На годинашното, 44-то издание на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, публиката ќе може да проследи 79 странски и домашни филмови од различни категории, а се очекуваат 400 гости, информираше директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски, на денешната прес конференција во Битола.
Фестивалот ќе се одржи во Битола, а официјално се отвора задутре и ќе трае до 29 септември.
„Имаме меѓу 350 и 400 гости, од кои околу 160 се странски гости, тоа е огромна бројка и 50 VIP, имаме 79 филмови во кино сали и проекции на отворено. Имаме извонредни филмови во главната селекција од Кан, Берлин, Венеција, Карлови Вари, Сан Себастијан. Тоа се филмови во кои знаењето и умешноста на кинематограферите доминираат, во оваа селекција имаме врвни кинематографери кои работат во врвни режисери“, објасни Дамевски.
Тој информираше дека има македонски филмови за отворање и за затворање на фестивалот, а ги претстави и останатите програми од кратката селекција – документарните филмови, студентските филмови, како и филмовите кои публиката ќе може да ги погледне на отворено од своите автомобили.
„На Фестивалот ќе се одржи тркалезна маса на шест исклучителни жени„ кинематограферки кои ќе проговорат за предизвиците во професијата, Балканска конференција на кинематографери од која ќе произлезе Манифест, потоа сите кино-прикажувачи ќе потпишат Меморандум за да се рашири кино-мрежата во Македонија и да се врати публиката во кината, следува проектот „Наследниците на Манаки“, каде најмалите се внесуваат во светот на филмот, снимаат филмови и ги прават првите чекори во оваа сфера. Годинава и амбасадите на Германија, Франција и Италија организираат вечери на нивната култура поврзани со филмовите кои ќе бидат прикажани на Фестивалот и авторите кои ќе бидат наши гости“, подвлече Дамевски.
Содржините на офф-програмата почнуваат еден ден порано од официјалното отворање на Фестивалот со Филмско кабаре, а нив ги претстави Маја Ангеловска која е координатор на програмата.