И „Шамарите во општина Центар“ одложено – единствениот систем за снимање зафатен за друго судење


       
Скопје, 18 декември, 2017 - 12:23 (META) 

Судењето за случајот со насилствата во Општина Центар во 2013 година, попознат како „Шамарите во Општина Центар“ денеска се одложи кратко по почетокот на денешното рочиште, бидејќи единствениот систем за снимање во Основен суд Скопје 1 бил резервиран уште пред еден месец за судењето за обидот за убиство на тогашниот министер за здравство, Никола Тодоров.

Судијката Софија Лаличиќ го резервирала системот за рочиштето против дедото на 9-годишната Тамара Димовска од Велес, кој пукаше во Тодоров пред церемонијата на предавањето на министерската функција на новиот министер Арбен Таравари.

Откако почна рочиштето за „Шамарите во Општина Центар“, адвокатот Дончо Наков даде приговор дека не се исполнети условите за одржување на рочиштето, бидејќи нема услови за снимање на рочиштето, а нема услови ниту за стенографско водење на записник.

Судијката Татјана Михајлова потоа го одложи судењето за 27 овој месец.

Во овој случај, обвинети се поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ во заминување, Никола Груевски, и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески, кои претходно во Кривичен суд присуствуваа на судењето за „Траекторија“, каде се исто така обвинети. Во случајот со насилствата во Општина Центар обвинета е и актуелната пратеничка и поранешна советничка во општина Центар, Даниела Рангелова.

Во првичното обвинение од СЈО беа опфатени вкупно 14 лица, по што Томислав Лазаревски и Јордан Ристевски, поранешни членови од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на општина Центар, ја признаа вината и добија условни осуди од 6 месеци затвор.