Денеска се отвора изложбата „Иднината како проект | Доксијадис во Скопје“

Во годината кога Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес што го разурна градот на 26 јули 1963 година оваа изложба има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за неговата обнова. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер - Константинос А. Доксијадис

Денеска, со почеток во 19 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе се отвори архитектонската изложба „Иднината како проект | Доксијадис во Скопје“, информираат од Музејот на современа уметност.

Во годината кога Скопје одбележува 60 години од катастрофалниот земјотрес што го разурна градот на 26 јули 1963 година оваа изложба има за цел одново да ја стави во центарот на вниманието приказната за неговата обнова. Во нејзиниот фокус е улогата и придонесот на грчкиот архитект и планер – Константинос А. Доксијадис.

Автори и куратори на изложбата се: Јован Ивановски, Ана Ивановска Дескова, Владимир Десков, Калиопи Амигдалу, Костас Циамбаос во соработка со истражувачкиот тим кој го сочинуваат: Теа Дамјановска, Михајло Стојановски и Христос – Георгиос Критикос.

Проектот е реализиран од Здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата – Континео 2020, Скопје и е дел од годишната програма на Министерство за култура на Република Северна Македонија. Поставката ќе биде отворена за јавноста до 20 јануари 2024 година.

Во најавата на изложбата се наведува Доксијадис е еден од многуте меѓународни експерти поканети од страна на Обединетите нации, кои го водат процесот за обнова на Скопје. Покрај силната професионална посветеност на Доксијадис, архивите ја откриваат и неговата длабока емпатија за настраданиот град.

„Пет години откако за првпат беше претставена во музејот Бенаки во Атина преку обемна изложба, конференција и книга, „Иднината како проект – Доксијадис во Скопје“ пристигнува во Скопје. Концептуално збогатена со уметнички дела од вредната колекција на Музејот на современата уметност во Скопје, подарени од грчки уметници, се надеваме дека не само што ќе помогне да се врати сеќавањето на достигнувањата од процесот на обновата на Скопје, туку и ќе придонесе за заживување на потенцијалот на архитектурата и нејзината општествена одговорност“, се вели во најавата за изложбата.