fbpx

Изборите нема да ја одложат реализацијата на инфраструктурните проекти

-

Формирањето на техничката влада на 3 јануари, одржувањето на предвремените парламентарни избори и пост-изборните договарања за новата извршна власт ќе одземат најмалку пет месеци од 2020 година. И покрај ваквата преокупација со политика во најава, државните власти тврдат дека претстојните избори нема да влијаат на одложување на најавените инфраструктурни проекти што треба да почнат да се градат, ниту пак ќе забави изведбата на оние зафати што веќе се во тек.

Во моментов неколку капитални проекти се наоѓаат во фаза на тендерирање, како што е случајот со првата фаза од изградбата на автопатот Скопје – Блаце и пругата Бељаковце – Крива Паланка како втора фаза од железничкото поврзување меѓу Македонија и Бугарија.

Од Јавното претпријатие за државни патишта велат дека не постои законска пречка за да се реализираат започнатите инфраструктурни проекти, за кои веќе се предвидени финансиски средства. Тендерската постапка за автопатот Скопје – Блаце треба да заврши според планираната динамика, а веќе во јануари ќе биде распишан и тендер за избор на изведувач што ќе ја довршува првата фаза од изградбата на експресниот пат Градско – Прилеп.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов на прес – конференција во владата напомена дека сите проекти ќе се изведуваат со непречено темпо.

– Сето она што е во програма, си тече најнормално. Не смее за време на избори да се менува програма и буџет, а останатото се одвива нормално. Таман работа сѐ да застане – посочи Китанов.

И од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ велат дека тие ќе постапуваат во согласност со Изборниот законик, којшто дозволува сите проекти што се влезени во Планот за Јавни набавки за 2020 година да се реализираат во согласност со планираната динамика и рокови.

– Реализацијата очекуваме да се одвива според динамиката и роковите предвидени во договорите – нагласуваат од Министерството за транспорт и врски.

Ова министерство ќе продолжи со реализацијата на проектите за водовод и канализација низ македонските општини, за кои е должно да ги распишува тендерите и да избира најповолен изведувач. Воедно, преку ова министерство догодина треба да се објави и тендерот за избор на компанија што ќе го гради заедничкиот граничен железнички премин меѓу Македонија и Србија кај Табановце, а во првата половина од 2020 година треба да има и тендер за избор на изведувач на Интелигентниот транспортен систем на Коридор 10.

Пролонгирање на тендерите за изградба, како и одложување на роковите за изведба, нема да има не само за проектите што се финансираат преку странски кредити и неповратни грантови, туку и кај оние инфраструктурни зафати што се плаќаат од државниот буџет.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...