fbpx

Извештајот на ЕК порачува да се вложат повеќе пари за борба со аерозагадувањето

-

Државата има добри закони и стратегии од областа на заштитата на животната средина, но нема капацитети да ги примени, и тоа најмногу се чувствува кога се во прашање квалитетот на воздухот, заштита на водите, како и управувањето со отпад. Ова е еден од заклучоците поврзани со екологијата во проценката за напредокот на Република Северна Македонија, кои произлегоа од Извештајот на Европската Комисија за 2019 година, кој беше објавен во средата.

Во препораките на ЕК во делот за животната средина и климатските промени стои дека земјава мора да ги примени мерките за подобрување на квалитетот на воздухот преку обезбедување соработка и координација меѓу властите на државно и на локално ниво, но и да обезбеди доволно средства за реализација на тие мерки. Исто така, на Македонија ѝ се препорачува спроведување на усвоените планови за управување со отпад, како и развивање Национален план за енергија и клима, за да ги исполни своите обврски од Парискиот договор и Рамката ЕУ 2030.

Во однос на аерозагадувањето, во Извештајот на ЕК се вели дека недостигот на административни и на финансиски ресурси сериозно го загрозува спроведувањето на мерките за подобрување на квалитетот на воздухот. „Нивото на аерозагадување останува и натаму високо во најголемите градови“, стои во Извештајот, кој посебно ги апострофира слабостите на мрежата за мониторинг на квалитетот на воздухот – државните мерни станици, наведувајќи дека недостигот, пред сè на човечка, но и на техничка и финансиска поддршка во изминатава година, резултирало со прекини во мерењата на загадување на воздухот.

Само за потсетување, во Скопје две од вкупно седумте мерни станици на Министерството за животна средина речиси цела година се надвор од функција, поради дефект. Се работи за мерни станици лоцирани токму во најзагадените делови на Скопје – Гази Баба и Ново Лисиче, додека во дел од мерните станици недостигаат сензори кои мерат поединечни параметри од загадувањето.

О2 Иницијативата уште пред шест месеци предупреди дека од вкупно 18 мерни станици во мрежата на МЖСПП, на 10 не им работат еден или повеќе инструменти. Заменик министерот Јани Макрадули во ноември најави набавка на инструментите потребни за замена на оние кои се во дефект, на почетокот на 2019 година. „Во 2019 година со буџетските алокации и со помошта што ќе ја добиеме од европските партнери, дел набавката на комплетно нови инструменти ќе биде направена брзо на почетокот на 2019 година“, изјави тогаш Макрадули за „Мета“.

 

За ЕК малите хидроцентрали прифатливи ако се според ЕУ стандардиte

Во извештајот се допира и актуелната тема со спорната изградба на малите хидроцентрали во заштитените подрачја во државата. И, додека во Извештајот на ЕК се потсетува дека инвестирањето во хидроцентрали во Македонија треба да биде во склад со релевантните ЕУ директиви за животната средина, Европската комисија сепак не гледа проблем во тоа што таканаречените фид-ин повластени тарифи за производство на електрична енергија од обновливи извори и натаму се однесуваат и на малите хидроцентрали. Екологистите повеќепати истакнувале дека токму фид-ин тарифите со кои се откупува произведената струја по субвенционирана цена од МХЕЦ се мотивот за изградба на преку 80 вакви објекти, изградени на мали, планински реки, често и во заштитени подрачја.

Ова е голем пропуст на Европската Комисија.Иако со новата Уредба за мерки за поддршка се воведуваат премии и за соларна и ветерна енергија, повластените тарифи остануваат непроменети за хидро, биомаса и биогас – смета Давор Пехчевски од невладината „Еко-Свест“, која заедно со неколку други еколошки здруженија веќе неколку години се борат за запирање на изградбата на мали хидроцентрали во заштитените подрачја каков што е Националниот парк „Маврово“.

Екологистите сметаат дека владината уредба за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори, донесена минатата година, несоодветно ја фаворизира изградбата на малите хидроцентрали, кои потенцијално го загрозуваат биодиверзитетот и природните реткости во Македонија и неоправдано ги ставаат во втор план вистински обновливите и за животната средина нештетни извори на енергија какви што се биомаса, биогасот, соларната енергија и ветерот. Според „Еко-Свест“, ваквата стратегија на Владата е спротивна на Насоките на ЕК за државна помош за заштита на животна средина и енергија 2014-2020, кои се обврзувачки преку договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Големи полициски сили во кампусот на УКЛА по судирот меѓу пропалестинските и произраелските демонстранти

Полицијата во опрема за немири пристигна во кампусот на Универзитетот во Калифорнија, каде се судрија пропалестинските и произраелските демонстранти, објави Асошејтед прес. Судирите се случија денеска рано наутро по локално...