Околу 800 до 1.000 бегалци си заминаа од Идомени во последните 48 часа. Во понеделникот и во вторникот од Идомени заминаа 15 автобуси полни со бегалци, а во кампот и понатаму доаѓаат автобуси подготвени да ги пренесат бегалци до организираните центри.
Исплашени од насилството во неделата, бегалците кои се главно дојдени со семејства по повеќе од два месеци во Идомени одлучија да го напуштат кампот кој сметаат дека веќе не е безбеден ниту за нив, ниту за нивните деца.
Со заминувањето од Идомени бегалците покажуваат дека веќе се губи надежта дека ќе може како било да се премине границата и да се замине од Грција. Бегалците се префрлаат во центрите во Северна Грција и во Пиреја каде има место, а грчката влада бара празни стари индустриски хали околу Солун и Атина кои би можеле да се расчистат и да се уредат како привремени прифатни центри за бегалците.
Новиот бегалски центар Скарамага, кој е со капацитет за 1.000 луѓе, во рок од два дена се преполни и таму веќе има и повеќе од што може да собере. Идејата на грчката влада е да се најдат нови простори и да се обезбедат дополнителни 20.000 места за да може комотно да се згрижат сите бегалци од Идомени каде има повеќе од 10.000 бегалци во моментов, од Пиреја каде има околу 3.800 луѓе, но и од стариот аеродром Елинико каде веќе има околу 6.000 бегалци.
Грчката полиција која продолжува со построгите контроли на влезот на Идомени вчера приведе 17 странски активисти и волонтери од Германија, Британија, Шведска, Чешка, Австија, Португалија, Палестина, но и тројца Грци. Повеќето беа ослободени, а полицијата задржа само еден активист од Германија поради поседување нож.
Тензичната клима и насилството, за жал, продолжуваат во камповите. Тензично е и на Идомени, но и во Пиреја каде доцна ноќеска дојде до тепачка меѓу бегалци од Авганистан и од Сирија.
Во меѓувреме Европската комисија ѝ даде рок од две недели на Грција да се подобри начинот на кој се заштитуваат надворешните граници. Во европскиот извештај од надзорот на начинот на кој Грција се справува со бегалската криза, се наведува дека Грција има направедно напредок од последниот извештај, меѓутоа треба да направат уште ред други работи за да се осигури дека ќе може да продолжи да добива финансиска помош од ЕУ за неопходната инфраструктура, техничка и експретска помош за справување со бегалските проблеми.
Во извештајот е наведено дека од 2015 година Грција има добиено 181 милион евра за бегалската криза и тоа 75 милиони на државните органи како министерствата, полицијата, војската и 106 на невладини организаии како УНХЦР, Европската канцеларија за поддршка за азил и Меѓународната организација за миграција.