fbpx

Гинисовата книга на рекорди отвори истрага за „најстарото куче на светот“

Доведени во прашање се старите фотографии од кучето Боби кои наводно покажуваат различни шари на неговото крзно, па некои ветеринари тврдат дека се работи за сосема друго куче

-

Титулата „најстаро куче на светот“ која минатата година ја доби португалското куче по име Боби, сега е доведена во прашање, откако некои ветеринари се посомневаа во доказите за неговата возраст, пренесува Би-би-си.

Боби се најде на насловните страници минатата година кога од Гинисовата книга на рекорди беше крунисано за најстаро куче на светот досега, соборувајќи го претходниот рекорд. Боби почина во октомври на официјална возраст од 31 година и 165 дена.

Гинисовата книга на рекорди ја суспендираше титулата и започна истрага. Кучето Боби било чистокрвен „Rafeiro do Alontejo“ – раса која има просечен животен век од 12 до 14 години.

Неговата старост била потврдена од базата на податоци за домашни миленици на португалската влада, со која раководи Националниот сојуз на ветеринари.

Како што брзо се рашири веста за титулата на Боби, така се појавија и сомневањата. Истрагата на магазинот „Wired“ покажала дека Боби бил регистриран во базата на домашни миленици во Португалија како роден во 1992 година, но дека нема официјална регистрација или податоци што можат да го потврдат или негираат ова тврдење.

Доведени во прашање се и старите фотографии од кучето, кои наводно покажуваат различни шари на неговото крзно, па некои ветеринари тврдат дека се работи за сосема друго куче.

„Ниту еден од моите колеги ветеринари не верува дека Боби всушност имал 31 година“, изјавил за Гардијан Дени Чемберс, член на Кралскиот колеџ за ветеринарни хирурзи.

Од Гинисовата книга на рекорди за Асошиејтед прес изјавиле дека, додека истрагата е во тек, привремено се паузирани апликациите за најстаро куче на светот.

Кучето Боби живеело со семејството Коста во селото Конкеирос, во близина на западниот брег на Португалија. Неговиот сопственик, Леонел Коста, во изјава рече дека „елитата од ветеринарниот свет се обидува да им даде на луѓето идеја дека животната приказна на Боби не е вистинита“.

Тој вели дека противењето на ветеринарите се случува поради тоа што неговото семејство тврдело оти долговечноста на Боби се должи на исхрана слична на онаа на луѓето, наместо животинска, што е спротивно на препораките на многу ветеринари.

„Сè ќе беше поинаку ако кажевме дека тој три децении јаде храна за домашни миленици“, вели Коста.

До смртта на Боби, титулата најстаро куче на светот ја имало австралиското куче Блуи, кое починало во 1939 година на 29-годишна возраст.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Патот до слободниот пристап до информации поплочен со тужби, нетранспарентност и молк од администрацијата

Колкава плата зема одреден министер, директор, функционер? Колку пари потрошиле пратениците за патни трошоци? Колку судски пресуди се донесени за семејно насилство? Колку чинело новогодишното украсување за секој град...