fbpx

Комбинираниот билет за воз и автобус во Скопје ќе чека подобри времиња

-

Воведувањето на комбиран билет за воз и јавен превоз во Скопје засега ќе остане само една добра замисла. И покрај тоа што пролетва и Градот Скопје и Железници на РСМ – Транспорт пројавија интерес за еден ваков проект, во моментов нема никаков конкретен чекор што е преземен кон профункционирање на можноста граѓаните со една карта да извршат трансфер од воз во скопскиот јавен превоз за да стигнат до посакуваната дестинација.

Од ЈСП – Скопје за „Мета.мк“ велат дека тие не се надлежни за воведувањето на комбинираниот билет за воз и јавен превоз. За било каква иницијатива од ваков вид мора најпрво Градот Скопје да донесе одлука за негово воведување. До градските власти испративме прашања за оваа тема уште минатата недела, но не добивме одговор до денешен ден.

Од Железници на РСМ – Транспорт уште пролетва изјавија дека се согласни да соработуваат за реализација на овој проект. Комбинираниот билет за воз и јавен превоз најмногу би им користел на жителите од соседните градови Велес и Куманово, кои секојдневно патуваат во Скопје на школо или работа. Покрај тоа што се приморани да плаќаат железнички билет, откако ќе се симнат од воз, тие мора да купат картичка „Скопска“, постојано да ја надополнуваат и да патуваат поскапо до нивната крајна дестинација.

За разлика од македонскиот главен град, комбинираниот билет за воз и јавен превоз е стандардна понуда на патниците кои патуваат со воз во Германија. Државната железница „Дојче бан“ во над 120 германски градови им овозможува на своите патници со бесплатен јавен превоз да патуваат од и до железничката станица од каде што пристигнува или поаѓа возот.

И во Белгија тамошната национална железница на своите патници им овозможува да купат комбиниран дневен или сезонски билет за патување со воз и средствата за јавен транспорт во тамошните градови.

По примерот на овие земји, загрепскиот ЗЕТ – Транспорт и Хрватски железници веќе трета година по ред го применуваат моделот за интегриран превоз, со кој на жителите од околните градови им е овозможено со една заедничка карта, поевтина за 35 отсто, да користат воз до Загреб и јавен превоз во главниот град. Само лани во Загреб биле продадени околу 57.000 билети за комбиниран превоз, а со ваквиот превоз се превезени околу 2,5 милиони патници.

Конечно, и Белград наскоро повторно ќе го воведе системот „Беовоз“, со кој околните градови Панчево, Младеновац и Лазаревац ќе бидат поврзани со воз до главниот град, во рамките на интегрираниот тарифен систем за јавен превоз на Белград. Во овој град веќе постои градската железница „БГ ВОЗ“, во чии рамки „Србија воз“ и Градот Белград заедно соработуваат во одржување на двете градски железнички линии што се дел од интегрираниот систем за јавен превоз „Бео Плус“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...