Гир со сериозни критики: Промените во Кривичниот законик можат да доведат до зголемување на неказнивоста

Ја паметите изјавата од минатата седмица од Европската комисија во Брисел во однос на измените на Кривичниот законик, пред сè, користењето на европското знаменце, кое тие го сметаат за несоодветно и тоа е едно од прашањата за кое треба да се дискутира. Исто така, ризикот кој го идентификува Комисијата дека ваквите промени може да доведат до зголемување на неказнивоста, рече Гир

Фото: Prime Blue Institute

Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир на денешниот настан на кој беше презентиран новиот проект на Европската Унија, излезе со сериозни критики за работата на институциите, особено во делот на владеењето на правото.

„Ние сакаме земјата брзо да напредува во сферата на владеењето на правото, граѓаните имаат право да го бараат тоа и ЕК има право да го бара тоа од земја – кандидат“, изјави Гир.

Тој вели дека има напредок во однос на владеењето на правото, во изминатите години, но има и одредени прашања кои предизвикуваат загриженост и тоа не треба да се заборави. Едно од тие прашања, како што рече Гир се случувањата во текот на летото, во Судскиот совет.

„Како резултат на тие случувања ние распоредивме тука една мисија составена од колеги која е задолжена да даде препораки за подобрување на интегритетот и професионалноста“, изјави Гир.

Во однос на тоа кога може да се очекуваат резултати од оценската мисија на ЕУ, Гир не посочи точен датум, но очекува тие набрзо да бидат објавени.

„Експертската мисија се состои од судии кои се на високи позиции или искусни судии од земјите на ЕУ кои што го разгледуваат работењето на Судскиот совет со цел да дадат препораки за подобрување на неговата професионалност, независност и ефикасност. Мисијата ќе заврши во тек на оваа седмица, потоа тие ќе се вратат во Брисел и за своите наоди ќе дискутираат со Комисијата“, рече шефот на Делегацијата на ЕУ во земјата.

Понатаму, како втор проблем Гир ги спомена и промените во Кривичниот законик, кои беа донесени со „европско знаменце“, а со кои се намалија казните во делот на злоупотребата на службената положба, несовесното работење во службата и злосторничкото здружување.

„Секако ја паметите изјавата од минатата седмица од Европската комисија во Брисел во однос на измените на Кривичниот законик, пред сè, користењето на европското знаменце, кое тие го сметаат за несоодветно и тоа е едно од прашањата за кое треба да се дискутира. Исто така, ризикот кој го идентификува Комисијата дека ваквите промени може да доведат до зголемување на неказнивоста“, рече Гир.

И во својот говор, презентирајќи ја поддршката на ЕУ со најновиот проект за владеење на правото кој ќе трае 3 години, Гир изрази критики, пред сè во однос на две прашања. Како прво, тој изјави дека институциите недоволно сериозно ги сфаќаат препораките и иницијативите кои доаѓаат од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) и од Државниот завод за ревизија (ДЗР). Како второ, тој го нагласи мешањето на политичките партии во работата на правосудните органи.

„Политичките партии мора да престанат да се мешаат во работата на обвинителството и на судството. Тоа не е здраво за никого“, нагласи Гир.

Десет милиони евра поддршка од ЕУ за Македонија за владеење на правото