јас би ве упатил (прашајте ги – н.з.) на тие што се одговорни за владеењето на правото.

[Извор: МИАКовачевски/изјава (12.30 мин. од видеото) – датум: 11.01.2024]

 

Образложение:

Премиерот Димитар Ковачевски, целосно необјасниво, се амнестира од негова одговорност за состојбата со владеење на правото во државата. Во одговор на новинарско прашање за констатација на странски амбасадор дека состојбата со владеењето на правото назадува веќе две години, Ковачевски дава лаконски одговор – прашајте ги тие што се одговорни за владеење на правото.

Сепак, малку згрешил, бидејќи иако не е единствен, како претседател Влада и тој е директно одговорен за состојбата со владеењето на правото. Впрочем, евидентен доказ е и документот Стратешки приоритети на владата – документ јавно објавен на веб страницата на Владата. Во него во точка 4 од вкупно 8 точки пишува дека еден од стратешките приоритети е токму владеење на правото:

♦ Владеење на правото, независност на правосудството, доследна и неселективна борба против криминалот и корупцијата со широка и обврзувачка транспарентност;

Но, исто така владеење на правото е и составен дел од Програмата за работа на владата 2022-2024 година потпишана од Димитар Ковачевски, најпрво во Општиот дел на стр. 4 каде што се вели:

Сосема сме свесни дека ефикасна, растечка и продуктивна економија подразбира бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата и целосно и ефективно владеење на правото и правната држава на сите нивоа. За Владата овие политики се највисок приоритет и примарен фокус, со обврска за видливи резултати и сигнификантни (значајни – н.з.) позитивни промени во текот на мандатот.

А, потоа има и посебна целина од Програмата која што се вика Владеење на правото и добро управување (стр.45).

 

Владата во тајност ги подготви измените на КЗ

За да не биде вака „магловито“ што би значело владеење на правото и законите, добар пример е експресното менување на Кривичниот законик во септември годинава. Покрај десетината измени во позитивна насока и воведување на новини согласно европското право, се направи измени на членот што регулираше злоупотреба на службена должност, со што се нанесе непоправлива штета со престанок на гонење на лица кои беа обвинети или кои допрва требаше да бидат судени за ова дело поради тоа што му нанеле штета на буџетот на државата. Така, поради овие измени застареа повеќе предмети, некои и од клучните од поранешното СЈО. Но, не само тоа. Со измените воедно се нанесува и голема штета по буџетот затоа што сите трошоци од досегашните истраги или судските трошоци ќе треба да ги преземе Северна Македонија. Вистиномер дури во пет текста го појасни сето ова (линкот е за првиот), а стручната јавност, како и Европската унија, ваквото менување на законот го оценија како удар врз владеењето на правото, поттикнување на неказнивоста и на корупцијата – мерки што се наведени во погоре цитираната Програма на владата.

 

За правосудството исто е одговорна и Владата

Дури и да прифатиме дека премиерот се збунил, па мислел дека одговорни за владеење на правото се само правосудните органи, т.е. обвинителството и судовите, повторно згрешил, бидејќи и за овие сегменти од општеството владата има одговорност, иако во републиканското и демократско уредување важи начелото на независност на трите власти, т.е. судската е одвоена од извршната и законодавната.

На пример, за обвинителството Владата е директно одговорна бидејќи на предлог на Обвинителството го избира или не го избира главниот обвинител. Со тоа директно влијае врз дел од правосудниот систем.

Исто така, Собранието, каде што се застапени и делови во владејачките партии, предлагаат и избираат членови на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, а со тоа влијаат и на состојбите во судството и обвинителството.

Конечно сетот на закони што го уредуваат правосудството, но и не само тие, на пример законите поврзани со реформите на администрацијата, ги предлага најчесто владата и со тоа има исто така важна улога во владеење на правото.

Поради се погоре изложено, може да се оцени дека изјавата на премиерот со која тој се амнестира како фактор што е задолжен за владеење на правото е недоследна.

 

Извори:

 

Оцени: Теофил Блажевски

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...