Скопје во потрага по изгубеното куче Чопер, има уште два дена да патува за Германија

Видеото кое кружи низ социјалните мрежи и моментално има преку 450.000 прегледи на Инстаграм ја објаснува приказната за вдомувањето и губењето на кучето Чопер, а Мета.мк разговараше со неговиот сопственик кој сега очајно трага по него

Фото: Извадок од видео на Филип Ву

На социјалните мрежи масовно се споделуваат фотографии од изгубеното куче Чопер, откако видео креаторот и јутјубер Филип Ву со потекло од Виетнам, објави вирално видео на социјалните мрежи. Граѓаните го бараат Чопер, бидејќи кучето има можност од само уште два дена да замине во Германија, каде што ќе оди Филип. Тој планирал да си го земе Чопер со него, откако три месеци го чувал во Скопје.

Видеото кое кружи низ социјалните мрежи и моментално има преку 450.000 прегледи на Инстаграм ја објаснува приказната за вдомувањето и губењето на кучето Чопер, а Мета.мк разговараше со неговиот сопственик кој сега очајно трага по него.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Phillip Vu (@phillipqvu)

„Престојувавме во Охрид, во планински дел, имаше многу животни кои поминуваа, но имаше едно куче кое постојано доаѓаше до куќата каде што престојувавме. Му дававме храна и потоа решивме да го чуваме и го донесовме во Скопје со нас“, објасни тој.

Филип за време на неговиот престој го вакцинирал кучето. За да може да го понесе со него во Германија, се вратил до таму и купил кола за да може да патува со Чопер.

Додека возел кон Македонија, пријателката со која престојувал Чопер му соопштила дека тој се изгубил.

„Специјално се враќав во Германија да купам кола за да можам да го земам кучето и да го однесам таму. Но, по пат дознав дека е изгубен“, обаснува Филип за Мета.мк.

Брзо потоа тие објавиле низ сите групи на социјалните мрежи за миленици дека трагаат по кучето, а објавено е и вирално видео во кое ја раскажуваат целата приказна, чиј крај е неизвесен.

Пријателката на Филип, кај која престојувал Чопер вели дека многу здруженија за животни се понудиле за помош, но добивале и шеговити повици. До сега ги контактирале повеќе граѓани дека наводно го виделе Чопер, но ниту едно од нив не било кучето по кое се трага.

Апелот за пронаоѓање на кучето Чопер кој се шири на социјалните мрежи

Тие се тука уште неколку дена, но велат дека доколку е потребно, подготвени се да останат подолг период за да го најдат кучето.

„Во најлош случај, доколку не го најдеме, а си отидеме, имаме луѓе тука кои ни рекоа дека ќе го причуваат додека да можеме да го земеме ако некој го најде Чопер“, вели Филип.

Тој бил изненаден од помошта од јавноста и од пораките за поддршка од здруженијата за животни и се заблагодарува за ангажираноста на луѓето.

Додава и дека добиле многу понуди од луѓе, доколку кучето се најде, да престојува привремено со нив, додека се тие во странство.

Чопер беше изгубен кај Дајмонд Мол, а последен пат е виден во близина на хотелот „Холидеј Ин“ кај ГТЦ.