Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска денеска изјави дека работната верзија на текстот на предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, која изминатиов месец ја подготвуваше работната група, ќе биде доставена до Европската Унија и до Венецијанската комисија.
По добиените мислења, предлог законското решение ќе биде разгледувано на јавна расправа пред пошироката јавност, со цел да се донесе функционален и применлив закон, усогласен со меѓународните стандарди.
На денешниот состанок на работната група, покрај вицепремиерката Славица Грковска, присуствувал и министерот за правда Кренар Лога.
„И двајцата се согласни дека овој закон е неопходен за да се зајакне борбата против корупцијата во нашата држава. Со законот ќе се овозможи воспоставување на дополнителен механизам за успешно спречување на неосновано збогатување и конфискација на имот кој не бил стекнат од законски извори“, се вели во соопштението на Владата.
Работната група која го подготвува овој закон е составена од претставници на голем број институции, почнувајќи од кабинетот на Грковска, Антикорупциската комисија, Министерството за правда, МВР, УЈП, Јавното обвинителство, Министерството за финансии, Управниот суд, Државното правобранителство како и претставници на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството.