Контроверзниот Милан Радоичиќ ја презеде одговорноста за нападот кај Бањска

Тој ја информираше јавноста дека се повлекува од функцијата потпретседател во партијата Српска листа, нагласувајќи дека неговата политичка инволвираност во оваа партија „нема никаква врска со неговото враќање на Косово“

-

Контроверзниот бизнисмен Милан Радоичиќ, кој беше осомничен од косовската полиција за оружениот инцидент кај селото Бањска, денеска ја презеде одговорноста за нападот врз косовската полиција, пренесува Радио Слободна Европа. Неговиот адвокат јавно го објави неговото писмо, во кое стои дека токму тој ги направил сите логистички подготовки за, како што стои во писмото, „одбрана на нашиот народ од окупаторот“.

Потпретседателот на Српската листа, Милан Радоичиќ, ја презеде одговорноста за нападот врз полицијата во селото Бањска, изјави на 29 септември неговиот адвокат Горан Петронијевиќ.

Петронијевиќ е претставник на Милан Радоичиќ и јавно објави дел од неговото писмо во кое тој признава вина.

„Јас, Милан Радоичиќ, поради многубројните шпекулации, ја известувам јавноста дека заедно со моите сонародници дојдов на северот на Косово во атарот на селото Бањска. Причината за нашето враќање е да го поттикнеме српскиот народ да пружи отпор на теророт на режимот на Курти и во давањето заштита на нашите луѓе кои секојдневно се изложени на тој терор“, се вели во писмото.

Во писмото, Радоичиќ нагласува дека тој лично го организирал нападот.

„Јас лично ги направив сите логистички подготовки за одбрана на нашиот народ од окупаторот, а овој мој чин нема никаква врска со мојот претходен политички ангажман“, стои во писмото.

Во писмото на Радоичиќ се наведува и дека тој „не известил никого од српските власти и локалните политички структури на северот на Косово“, ниту пак добил „некаква помош“ од некој од нив.

Радоичиќ посочува дека со нив имал различни ставови во однос на „претходните методи за отпор на теророт на Курти“.

Во писмото на Радоичиќ стои и дека напаѓачите не се „никакви терористи“, туку „борци за слободата на сопствениот народ“.

Во писмото, Радоичиќ објаснува и дека убиството на косовскиот полицаец било „случајно“, по што започнал „жесток конфликт меѓу двете страни“.

Тој ја информираше јавноста дека се повлекува од функцијата потпретседател во партијата Српска листа, нагласувајќи дека неговата политичка инволвираност во оваа партија „нема никаква врска со неговото враќање на Косово“.

Радоичиќ извести и дека ќе одговори на поканата на властите на Република Србија. Неговиот адвокат пак негираше дека Радоичиќ е ранет во Бањска.

Ова е првпат Радоичиќ јавно да излезе со реакција по нападот на вооружена група врз косовската полиција во селото Бањска во општина Звечан на северот на Косово на 24 септември, кога беше убиен еден косовски полицаец.

Во конфликтот меѓу косовската полиција, која ги опколи напаѓачите, и вооружената група загинаа вкупно тројца напаѓачи, а шестмина од нив беа приведени.

Македонија и Србија испитуваат можности за гасно поврзување

Македонија и Србија ќе ги испитуваат можностите за спојување со гасен интерконектор, кој треба ќе биде една нова директна врска меѓу од Јужниот гасен коридор на ЕУ и Трансбалканскиот...