fbpx

Со камери и електронски знаци ќе се намалува бројот на сообраќајки на Коридорот 10

-

Македонија е на сериозен пат да го воведе Интелигентниот транспортен систем (ИТС) на автопатот долж Коридорот 10. Министерството за транспорт и врски веќе ја изработи проектната документација за новиот систем, а државата подигна и заем кај Светската банка за реализација на проектот. Ќе бидеме едни од првите во регионот со комуникациско – информацискиот систем за контрола и управување на сообраќајот.

Станува збор за проект којшто ќе овозможи од едно место да се следи сообраќајот и временските услови на автопатот во текот на 24 часа. Преку поставените камери, операторите од контролниот центар ќе можат да го регулираат, пренасочуваат или стопираат сообраќајот во случај на вонреден настан. Доколку се транспортираат опасни материјали во некои од возилата, системот ќе го детектира ова. Сите информации за вонредни настани ќе им се објавуваат на возачите преку електронските знаци што ќе бидат поставени долж патот, на потегот од Табановце до Гевгелија. Воедно, на автопатот ќе се постават СОС – телефони, преку кои возачите ќе можат да стапат во контакт со операторите од контролниот центар за пријавување на несреќа на патот или дефект на нивното возило.

Проектантската вредност на системот е 18,6 милиони евра и тој треба да се реализира до 2022 година. Податоците од видео – надзорот на автопатот, метеоролошките станици за предвидување на временската состојба и СОС – телефоните на патот ќе пристигнуваат до контролните центри во Петровец и Неготино, во кои постојано ќе работат оператори. Тие ќе бидат задолжени соодветно да реагираат за секој вонреден настан, но и веднаш да им ги прикажат на останатите возачи најновите информации за состојбата на патот преку електронската сигнализација.

Видео – надзор, СОС – телефони и мониторинг на сообраќајот засега има само на автопатот Демир Капија – Смоквица.

Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ информираат дека јавниот повик за пронаоѓање компанија што би го имплементирала Интелигентниот транспортен систем ќе се распише во првата половина на 2020 година.

Проектната документација за новиот систем ја изработиле Градежниот институт Македонија и „Promel Sistemi“ од Загреб. Градежниот факултет при УКИМ ја заврши ревизијата на изработената документација, со што се исполнети сите предуслови за подготовка и распишување на тендерот од страна на надлежното министерство.

Професорот Слободан Огњеновиќ од Градежниот факултет при УКИМ за „Мета.мк“ нагласува дека Македонија ќе биде една од првите земји во регионов што го имплементира Интелигентниот транспортен систем на патиштата. Развиените европски земји од поодамна имаат вакви системи.

– Во секој момент, во реално време, ќе се следи состојбата на автопатот по целата должина и навремено ќе се сигнализира секоја промена во однос на редовната состојба на патот и сообраќајот – појаснува Огњеновиќ.

Доколку има магла на автопатот, лизгање на земјиште, замрзнат коловоз или снег на патот, сообраќајна несреќа или застој, тогаш ваквиот систем однапред ќе им сигнализира на возачите преку поставената електронска сигнализација дека има вонредна состојба на автопатот.

– Ако како возач наидете на ситуација во која што мора во моментот да реагирате, а претходно воопшто не знаете дека постои таква ситуација, секако е многу полошо отколку ако од системот претходно бидете информирани дека нешто се случува на одреден дел од патот – посочува Огњеновиќ.

Електронската сигнализација ќе им овозможи на возачите брзо да реагираат при вонредни настани.

Видео – надзорот ќе може да ги лови несовесните возачи преку поставените камери, со што би се зголемила сообраќајната дисциплина на возачите долж Коридор 10. Доколку операторите од контролниот центар преку камерите забележат несреќа на патот, ќе можат самите да повикаат брза помош, полиција или противпожарно возило.

На тој начин, директно би се намалил бројот на сообраќајни несреќи на автопатот од Табановце до Гевгелија, но и би опаднал бројот на загинати и повредени лица во несреќите. Дополнителен адут на идниот проект е планираното намалување на емисиите на испуштениот јаглерод диоксид од страна на возилата, се наведува во документот „Програма за економски реформи 2019 – 2021 година“ на Министерството за финансии.

Професорот Огњеновиќ укажува на проценките за општествените загуби од загинувањето на едно лице во сообраќајна несреќа во земјава. Проценката за цената на еден човечки живот во Македонија изнесува меѓу 350.000 и 400.000 евра, нагласувајќи дека тука влегуваат и трошоците за повредените лица и материјалната штета на возилата.

– Убеден сум дека со воведувањето на овој систем бројот на сообраќајните несреќи ќе се намали, а неговото воведување ќе се исплати преку намалување на овие трошоци – вели тој.

Контролниот центар во Петровец од каде ќе се оперира со идниот Интелигентен транспортен систем на Коридор 10.

Од Министерството за транспорт и врски посочуваат дека неопходно е да се реализираат неколку активности во насока на имплементација на Интелигентниот транспортен систем на Коридор 10. Ќе се подготви студија за најдобри практики за имплементација на овој систем, заедно со имплементационен план и техничка помош за обука за одржување на опремата.

Со заемот ќе се набави потребната опрема, а на крајот ќе се работи на инсталирање на опремата и нејзино поврзување со контролниот центар, ќе се овозможи техничка помош при имплементацијата, како и тренинг и студиска посета за вработените на Јавното претпријатие за државни патишта што ќе оперираат со Интелигентниот транспортен систем.

Во текот на 2020 и 2021 година ќе се вршат градежните активности на проектот, при што комуникациско – информацискиот систем за контрола и управување на сообраќајот би профункционирал во 2022 година. Во документот „Програма за економски реформи 2019 – 2021 година“ се наведува дека државата ќе треба да го приспособи постојното законодавство за воведување на овој систем во согласност со транспортните директиви на Европската унија.

Доколку сакаме да станеме членка на ЕУ, тогаш ИТС ќе мора да постане составен дел од сигнализацијата на македонските патишта. Европскиот парламент и совет на 7 јули 2010 година ја донел Директивата за развој на овие системи во патниот превоз, додека на 15 февруари следната година бил усвоен и Планот за работа со кој Европската комисија се обврза да инвестира по 400 милиони евра годишно во нивното воведување низ европските патишта.

Земјите – членки на ЕУ, како што е примерот со Хрватска, се должни да достават и Извештај до ЕУ за преземените активности и проекти во врска со воведувањето на интелигентните транспортни системи на нејзините патишта. И додека ИТС во ЕУ веќе претставува обврска, кај нас во изминативе години многу малку е направено бидејќи нашата земја не прима никакви задолженија од Брисел по ова прашање.

Новоотворениот автопат Демир Капија – Смоквица е единствениот во земјава каде што функционира Интелигентниот транспортен систем. Електронската сигнализација на делницата работи и е деноноќно управувана од контролниот центар во Неготино, користејќи ги податоците што ги добиваат од поставените камери, метеоролошките извештаи и СОС – телефоните поставени долж патот. Системот, којшто нормално функционира на овој дел од Коридорот 10, може да послужи како пример за негова имплементација на целата траса од Табановце до Гевгелија.

Од Јавното претпријатие за државни патишта за „Мета.мк“ веќе информираа дека Интелигентен транспортен систем во иднина би добил и автопатот Кичево – Охрид, којшто во моментов се гради и треба да се заврши со изведба до крајот на јуни 2021 година.

Од ова јавно претпријатие посочуваат и дека догодина ќе профункционира видео надзорот на сите клучки од автопатот Миладиновци – Штип. Долж трасата е поставен оптички кабел, кој податоците снимени од камерите ќе ги доставува до Контролниот центар на претпријатието во Петровец. Сепак, засега нема информации кога би профункционирале и останатите елементи на Интелигентниот транспортен систем на автопатот што ги поврзува Скопје и Штип.

Постојните знаци крај патот ќе бидат функционални во иднина, но ќе бидат дополнети и со електронска сигнализација.

Иако побаравме одговори, од Министерството за внатрешни работи не добивме податоци за бројот на сообраќајни несреќи што се случиле на автопатот од Коридор 10, како и за тоа толку лица загинале во сообраќајќи. Без ваквите бројки, не би можело да се направи калкулација за колкав временски период би требало да помине за поврат на средствата вложени во проектот, како резултат на зголемена безбедност на патиштата и спасените животи.

Податоците од трудот „Улогата на Интелигентните транспортни системи во одржливиот развој на сообраќајот“, одбранет пред една година на Универзитетот во Загреб, покажуваат дека ваквите системи за управување со автопатиштата можат да ги намалат сообраќајните несреќи до 40 отсто.

Македонските власти во моментов не се обврзани пред никакви надворешни институции за реализацијата на еден ваков систем, но се должни да го имплементираат поради возачите кои зиме редовно наидуваат на неисчистени патишта без никаква информација за тоа и поради оние граѓани кои учествувале или биле повредени во сообраќајна несреќа без нивна вина.

Автор: Бојан Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...