Meта факт: Mладите лекари не добија субвенција за стан, ниту грантови да отворат ординации во рурални средини

Фото: Prasesh Shiwakoti (Lomash) on Unsplash

Во Програмата за работата на Владата на Република Северна Македонија, предводена од премиерот Димитар Ковачевски, има ветувања дека ќе ги стимулираат младите лекари да работат во руралните средини со тоа што ќе им додели грантови за да отворат ординации, како и дека сите оние млади лекари кои се на специјализација, а кои живеат надвор од Скопје, ќе добијат субвенција за да дојдат до свој дом. Мета доби потврда дека до овој момент не се работи на исполнување на овие две ветувања, па затоа, ги оценуваме како неисполнети.

Во Програмата за работа на Владата за периодот 2022-2024 година има политики кои се однесуваат на младите лекари во земјата. Во делот именуван како „Стабилен и модерен здравствен систем“ на страница 38, меѓудругото, наведено е следното:

„Владата ќе ги спроведува следните политики – Стимулирање на млади лекари да работат во рурални средини, преку доделување на грантови на млади лекари кои сакаат да отворат ординации во рурални средини; Сите лекари на специјализација со живеалиште надвор од Скопје кои го немаат решено станбеното прашање ќе добијат субвенција.“

Мета.мк се обрати во Владата за одговори во врска со овие ветувања напишани во владината програма, но оттаму ни рекоа дека за оваа тема треба да се обратиме во Министерството за здравство. На службената електронска адреса на ова министерство, Мета.мк испрати прашања на 13 јануари годинава. Откако не добивме одговори, повторно испративме прашања на 1 февруари, а откако и тогаш не добивме информации за овие две ветувања за младите лекари во земјава, прашањата ги испративме и по трет пат, на 22 февруари.

Прашањата што ги поставивме беа: Дали е започнат процесот на стимулација на млади лекари да работат во рурални средини? Дали веќе им доделувате грантови на оние кои отвораат ординации во рурални средини? Колку грантови досега се доделени, односно, колку ординации се отворени во државата? Во однос на второто ветување, колку лекари кои се на специјализација со живеалиште надвор од Скопје, а кои го немаат решено станбеното прашање, досега добиле субвенција од Владата? За колкава сума станува збор?

Одговори на овие прашања до денеска Мета.мк не доби.

Во потрага по одговори на оваа тема, дали барем нешто од овие ветувања во пракса се исполнува, поразговаравме со спец. д-р Божидар Кочоски од Клиниката за хематологија, кој е претседател на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

„Досега ваков тип на предлог или решение нема, а со самото тоа можеме да ви потврдиме дека на терен вакво нешто во моментов не се спроведува. Постојат одреден вид на стимулации кои ги дава фондот за вработување на млад лекар, но тоа ни од далеку не е доволно за да одговори на потребите за секојдневно функционирање, како и некаква идна доедукација на тој лекар. Во делот на субвенциите за лекари кои живеат надвор од Скопје, во моментов единствено постои исплата за одвоен живот која ја добиваат државните специјализанти, но и таквиот тип исплата многу често е нередовна и доцни“, вели спец. д-р Кочоски.

Како што објаснува претседателот на оваа Асоцијација, Министерството за здравство,  па и сите други релевантни здравствени власти ретко кога бараат совет од младите лекари.

„Не сме повикани, не само за овие прашања, туку и за секаков вид на други одлуки кои не засегаат лично нас. Иако многу често и директно за буквално никаков надомест сме се нуделе да помогнеме, да дадеме предлози, да ги нотираме мааните на досегашните донесени одлуки и правилници, не сме повикани и поканети, најверојатно поради тоа што знаат дека ќе ги кажеме реално работите, а сето тоа ќе даде една поинаква слика на нивната розева слика која сакаат да ни ја претстават“, смета д-р Кочоски.

Врз основа на сите одговори од надлежните институции, можеме да заклучиме дека владиното ветување за субвенција за дом на специјализантите кои живеат надвор од Скопје, како и ветувањето дека младите лекари кои сакаат да отворат ординации во рурални средини ќе добијат грантови, досега не е исполнето.

 

ИЗВОРИ: 

Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија за периодот 2022-2024 година, проверено на 13 март 2023 година;

Веб-страница на Влада на РСМ, „Вложуваме во јавното здравство“, проверено на 13 март 2023 година;

Aсоцијација на специјализанти и млади лекари, изјава испратена на електронска адреса.