Кучето Боби ја изгуби титулата „најстаро куче на светот“, по истрага на Гинисовата книга на рекорди

Организацијата соопшти дека повеќе ги нема потребните докази за да се поддржи тврдењето дека Боби е рекордер

Кучето Боби / VOA, Public domain, via Wikimedia Commons

На кучето Боби, кое почина минатата година, наводно на 31-годишна возраст, му е одземена титулата за најстаро куче на светот, по истрагата на Гинисовата книга на рекорди. Ова го соопштија вчера од организацијата, а пренесува Си-ен-ен.

Боби беше познат како најстаро куче на светот пред привремено да ја загуби титулата во јануари во очекување на резултатот од истрагата на Гинисовата книга.

Организацијата соопшти дека „повеќе ги нема потребните докази за да се поддржи тврдењето дека Боби е рекордер“.

„По загриженоста покрената од ветеринарите и другите експерти, како приватно, така и во јавните коментари, и по наодите од истрагите спроведени од некои медиуми, сметавме дека е важно да се отвори преглед на досието на Боби“, изјави Марк Мекинли, директор на Гинисовата книга на рекорди.

Централно место во доказите за возраста на Боби биле податоците од микрочипови добиени од базата на податоци на португалската влада, но во базата немало докази за кучињата родени пред 2008 година.

„Со дополнителната ветеринарна изјава дадена како доказ за возраста на Боби, исто така цитирајќи ги податоците од микрочипот, останавме без убедлив доказ што може дефинитивно да го докаже датумот на раѓање на Боби“, додаде Мекинли.

На сопственикот на кучето Боби му биле соопштени наодите од истрагата и тој најавил дека ќе ги процени сите нови докази што ќе бидат обезбедени.

Засега не е јасно кој ја носи титулата најстаро куче.

„Сè уште не сме во позиција да потврдиме нов носител на рекордот, иако секако се надеваме дека публицитетот околу титулата на рекордот ги охрабрува сопствениците на домашни миленици од целиот свет да стапат во контакт“, рече Мекинли.

Кучето Боби се најде на насловните страници минатата година кога од Гинисовата книга на рекорди беше крунисано за најстаро куче на светот досега, соборувајќи го претходниот рекорд. Боби почина во октомври на официјална возраст од 31 година и 165 дена.

Доведени во прашање беа и старите фотографии од кучето, кои наводно покажуваат различни шари на неговото крзно, па некои ветеринари тврдеа дека се работи за сосема друго куче.