fbpx

Ќе имаме помалку пари за уметност ако Македонија го изгуби пристапот до европските фондови

Доколку како земја го изгубиме пристапот на средства од програмата Креативна Европа и од други фондови на ЕУ, најголем губитник ќе бидат македонските граѓани поради намалениот пристап до квалитетно преведени книги, филмски наслови или продуцирани филмови

-

Евроамбасадорот Дејвид Гир на 25 јануари годинава предупреди дека Македонија има опасност да го изгуби пристапот до програмите за финансирање на продукција на содржини на ЕУ, доколку до 31 мај 2023 година земјава не ја усогласи својата законска регулатива со медиумската директива на Европската Унија. Помина месец и половина од ваквото предупредување на Гир, но македонските институции засега си ја префрлаат одговорноста за потребата од измени и дополнувања на законите што го третираат медиумскиот сектор.

Дејвид Гир своето предупредување го упати за првпат на јавното претставување на проектот на ЕУ со наслов „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди“. Инаку, токму Европската Унија во моментов го финансира овој проект, со кој се ангажирани и странски експерти за да ги подготват законските измени за усогласување на македонското законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ.

Мета.мк изврши преглед на сајтот на ЕНЕР, при што утврдивме дека постои единствено Известување за почеток на процесот за подготовка на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кое е објавено од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА). Ова известување е објавено на 22 февруари годинава, а во него се наведува дека краен рок до кога треба да се изработи предлог-законот е 31 март. Сепак, нема никаква информација на сајтот на ЕНЕР дали се работи и на измени на Законот за медиуми, кој исто така го регулира медиумскиот сектор.

Во однос на предупредувањето од амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир за потребата до 31 мај да се усогласи македонското со европското законодавство што ги покрива медиумите, Мета.мк испрати прашања до неколку институции, вклучувајќи ги Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за култура, Владата на РСМ, Секторот за европски прашања, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и Агенцијата за филм.

Првичниот впечаток што може да се добие од нашата комуникација по електронска пошта и по телефон со институциите е дека тие меѓусебно си ја префрлаат одговорноста по ова прашање. Од Владата на РСМ нè препратија за ова прашање одговори да бараме во Секретаријатот за европски прашања. Иако добивме ветување од овој Секретаријат дека ќе добиеме одговори на прашањата, до објавувањето на овој текст тие не пристигнаа.

Од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ни одговорија дека Министерството за информатичко општество и администрација е надлежно за носењето закони од медиумската сфера и нè упатија одговорите што се однесуваат на усогласувањето со медиумската директива на ЕУ да ги бараме од ова надлежно министерство. Мета.мк од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) не доби одговори на поставените прашања.

Сепак, во изјава за „360 степени“ од МИОА изјавија дека експертите веќе изработиле ГАП-анализа која јасно ги идентификува сите барања на Директивата на ЕУ кои не се рефлектирани во националното законодавство.

„Врз основа на таа ГАП анализа ние ја изготвивме првата нацрт-верзија на предлог законот. Имаше неколку интерни состаноци помеѓу експертите и работната група, деновиве се очекува објава на првата верзија на нацрт-законот, потоа треба да изминат 20 дена кога ние ќе прибираме предлози, различни сугестии и мислења, работната група ќе работи на одговор на истите и до крај на 31 март или почеток на април се очекува истиот да биде поднесен за усвојување до Влада“, изјавија за „360 степени“ од МИОА.

Тим лидерката на проектот на ЕУ за слобода на изразување во земјава, која работи на законските измени за усогласување на македонското законодавство со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ, за „360 Степени“ појаснува дека нова европска директива овозможува поизедначен терен со телевизиите (и радијата) и ‘он-деманд’ сервисите, поголема заштита на малолетниците и зголемување на обврските за содржина пристапна за луѓето со попречености, како и регулирање на платформите за споделување видеоматеријали.

Пристапот до европски фондови значи поквалитетна уметност

Кога евроамбасадорот Дејвид Гир во јануари годинава предупреди дека Македонија би можела да го загуби пристапот до програмите за финансирање на продукција на содржини, доколку до 31 мај не го усогласи своето законодавство со европската директива, тој првенствено мислеше на програмата „Креативна Европа“.

Од Министерството за култура за Мета.мк објаснуваат дека програмата „Креативна Европа“ е составена од две потпрограми – Култура и МЕДИА и интерсекторска програмска линија.

„Потпрограмата ‘Култура’ наменета за културните и креативните сектори ја спроведува Министерството за култура, додека потпрограмата ‘МЕДИА’ наменета за аудиовизуелниот сектор (пред се филм) ја спроведува Агенцијата за филм. Интерсекторската програмска линија треба да започне да ја администрира Министерството, во тесна соработка со Агенцијата за филм“, велат од Министерството за култура.

Врз основа на досегашните резултати што ги постигнале македонските организации во потпрограмата ‘Култура’, од ова министерство се задоволни од учеството на земјава остварено во првите две години од имплементацијата на програмата „Креативна Европа 2021 – 2027“.

„Во рамки на стандардните категории: Проекти за соработка, Циркулација на европски книжевни дела, мрежи и платформи учествуваат односно поддржани се околу 30 македонски организации со повеќе од 3.000.000 евра поддршка од ЕУ“, информираат од Министерството за култура.

Преку потпрограмата ‘Култура’, европски средства користеле национални установи, здруженија на граѓани, приватни организации, издавачки куќи, општини и други организации од земјава, објаснија од министерството.

Доколку како земја го изгубиме пристапот до овој европски фонд, македонската читателска јавност ќе биде најголем губитник од ваквиот погубен потег. Доволно е секој читател само површно да помине низ книгите на македонски јазик издадени во последниве години, за да утврди дека финансирањето на преводите на извонредни странски автори е потпомогнато токму преку програмата „Креативна Европа“. Издадени се десетици квалитетни преводи од странски автори на македонски јазик од  „ИЛИ-ИЛИ“, „Антолог“ и други македонски издавачки куќи.

Фото: Мета.мк

Прашања на оваа тема поставивме и до Агенцијата за филм за тоа колкави финансиски средства земјава има добиено преку програмата „Креативна Европа“, но и како ќе влијае врз македонската продукција на филмови евентуалното донесување на одлуката од ЕУ за да се прекине пристапот до финансии од овој европски фонд. Одговори на поставените прашања не добивме.

За разлика од нив, од Кинотеката на Македонија за Мета.мк објаснуваат дека веќе користеле финансиски средства преку потпрограмата МЕДИА на „Креативна Европа“. Кинотеката е членка на мрежата Еуропас синемас, која пак е финансирана преку преку потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа. Од 2019 до 2022 година, Кинотеката добила средства во висина од 25.225 евра преку Еуропас синемас, информираат за Мета.мк од оваа институција.

Исто така, Кинотеката на Македонија во 2021 и 2022 година учествувала и во проектот „A Season of Classic films“, како иницијатива на Европската асоцијација на кинотеки (АЦЕ), финансирана преку потпрограмата МЕДИА на Креативна Европа.

„Дел од трошоците за дигитализација на филмовите со кои учествувала во проектот (со филмовите Мирно лето, Фросина и три филма на Вера Кличкова), се покриени од страна на АЦЕ“, велат од Кинотека на Македонија.

Преку овој конкретен проект финансиран преку програмата Креативна Европа, Кинотеката на Македонија во 2021 и 2022 година има добиено финансиски средства во висина од 16.108 евра.

Инаку, предупредувањето на евроамбасадорот Дејвид Гир дека земјава ќе го изгуби пристапот до програмите за финансирање на продукција на содржини на ЕУ ако до 31 мај не ја усогласи својата законска регулатива со медиумската директива на ЕУ, доаѓа по многуте укажувања и предупредувања од страна на Европската комисија. Откако државата останала глува на потребата за приспособување на македонската со европската регулатива, ЕУ реши да го смени пристапот и да ѝ зададе краен рок на земјава за да се усогласување со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Двојно убиство во село Габреш, 67 годишник со пиштол си ја убил сестра си и внукот

Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило две кривични дела – Убиство од член 123 став...