fbpx

Груевски најави оставка од пратеничката функција пред Собранието да гласа за одземање на мандатот

-

Пред Собранието да гласа за одземање на неговиот пратенички мандат поради повеќе од 6 месеци неоправдано отсуство, поранешниот премиер и бегалец од правдата, Никола Груевски, преку својата Фејсбук страница најави дека ќе поднесе оставка од пратеничката функција.

Груевски е осуден на две години затвор во случајот што против него го водеше Специјалното јавно обвинителство за нелегалната набавка на луксузен мерцедес од 600.000 евра. Тој од средината на ноември минатата година не им е достапен на органите на прогонот и според официјалните информации се наоѓа во Будимпешта, Унгарија каде ужива политички азил. Инаку се сомничи во повеќе други процеси, меѓу кои и за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста при нападот на Собранието на 27 април 2017 година.

Груевски во најавата вели дека формално правно ќе го извести парламентот за својата оставка „во наредните денови“. Во својот Фејсбук пост тој тврди дека е лага оти бил против ЕУ, против НАТО и против Албанците или дека проневерил народни пари. Всушност, станувало збор за кампања на Социјал-демократскиот сојуз, од каде не штеделе пари за негово „оцрнување, омаловажување и создавање лажна слика за невистинити работи“. Причината за ваквата црна кампања, според Груевски, е најмногу заради стравот кој на социјал-демократите им влегол во коските. Но, не објаснува од што се плашеле неговите политички противници.

Тој тврди дека е всушност оправдано отсутен, бидејќи бил прогонуван и принуден да побара азил, а во Универзалната декларација за човекови права азилот е вброен како човеково право уште од 1948 година.

Вели дека иако нема правна основа да му се одземе мандатот нема да дозволи пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да „бидат изложени на било какви притисоци, на лажна пропаганда, на непријатности и на медиумски линч“ и не сака преку оваа тема СДСМ „да ги избегнува дебатите за суштинските теми и проблеми кои го засегаат народот“.

Комисијата за мандатно-имунитетни прашања пред неколку дена го изгласа предлогот да му биде одземен мандатот на Никола Груевски, по основ дека е неоправдано отсутен повеќе од шест месеци. Предлогот беше изгласан со пет гласа „за“, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ не гласаа.

Пленарната седница на која две третини од пратениците треба да гласаат „за“ за да му се одземе мандатот, според најавите на претседателот на собранието Талат Џафери требаше да биде закажана по 7 јуни.

Неколку недели пред да се одржи седницата на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, на руската социјална мрежа „Вконакте“ се појави видео (кое потоа беше избришано), каде пратеникот на СДСМ и претседател на Комисијата, Павле Богоевски телефонски нарачува недозволена супстанца.

Богоевски, кој инаку беше еден од водачите на Шарената револуција која го симна Груевски од власт пред три години, најави оставка од пратеничката функција од морални причини. Но, потенцираше дека оставката ќе се ефектуира по гласањето за одземање на мандатот на Груевски на пленарната седница.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украина не мобилизира лица со Даунов синдром

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Украинскиот...