fbpx

Екстремно ниските температури не ги негираат глобалното затоплување и климатските промени

Oбјавата на социјалните мрежи се базира на класична тактика на негирање на климатските промени

-

Објава на Фејсбук повторува класична невистина – дека екстремно ладни зими на тлото на Европа го негира постоењето на климатските промени, предизвикани од глобалното затоплување. Во објавата се споделува  фотографија – температура карта на која се прикажани речиси сите европски земји, а на секоја држава се испишани екстремно ниски температури во Целзиусови степени, но без да се цитира ниту еден извор или местото од каде се преземени податоците, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објавa на социјалната мрежа Фејсбук што го негира постоењето на глобално затоплување и следствено дека не постојат климатcки промени. Во објавата кусо пишува:

Во самиот пост е споделена фотографија – температурна карта, каде се прикажани речиси сите европски земји и на секоја држава се испишани екстремно ниски температури во Целзиусови степени. А, не се наведува никаков линк или дополнителна поткрепа за овие бројки, што отвора повеќе сомнежи. Целта е да се негира постоењето на глобално затоплување заради навидум ниските температури.

Прво, по едноставна проверка на бројките, може да се утврди дека има многу неконзистентности. На пример, некои од бројките се измислени, како што е случајот за Италија каде во историјата немало пониски температури од -50° Целзиусови степени; во Франција најниската измерена температура била во 1985 година, а нашите јужни соседи ги бележеле најниските температури во далечната 1938 година. Може да се заклучи дека бројките се главно измислени, а во случаите каде што се приближно вистинити не се наведува од кога датираат тие екстремно ниски температури. Целта на објавата е јасна – да ги шокира оние што нема да ја проверат веродостојноста на истите.

Вториот проблем е што не се наведува дали температурите се на ниво на цела држава или во одредени места и градови, ниту дали се најекстремните температури во моментот или во целата историја откако се собираат вакви податоци.

Потоа, иако не се наведува линкот од каде е преземена фотографијата, може лесно да се најде изворот. Поставеноста на иконите од десната-долна стана покажува дека е од платформата Тик-Ток,  каде што може да се најде оригиналното видео. Во ова видео, исто така отсуствуваат какви било дополнителни информации за тоа од каде се преземени овие бројки и какви било други референци за истите.

Понатаму, во науката на оваа тема има низа истражувања што покажуваат дека двата пола на Земјата се загреваат два до четирипати побрзо од останатите делови од планетата. Ова затоплување, конкретно на Арктикот директно се поврзува со екстремно студените бранови што се случуваат во Северна Америка и Европа. Овој феномен се вика „арктичко затоплување“ и како што објаснуваат од Гринпис, во игра се неколку фактори. Северната поларна млазнa струја во голема мера влијае на климата и времето на континентот. Заради загревањето на половите оваа струја пополека слабее и со тоа се менуваат некои од природните временски циклуси. Поточно, наместо течењето на млазот да биде во прилично права линија, слабеењето предизвикува „нишање“ односно искривувања и вдлабнатини во својот тек. Па така, претходно екстремно ниските поларни температури се прошируваат не само во земјите од арктичкиот круг, туку и низ цел континент.

Фото: Принтскрин NOAA Climate.gov

 

Дополнително, истражувањето ПРЕСЕТА 4 (Projection of Economic impacts of climate change in Sectors of the European Union based on bottom-up Analysis) на Заеднички истражувачки центар (ЈRC) при Европскиот Совет, наведува дека стапката на вакви ладни бранови ќе се намали ако стигнеме до повисоки глобални просечни температури од 1.5, 2.0 или 3.0 степени Целзиусови. Температури, коишто ако ги достигнеме, се прогнозира дека ќе има катастрофални последици по животот на планетата. Но, клучниот факт тука е тоа што „поблаги“ зими не значи дека никогаш нема да имаме зими или екстремни временски настани. Баш напротив, според истражувањето на Светската метеоролошка организација, во последните педесет години бројот на катастрофи поврзани со климата се зголемуваат за речиси петпати. Според нивните податоци, ваквите катастрофи предизвикале над 2 милиона жртви и 3.65 трилиони долари во штети.

Во слична насока, од американската Национална аеронаутичко-вселенска управа (НАСА) истакнуваат дека климатските промени предизвикуваат екстремни временски настани да се случуваат не само почесто, туку и со поголем интензитет. А, истражувачкиот тим на Карбон Бриф споделува интерактивна мапа со над 500 елементарни непогоди ширум целиот свет. Тие наведуваат дека според истражувањата на оваа тема, дури 80 отсто од нив може директно да се поврзат со климатските промени. Зашто оваа тема е опсежна и вклучува многу и различни експертски тимови од целиот свет, не може да се каже дека една ваква верижна реакција едноставно не постои само затоа што градови во Норвешка и Франција претрпеле обемни дождови и снегови.

Она што може да се заклучи е дека оваа објава се базира на класична тактика на негирање на климатските промени. Имено, ова беше актуелен аргумент на член на американскиот Конгрес пред девет години. А, со години и години, пред тоа се пишувало дека иако зимите може да бидат натпросечно студени, глобалните средни температура постепено се покачуваат.

За крај, треба да се напомене дека 2023 година беше најтоплата година во последните век и половина, што директно придонесува за зголемување на стапката на суши и сушни периоди во целиот свет. Ова сѐ е резултат на користење на фосилни горива и испуштање на стакленички гасови.

Според изложените факти, објавата ја оценуваме како невистинита.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Ако се знаеле грешките, тие требало да бидат исправени до изборите

Изјавата на потпретседателката на СДСМ, Сања Лукаревска, иако искрена и можеби вистинита за тоа каде се лоцирани грешките во СДСМ за лошиот резултат, сепак е недоследна. И од аспект...