Најевтино ќе чини автопатот Тетово-Гостивар, за Гостивар-Кичево ќе се издвојат најмногу пари

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми денеска рекоа дека постапката за избор на надзорот за изградбата на четирите автопати е спроведена според законските прописи

Извор на фотографија: Архива на ЈП за државни патишта

Автопатот Гостивар-Кичево ќе биде најсложен за градба и ќе чини најмногу средства од четирите проекти што ќе ги реализира американско-турскиот конзорциум „Бехтел-Енка“ во земјава. За делот меѓу Гостивар и кичевското село Букојчани, каде треба да се изградат 30,3 километри, е предвидено да се издвојат 560 милиони евра. Ова беше кажано на денешниот брифинг на министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми.

Мета.мк веќе пишуваше дека за да се доврши автопатот Гостивар-Кичево земјава ќе подигне дополнителни средства за изведба на секцијата од Букојчани до Кичево, односно додатни 130 милиони евра за 12,7 километри автопат. Сепак, оваа трета, последна секција од автопатот е наједноставна за градење, бидејќи минува низ рамничарски терен. Неа ќе ја гради фирма која ќе биде дополнително избрана на тендер, надвор од договорот што е потпишан со „Бехтел-Енка“.

Наспроти Гостивар-Кичево кој ќе биде најскап за изградба, на денешниот брифинг беше најавено дека најевтин за изведба ќе биде автопатот Тетово-Гостивар, каде за 17 километри автопат ќе се издвојат 125 милиони евра. Со овие средства треба да се изгради трета коловозна лента во двата правци, да се рехабилитира постојната траса, а проблем се и надвозниците над постојниот пат, под кои сега има простор само за две коловозни ленти во секој правец. Мета.мк подолг период наназад пишуваше дека трасата меѓу Тетово и Гостивар е најфреквентна во земјава.

На проектот за автопатот Прилеп-Битола, на кракот Д од Коридорот 10, за изведба на 40 километри автопат ќе се издвојат 260 милиони евра. Дополнителни 360 милиони евра ќе чини изградбата на 22 километри од автопатот Требениште-Струга-Ќафасан. Финансиските средства што беа соопштени за автопатите беше образложено дека засега се првични, бидејќи за секоја делница допрва ќе се изработува елаборат и ќе се довршува проектната документација.

На денешниот брифинг беше најавено дека изградбата најпрво ќе започне во април годинава на трасите меѓу Тетово и Гостивар, како и меѓу Прилеп и Битола.

Рустеми и Бочварски денеска најавија дека двата автопати ќе бидат изградени за четири години и седум месеци. Притоа, за експропријација на земјиштето долж овие патни правци ќе бидат издвоени дополнителни 238 милиони евра. Инаку, од годинешниов буџет на Министерството за транспорт и врски се предвидени 244 милиони евра за изведба на автопатите, а истата сума ќе се издвојува и во наредните години.

Властите тврдат дека нема проблеми со надзорот

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми денеска рекоа дека постапката за избор на надзорот за изградбата на четирите автопати од 1,3 милијарди евра е спроведена според законските прописи. Властите тврдат дека фирмите „Евро консалтинг“ и „Ептиса“, кои се дел од конзорциумот предводен од „ИРД инженеринг“, немаат забрана за учество на тендери.

Од ЈП за државни патишта за фирмата „Ептиса“ велат дека добила забрана од државата за ангажирање на надзор над градежните работи поради неетичко и непрофесионално однесување во проектот за изградба на железничката пруга Куманово-Бељаковце, но десет недели потоа Владата ја поништила таа забрана.

На денешниот брифинг беше кажано дека ниту една од компаниите што се вклучени во конзорциумот за надзор над изградбата на автопатите на Коридорите 8 и 10д немала забрана за работа, така што таа не може да биде исклучена од постапката за избор на надзор над градежните работи.

ВМРО-ДПМНЕ вели дека има проблем

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска побараа Владата веднаш да го поништи тендерот за надзор при изградбата на автопатиштата на коридорите 8 и 10д, а Јавното обвинителство да отвори постапка, бидејќи кај три од четирите компании од конзорциумот имало големи неправилности и криминал.

Тие обвинуваат дека за компанијата Ептиса, која имала кинески капитал, се менувала тендерската постапка се со цел да може да учествува и да го добие тендерот. За Евро консалтинг каде што сопственик е Бранимир Димитријевиќ, велат од ВМРО-ДПМНЕ, станувало збор за лице барано со меѓународна потерница од Ерменија за сторен криминал во вредност од над 1,8 милион долари.

Кај третата компанија Електра Солушан имало неправилности при тендерската постапка и руски капитал, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие велат дека првиот тендер за надзор на автопатиштата бил поништен, но откако бил раскинат првиот договор со ИГХ, се распишал нов оглас, а во период на распишување на новиот оглас, Електра Солушн поднела барање за лиценца за надзор на објекти од прва категорија, која и ја добила среде јавен повик за поднесување на понуди.

„По добивањето на лиценцата на Електра Солушн, се менуваат условите на тендерот, се продолжува рокот за доставување на понуди, и се овозможува фирми загубари како ЕПТИСА и Електра Солушн да бидат дел од работата. За да ја добие лиценцата за надзор компанијата на Ампов потребно е да има одреден број на вработени со соодветна стручна спрема и за таа цел дел од вработените во Институт за патишта Велес, кој се поврзува со руската врска од првиот тендер се пријавуваат и во Електра Солушн на работно време од 10 часа неделно“, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.