Белгискиот политичар е осуден затоа што јавно го негирал холокаустот и ширел расистички говор

Ван Лангенхов е политички активист и водач на фламанско-националистичко младинско движење наречено Schild & Vrienden и тој е осуден за поттикнување насилство и негирање на холокаустот, што во Белгија е казниво со закон

Фото: Исечок од рецензираниот Фејсбук пост

Белгискиот политичар Дрис Ван Лангенхов не бил осуден само затоа што споделувал навредливи мемиња во група за разговор. Тој бил осуден за говор на омраза, за ширење расистички, нацистички и негационистички говор. Ван Лангенхов е политички активист и водач на фламанско-националистичко младинско движење наречено Schild & Vrienden, тој е осуден за поттикнување насилство и негирање на холокаустот, што во Белгија е казниво со закон, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Анализираме објава на Фејсбук во која се тврди дека белгиски политичар бил осуден на затвор, бидејќи учествувал во група која споделувала навредливи мемиња.

Белгијски политичар #осуден на една година #Затвор за учество во група со НАВРЕДЛИВИ МЕМИЊА. Ова доаѓа и у #Северна, стои во објавата.

Објавата споделува твит во кој се вели:

Ова е лудост. Белгискиот политичар Дрис Ван Лангенхов е осуден на 1 ГОДИНА затвор бидејќи бил во групен разговор со навредливи мемиња. Слободниот говор е на смртна постела.

Точно е дека белгискиот политичар Дрис Ван Лангенхов бил осуден на затворска казна затоа што учествувал во група која споделувала навредливи мемиња, но она што објавата која ја анализираме испуштила да го каже е дека тој споделувал расистички, антисемитски и други екстремистички коментари и дека водел екстремно десничарско, конзервативно, фламанско националистичко младинско движење.

Кој е Дрис Ван Лангенхов и за што е осуден

Судот во Белгија во вторникот го осудил истакнатиот десничарски активист Дрис Ван Лангенхов на една година затвор за водење на организација за која судијата рече дека шири „расистички, нацистички и негационистички говор и говор на омраза“, во големата пресуда за тоа како нацијата се справува со екстремизмот, јави Асошиејтед прес.

Обвинетиот беснееше со нацистичка идеологија, која предизвикува и продолжува да предизвикува неописливи страдања на безброј луѓе. Досието покажа дека тој сака да го поткопа демократското општество и да го замени со општествен модел на надмоќ на белата раса, рекол судијата Јан Ван ден Берге, пренесува АП.

Петмина членови на екстремистичката група што ја предводел Ван Лангенхов добиле условни казни, вклучително и двајца кои работат за екстремно десничарската партија Фламански интерес, која треба да оствари големи придобивки на изборите во јуни.

Тие биле обвинети дека користеле група за разговор за размена на расистички, антисемитски и други екстремистички коментари. На Ван Лангенхов, поранешен белгиски парламентарец, му беа суспендирани некои од неговите граѓански права на една деценија, што го прави неподобен за функцијата, додава АП во својот напис.

Веста за пресудата за Ван Лангенхов ја пренесоа повеќе светски медиуми, меѓу кои и Политико и Брисел тајмс.

Дрис Ван Лангенхов, политички активист и водач на фламанско-националистичко младинско движење наречено Schild & Vrienden, беше осуден за поттикнување насилство и негирање на холокаустот, одлучи во вторникот наутро кривичниот суд во Гент, пишува Политико.

Дрис Ван Лангенхов, основачот на екстремно десничарското движење Schild & Vrienden, е осуден на една година ефективна затворска казна за прекршување на законот за расизам и негационизам, стои во написот на Брисел тајмс.

Во септември 2018 година беше покрената кривична истрага откако документарната програма на ВРТ Пано откри дека членовите на Schild & Vrienden споделувале меѓу себе расистички и антисемитски пораки.

Разговорите на страницата Schild & Vrienden вклучувале шеги и мемиња за сè, од глад во Африка до концентрациони логори на Холокаустот.

Кривичниот суд во источнофламанскиот град Гент го осуди поранешниот федерален пратеник Дрис Ван Лангенхов на една година затвор за прекршување на законот за расизам и негационизам. Основачот на Schild & Vrienden, екстремно десничарско, конзервативно националистичко младинско движење, исто така беше осуден на условна затворска казна од 10 месеци, откако исто така беше прогласен за виновен за прекршување на законот за поседување оружје. Граѓанските права на г-дин Ван Лангенхов исто така се одземени за период од 10 години и тој е казнет со вкупно 16.000 евра, јави ВРТ.

Во јуни 2019 година, Дрис Ван Лангенхов беше официјално обвинет. Првично тој не беше обвинет за негационизам. Сепак, две граѓански партии поднесоа жалба и Обвинителниот совет одлучи дека треба да му се суди пред кривичниот суд под обвинение за прекршување на законите за расизам и негационизам и за поседување оружје, додава ВРТ.

 

Белгија го забранува јавното негирање на Холокаустот

Schild & Vrienden (S&V) е екстремно десничарско, конзервативно, фламанско националистичко младинско движење кое е основано во 2017 година и тврди дека е вклучено во метаполитиката. Името е изведено од борбениот крик штит и пријател, за кој се вели дека фламанските бунтовници го користеле  против трупите на францускиот крал во 1302 година.

Белгискиот закон за негирање на Холокаустот, донесен на 23 март 1995 година, го забранува јавното негирање на Холокаустот. Поточно, законот го прави нелегално јавното „негирање, омаловажување, оправдување или одобрување на геноцидот извршен од германскиот националсоцијалистички режим за време на Втората светска војна“. Обвинението го покрена белгискиот центар за еднакви можности. За прекршокот е предвидена казна затвор до една година и парична казна до 2.500 евра.

Според ова, можеме да заклучиме дека белгсикиот политичар Дрис Ван Лангенхов не бил осуден само затоа што споделувал навредливи мемиња во група за разговор. Тој бил осуден за говор на омраза, за ширење расистички, нацистички и негационистички говор. Ван Лангенхов е политички активист и водач на фламанско-националистичко младинско движење наречено Schild & Vrienden и тој е осуден за поттикнување насилство и негирање на холокаустот, што во Белгија е казниво со закон.

Поради тоа, можеме да кажеме дека објавата што анализираме е невистинита.