fbpx

Десет милиони евра поддршка од ЕУ за Македонија за владеење на правото

Со европскиот проект, чија цел е зајакнување на владеење на правото, ќе бидат опфатени четири компоненти: правосудни институции, полициски истраги, антикорупција и човекови права. Во наредните три години ќе бидат реализирани 77 активности

-

Поддршка од десет милиони евра во наредниве три години ќе обезбеди Европската Унија за проект за владеење на правото во земјава. Експерти од ЕУ ќе помагаат директно на македонските институции за подобрување на неколку компоненти кои низ годиниве се покажале како најранливи, односно најподложни на корупција.

Со европскиот проект, чија цел е зајакнување на владеење на правото, ќе бидат опфатени четири компоненти: правосудни институции, полициски истраги, антикорупција и човекови права. Во наредните три години ќе бидат реализирани 77 активности.

Меѓу останатото, ќе се обезбеди советодавна поддршка и зајакнување на капацитетите на правосудните институции, поддршка на работењето на Академијата за обука на судии и јавни обвинители, поддршка на ИКТ Советот. Понатаму, ќе се изготви Национална стратегија и Акциски план за организиран криминал во С.Македонија, а ќе се даде и поддршка на првата Национална стратегија за компјутерски криминал…

На денешниот настан на кој говореше и амбасадорот на ЕУ Дејвид Гир, присутни беа претставници од речиси сите правосудни институции и министерства кои ќе бидат опфатени со проектот.

Проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија, е имплементиран од Институтот за фундаментални и човекови права Лудвиг Болцман, хрватското Министерство за правда и јавна администрација, словенечкото Министерство за внатрешни работи и Центарот за меѓународна правна соработка.

„Во овој момент, нашата држава се наоѓа во состојба кога треба да преземе решителни чекори во однос на подигнување на нивото на владеење на правото и зголемување на довербата на граѓаните во правосудниот систем, борба против корупцијата и организираниот криминал и обезбедување поголема заштита на човековите права и слободи“, рече министерот за правда Кренар Лога.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска ги истакна клучните сегменти кои преку овој проект ќе се опфатат, а се тесно поврзани со работата на министерството.

„За Владата на Република Северна Македонија заштитата на основните човекови права е приоритет на кој во континуитет посветено работиме. Но, посветената работа не секогаш нè заштитува од предизвиците кои се нижат пред нас, посебно на патот кон Европската Унија. Човековите права се фундаменталниот темел на Унијата, на европското семејство кон кое сакаме да припаѓаме“, потенцираше Тренчевска.

Фото: Министерство за труд и социјална политика

Таа истакна дека Проектот ќе придонесе во навремена подготовка на релевантните институции и нивните капацитети во процесот на разгледувањето на постигнувањата во Поглавјето 23 – Правосудство и фундаментални права од европското законодавство.

„Најважниот резултат од проектот кој сум сигурна дека ќе го добиеме е зајакнување на капацитетите на главните тела за човекови права во нашата држава бидејќи обезбедува алатки за основните човекови права кои ќе станат достапни за јавните службеници и кои даваат насоки за применување и воспоставување на пристапот заснован на човекови права на стратешко ниво. Министерството за труд и социјална политика во својот мандат и надлежности обезбедува осигурување на почитувањето на низа човекови права. Тоа е чест, но и голема должност“, посочи Тренчевска.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, рече дека Владата вложува максимални напори со цел да обезбеди непречено владеење на правото како основно право за своите граѓани.

Фото: МВР

„Земјите од Западен Балкан, вклучително и Република Северна Македонија продолжуваат да се соочуваат со големи предизвици поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал, прашања кои се од клучно значење за функционална демократија и економија и во голема мера го условуваат процесот на пристапување во ЕУ. Оттаму, одлучната и неселективна борба против организираниот криминал и корупцијата е приоритет на секоја држава. Тоа е и наш стратешки приоритет, при што фокусот на нашите активности е насочен кон превенција, спречување и борба со сите облици на организиран криминал, согласно највисоките стандарди на полициското работење”, рече Спасовски.

Освен евроамбасадорот Дејвид Гир, ниту еден од присутните министри денеска не сакаше да даде изјава за новинарите по завршувањето на настанот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Вучиќ кон Пикси откако автобусот се заглави во песок: „Тешки сме Драгане“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека е договорено финалето на Лигата на Европа на УЕФА во 2028 година да се игра на Националниот стадион во Сурчин. Вучиќ на...