fbpx

Фрлањето лопати се претвори во партиско-функционерски собир на ДУИ

На пример, во вторникот кај клучката во Требош на одбележување на започнувањето на работите за тетовската обиколница, меѓу другите присуствуваа и министерот и заменик министерот за образование и наука, министерот за финансии, министерот за економија, економскиот директор на тетовската болница, директорот на Клиниката за детски болести во Скопје и директорот на Дирекцијата за водење на матичните книги

-

Голем број функционери од Демократската унија за интеграција, кои се носители на јавни функции, во последните неколку дена се собраа да се фотографираат и промовираат во тетовско Селце на поставувањето на камен-темелникот на училиштето и во Требош за тетовската обиколница. На овие промоции можеа да се видат личности кои воопшто немаат допирна точка со активностите што се промовираат. Аналитичарот Небиу нагласува дека ваквите собири се користат за партиска пропаганда, а техничкиот премиер вели дека овие функционери не се само административци и дека не гледа причина зошто да не присуствуваат на вакви настани, пишува Порталб.мк.

Па така, во понеделникот (12.02.2024) во Селце во Тетово беше поставен камен-темелникот на новата училишна зграда, која долги години се ветува. За да го одбележат овој настан во Селце се собраа многу функционери на ДУИ, од кои голем дел доаѓаат од институции кои немаат ингеренции за овој настан.

На настанот присуствуваа техничкиот премиер, првиот потпретседател на Владата, министерот и заменик министерот за образование и наука, градоначалникот на општина Боговиње и Теарце, директорот на Управата за животна средина при Министерството за животна средина, заменик министерот за транспорт и врски, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, директорот на Попова Шапка, директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, директорот на студентскиот дом Тетово, економскиот директор на тетовската болница, пратеници, генералниот секретар на ДУИ и други. Од другите политички партии речиси и да немаше присутни.

Фото: Порталб.мк

Ден потоа, во вторникот (13.02.2024) повеќето од горенаведените се собраа кај клучката во Требош за да го одбележат започнувањето на работите за тетовската обиколница. И на овој настан имаше голем број функционери, како на пример, техничкиот премиер, првиот потпретседател на Владата, министерот и заменик министерот за образование и наука, министерот и заменик министерот за транспорт и врски, министерот за финансии, министерот за економија, директорот за државни патишта, градоначалникот на општина Теарца и Боговиње, економскиот директор на тетовската болница, пратеници, државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, директорот на Универзитетската клиника за детски болести во Скопје, директорот на Попова Шапка, директорот на Дирекцијата за водење на матичните книги, државниот секретар во Министерството за култура, генералниот секретар на ДУИ  и други.

Со ова, несомнено во прашање се доведува дали партијата ги користи државните проекти за самопромоција, со оглед на тоа што дел од министрите и директорите во моментот не се на своите работни места, туку на настани кои немаат допирна точка со активностите кои треба да ги извршуваат во текот на работното време.

Политичкиот аналитичар Бесим Небиу за Порталб.мк вели дека овие активности се дел од предизборната кампања. Тој нагласува дека тоа се партиски активности во кои учествуваат државни функционери, но нивната цел е само партиската пропаганда.

„Вреди да се напомене дека изградбата на училиштето во Селце е пример за едно рециклирано ветување. Тоа и претходно е промовирано, така што не се работи за првиот камен-темелник. На пример, во изборната програма на ДУИ за 2020 година, изградбата на училиштето во Селце беше планирано да започне во 2020 година и да заврши во 2022 година. Бидејќи се работи за рециклирани ветувања кои многупати не се реализирани, граѓаните сега веќе не ги сфаќаат сериозно овие ветувања. Така што, ова парадирање на функционерите пред телевизиските камери ми се чини дека е залудно потрошено време, односно празна пропаганда без ефект, освен оние за создавање материјал за иронични и подбивни коментари на социјалните мрежи“, рече Небиу.

Порталб.мк го праша техничкиот премиер Талат Џафери дали како премиер чувствува одговорност зошто овие функционери кои не се од областа од која се промовираат проектите, не се на своите работни места, туку присуствуваат на вакви промоции. Тој не гледа проблем во ова.

„Прашањето за промоциите и нивното учество е дел од нивната работа, значи тие не се администратори кои треба и се врзани со работниот процес во пракса, тие се раководители на институции, и тие во контекст на извршувањето на работите ги организирале нивните работи и обврски, а нивното учество е неопходно, тие се дел од Владата и се дел од носителите на одлуките за овие проекти и нема причина зошто да не присуствуваат“, изјави Џафери.

За ова прашање контактиравме и со Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска. Од таму велат дека со оглед на тоа што изборите сè уште не биле распишани, во овие два случаја не се прекршени одредбите од Изборниот законик кои ги регулираат овие прашања.

„Кабинетот на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење апелира до сите функционери да во периодот по распишувањето на изборите целосно ги почитуваат одредбите од Изборниот законик при вршењето на нивните активности, во своето постапување да се водат од јавниот интерес и на доследен начин да ги имплементираат принципите на одвојување на партиските и државните интереси, вклучително и во случаите кога станува збор за користење на јавните ресурси“, велат од кабинетот на Грковска.

Претседателските избори треба да се одржат на 24 април, а 11. парламентарни избори, кои овојпат ќе бидат редовни, ќе се одржат на 8 мај. Ако има втор круг од претседателските избори, тој ќе се поклопи со парламентарните избори и ќе се одржат на 8 мај.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Хамас не го прифаќа понудениот договор за примирје, преговорите продолжуваат

Висок функционер на Хамас во текот на ноќта изјавил за новинската агенција Франс прес (АФП) дека одговорот на групата на предложениот договор за примирје со Израел, а постигнат со...