Нефункционирањето на инструментите за ПМ10 честички на мерните станици нема да биде прикажано како намалување на загадувањето на воздухот во годишните извештаи, изјави заменик-министерот за животна средина, Јани Макрадули како одговор на новинарско прашање на „Мета“.
– Не, нема да бидат прикажани како намалување на загадувањето бидејќи не работат. Сакам да го потенцирам уште еднаш Планот за чист воздух кој се справува со загадувачите. Дали мерната станица покажува 100 или 150 микрограми на кубен метар е важно, но најбитно е да го спречиме тој што предизвикал 150. Планот се базира токму на тоа, како да го решиме загадувањето – вели Макрадули.
Тој информираше дека со Планот се предвидува во 2019 година да се набават комплетно нови инструменти за веќе постоечките 18 мерни станици. Во мониторингот ќе има предвидување во реално време, односно тридневна проекција на загадувањето.
– Во 2019 година со буџетските алокации и со помошта што ќе ја добиеме од европските партнери, дел набавката на комплетно нови инструменти ќе биде направена брзо на почетокот на 2019 година. Не сакаме ради нецелосниот квалитет на инструментот да направиме проблем. Сакам да кажам дека во една мерна станица има пет или шест различни инструменти, се мерат ПМ2,5 честички, ПМ10, озон, сулфур диоксид и јаглерод. Останува наша обврска до тогаш, можеби со соседните земји, преку нашите колеги од другите министерства, да најдеме можеби времено решение, а новата набавка ќе се случи на почетокот на 2019 година – вели Макрадули.
Инструментите за канцерогените ПМ10 честички на мерните станици во Гази Баба и Лисиче, кои што се едни од најзагадените населби во Скопје, не работат подолго време. Во Гази Баба инструментот е надвор од функција од 14 август односно три месеци, во Лисиче од 5 октомври односно 43 дена.
Последното мерење на станицата во Лисиче за ПМ10 честички било на 5 октомври во 8 часот утрото кога мерната станица покажа 137 микрограми на кубен метар. Три часа претходно во 5 часот утрината покажала 629 микрограми, во 3 часот после полноќ 382 микрограми, а во 1 часот 259.
Освен што граѓаните не можат соодветно да се информираат колку е загаден воздухот што го дишат, нефункционирањето на инструментите во Лисиче и Гази Баба е проблематично затоа што според резултатите од овие мерења се воведуваат предвидените итни мерки.
За воведување на итни мерки потребно е бар две мерни станици во Скопје да покажат среднодневна концентрација на ПМ10 честички над 200 микрограми на кубен метар во последните два дена.
Ова значи дека дури и да има вакво надминување на мерните станици во Лисиче и Гази Баба, кои притоа секогаш се едни од најзагадените населби, тоа не е евидентирано и не може да се преземат мерки.
Пишува: Симона Атанасова