fbpx

Да се усогласиме со медиумската директива на ЕУ за да не изгубиме пристап до програмата Креативна Европа

-

До 31 мај годинава Македонија ќе треба да се усогласи со медиумската директива на Европската Унија (ЕУ) за да не го изгуби пристапот до програмите за финансирање на продукција на содржини, меѓу кои е и програмата Креативна Европа. На ова денеска предупреди амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир на денешното јавно претставување на проектот на ЕУ „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди“.

Како посебна форма на поддршка, Европската Комисија ѝ овозможи на Северна Македонија продолжување на рокот за усогласување со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги од 6 месеци, што е многу важно да се испочитува и да се спроведат итните реформи, појасни Гир.

Амбасадорот на ЕУ во земјава Дејвид Гир на настанот укажа дека во 2018 година ЕУ ја прифати медиумската директива, со цел да се воспостават јасни правила во насока на заштита на децата и младите и во функција на спротивставување на говорот на омраза. 

Во однос на земјава, амбасадорот Гир посочи дека сè уште не е спремна да се вклопи во овие рамки и затоа ЕУ преку овој проект ѝ помага да ја хармонизира законската рамка за да се соочи со регулаторните и саморегулаторните предизвици, особено оние поврзани со новата дигитална средина.  

Усогласувањето со медиумската директива, освен за медиумите, важна е и за креаторите на аудиовизуелни содржини, кои може да бараат поддршка од ЕУ за својата работа преку низа програми, од кои најголема е Креативна Европа (Creative Europe).  

Министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити на денешниот настан рече дека за него не постојат подобни или неподобни медиуми, без разлика дали се радиодифузни, печатени или онлајн – социјални медиуми, оти сите  тие си имаат своја функција и публика што ги следи. Министерството за информатичко општество и администрација преку новиот проект ќе работи на унапредување на законските рамки – регулацијата и поддршка на механизмите за саморегулација во медиумската сфера. 

Алити посочи дека нашата држава забележа скок на Индексот на слобода на печатот  на „Репортери без граници“, што е причина и за задоволство но и незадоволство оти целта е уште повеќе да се подобри ситуацијата. Реформите во медиумскиот простор  треба да бидат во континуитет и да не завршат со одредени проекти, туку се „жив процес“ кој мора постојано да се надградува. 

Нам како општество ни е потребен независен јавен радиодифузен сервис и регулатор кој проактивно ќе ја следи состојбата во медиумите, изјави министерот за информатичко општество и администрација.   

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска укажа дека слободата на изразување е еден од најважните приоритети на културниот сектор, бидејќи е услов за авторите и уметниците да покренуваат и водат јавна социјална дебата во и надвор од институционалните и артистички дискурси.  

Министерството за култура и Агенцијата за филм се партнери со ЕУ во рамки на програмата Креативна Европа, како единствен стратешки инструмент за ЕУ за поддршка на културниот и аудиовизуелниот сектор, каде има видлив напредок во спроведување проекти на национално и транснационално, регионално и европско ниво, во кои учествуваат автори од Република Северна Македонија.  

Со унапредување на економската заштита и работничките права на новинарите, кои се дел од проектот што започнува, се унапредува негувањето на слободата на изразување како една од основните европски вредности и наша одговорност е да се постигнат европските стандарди кои овозможуваат напредок на нашата заедница од сите аспекти. 

Зоран Трајчевски, директор на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) укажа дека медиумската регулација постои за да се заштити слободата на медиумите, јавниот интерес и разновидноста – плурализмот во медиумите. Поради разликите меѓу традиционалните и онлајн медиуми, не може за сите да се применува иста законска рамка, па затоа и Европската Унија преку низа директиви и регулации има развиено механизми, на кои треба да се прилагоди и законската рамка во нашата земја.  

Особено е важно да се обезбедат независноста на регулаторот, финансиска и политичка, како и неговата одговорност и транспарентност, за да може да ја спроведува својата улога како клучен фактор за заштита на слободата на медиумите.  

Во рамки на проектот се спроведува и анализа за да се утврдат и финансиските и други потреби за соодветно да се одговори на предизвиците со кои ќе биде соочен регулаторот при примената на новата легислатива.  

Раководителката на проектот, Диердре Кевин укажа дека основна цел на проектот е усогласување на законските рамки со Директивата за аудиовизуелни сервиси на ЕУ, осигурување на институционалниот капацитет и независноста на регулаторното тело АВМУ, ажурирање на легислативата со цел да се обезбеди финансиска стабилност и независност на јавниот сервис, како и остварување на низа права поврзани со слободата на медиумите и условите за работа на новинарите.  

Преку инклузивен процес на јавни консултации, проектот ќе изработи предлози на амандмани на законите со кои се регулира медиумската сфера, со цел да се усогласат со европските стандарди.  

Направена е анализа на тековната легислатива и првата фаза на проектот ќе опфаќа споредба со состојбата во другите земји, па преку дискусии, консултации и анализи кои ќе се дојде до втората фаза, којашто ќе значи унапредување на законските рамки. 

Платформите за споделување видео-содржини се опфатени со законските рамки и овие аспекти ќе треба да се ажурираат во согласност со новите правила воведени со Директивата. Други области се заштита на публиката од штетни влијанија и промоција на саморегулација и корегулација, изјави раководителката на проектот.   

Бидејќи законските рамки во РСМ се воглавно усогласени со претходните верзии на европски регулативи, според Кевин, во областите на ограничен пристап и заштита на малолетници ќе бидат потребни мали, но клучни промени. Така, за аудиовизуелните медиумски сервиси мерките за заштита на публиката од содржини што поттикнуваат омраза и насилство ќе треба да се прошират со заштита од поттикнување тероризам.   

Новата легислатива предвидува поголема либералност за медиумите во однос на рекламирањето, но и мерки на заштита на децата во однос на рекламирање на храна и пијалаци што се штетни за здравјето, вклучително и оние поврзани со зголемување на нивото на шеќер.  

Проектот „ЕУ за слободата на изразување: усогласување на националното законодавство за медиуми со правото на ЕУ и европските медиумски стандарди“ е започнат во септември минатата година, а на денешниот настан за првпат беа претставени клучните цели на овој проект. Станува збор за негово јавно претставување и е почеток на јавна дебата, која ќе се состои од низа консултации со сите засегнати страни.  

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...