Изборните резултати во Македонија, во Грција го отвораат прашањето кој и каков ќе биде новиот соговорник околу преговорите за името. Грчкиот весник „Катимерини“, повикувајќи се на извори од Обединетите нации, пренесува дека посредникот Метју Нимиц е подготвен да ги реактивира преговорите кои се на стенд бај поради внатрешно-политичките проблеми во Македонија и во Грција изминативе две години.

„Нимиц сака да што побргу одново да го почне посредувањето за преговорите. Изгледа подготвен да ги посети двата главни града на почетокот од годината, откако во Скопје ќе се формира влада, за да ги испита намерите на новата влада, но и на Атина. Откако ќе добие целосна слика, ќе врати со конкретни идеи и предлози. Посредникот на ОН, кој во септември се сретна со министрите за надворешни работи на двете држави, од искуство знае дека услов за напредок во преговорите е да постојат силни влади и во двете држави“, пишува „Катимерини“.

Според грчкиот весник, западните дипломати стравуваат дека доколку се формира слаба и нестабилна влада, таа тешко ќе може да биде силен преговарач за поскоро затворање на спорот за името. Се истакнува дека каков договор и да биде постигнат меѓу двете страни, ќе биде неопходно да биде одобрен од широко мнозинство во македонскиот парламент. Но, поради сегашните услови, проценките се дека секој можен предлог веројатно ќе биде ставен на референдум и ќе биде неопходна силна политичка поддршка за тој да може да помине.

„Катимерини“ коментира дека меѓународната јавност особено позитивно ги гледа иницијативите на грчката страна и на министерот за надворешни работи, Никос Коѕиас, за интензивирање на комуникацијата и соработката за да се стопи мразот меѓу двете страни.

„Коѕиас е умерен во однос на ова прашање, направи позитивни чекори како мерките за градење доверба и користи умерена реторика“, изјавил западен дипломат за „Катимерини“, коментирајќи дека иако е тешко да се оцени колку овие обиди ќе бидат корисни да се најде решение, сепак помагаат за еден поконструктивен пристап кон преговорите меѓу двете страни.

За разлика од ставот за Коѕиас, западните дипломати го критикуваат односот на претседателот Прокопис Павлопулос кон македонско-грчките односи, поради неговите постојани радикални коментари околу Македонија.

Генерално, проценките според „Катимерини“ се дека иако Грција покажува волја и отвореност да се нормализираат односите меѓу двете страни, сепак под знак прашалник е колку спорот за името е приоритет за грчката влада, која покрај финансиската криза и мерките за штедење во овој период високо на агендата ги има и грчко-турските односи и решавањето на кипарското прашање.