fbpx

Гардијан: Ако се открие дека Вучиќ е инволвиран во настаните кај Бањска, можни се санкции за Србија

Весникот додава дека САД досега ги поддржуваа преговорите и беа на страната на Европа, бидејќи најголем дел од вината за нивниот неуспех ја префрлаа на косовскиот премиер Албин Курти. Но, администрацијата на претседателот Џо Бајден сега ја истражува вмешаноста на официјален Белград во паравоената единица

-

Доколку се утврди вмешаност на српскиот претседател Александар Вучиќ во настаните кај Бањска во Косово, тоа би можело да го промени пристапот на САД и ЕУ во преговорите меѓу Белград и Приштина, а можни се и санкции за Србија, пишува британскиот весник Гардијан. 

Весникот додава дека САД досега ги поддржувале преговорите и биле на страната на Европа, бидејќи најголем дел од вината за нивниот неуспех ја префрлале на косовскиот премиер Албин Курти. Но, администрацијата на претседателот Џо Бајден сега ја истражува вмешаноста на официјален Белград во паравоената единица и се обидува да ја открие нејзината мисија.

„Сè појасно е дека имало сценарио за предизвикување конфликт, така што српската војска потоа ќе влезе да го заштити српскиот народ на север и на тој начин да ја спроведе поделбата на Косово“, вели Соња Бисерко, претседателка на Хелсиншкиот комитет за човекови права во Србија.

„Оваа операција, без разлика кој е директно одговорен за неа во Белград, ја премина црвената линија што Западот не може да ја толерира. Оваа ситуација не беше испровоцирана од Курти, како што коментираат повеќето во Белград. Напротив, тој покажа зрелост, а косовската полиција покажа професионализам“, додава Бисерко.

Едвард Џозеф, поранешен заменик-шеф на мисијата на ОБСЕ во Косово рече дека ако Белград стои зад паравоената група што ја нападна косовската полиција кај селото Бањска, САД ќе мора да го преиспитаат својот пристап кон регионот.

„Поентата е дека повиците за дијалог се празни сега кога се разнесе целата американска стратегија – да се негува Србија на Вучиќ како „партнер“, изјави Џозеф, кој сега е виш соработник на Факултетот за напредни меѓународни студии на Универзитетот Џон Хопкинс во Вашингтон.

Американскиот генерал во пензија, Весли Кларк за Радио Слободна Европа вели дека нападот во Бањска треба да ја загрижи ЕУ и НАТО, бидејќи претставува вистински проблем за стабилноста на Балканот.

Кларк оценува дека случувањата во Косово имаат поврзаност со насилството во Украина, додавајќи дека Русија ја користи Србија како свој агент и на неа ѝ одговара немирна состојба во Косово со хибридната војна која ја води.

„Русија би сакала поголема нестабилност на Балканот, која на НАТО би му го одвлекла вниманието. Таа сака да прикаже дека демократијата не функционира“, изјави Весли Кларк.

Тој додава дека оружјето што го заплениле косовските власти после судирот кај Бањска, во кој загина еден косовски полицаец и тројца напаѓачи од српска националност, веројатно дошло од Србија, како и дека акцијата веројатно ја координирале или барем молкум ја одобриле српски специјалци.

„Кое се тие луѓе што биле на северот на Косово, нивните врски со српските специјални сили и властите на Србија – тоа е она што треба да се утврди“, изјави пензионираниот американски генерал.

Тој додава дека го вознемирува фактот што се открило дека во манастир на Српската православна црква било складирано огромно количество на оружје и изрази надеж дека КФОР ќе инсистира да бидат проверени сите наоди.

Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ за Радио-телевизија Србија синоќа потврди дека контроверзниот косовски криминалец и потпретседател на Српската листа Милан Радоичиќ се наоѓа во Србија, со што ги потврди информациите кои претходно ги дадоа косовските власти. Сепак, за разлика од официјална Приштина, Вучиќ не даде јасен одговор дали Радоичиќ бил во вооружената група кај Бањска, која ја нападна косовската полиција.

„Милан Радоичиќ никогаш не се криел, не се срамел од својата улога. Тој секако дека ќе одговори на повикот на надлежните органи. Се наоѓа на територијата на Србија. Не е ранет“, изјави Вучиќ.

Српскиот претседател во вчерашното интервју го бранеше Радоичиќ, рече дека се наоѓа во централниот дел на Србија и дека тој себе се гледа како борец за слобода. Сепак, Вучиќ додаде и дека постојат работи и прашања на кои Милан Радоичиќ ќе мора да одговори.

Говорејќи за убиените припадници на вооружената група кои се Срби, Вучиќ рече дека за него тие луѓе никогаш нема да бидат терористи. Додаде дека и покрај тоа што албански полицаец нема што да бара на северот од Косово, нема оправдување за неговото убиство.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Израелскиот премиер Нетанјаху вели дека нападот на Рафах ќе се случи со или без договор

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека Израел ќе започне воена инвазија на градот Рафах во јужниот дел на Газа без оглед на преговорите за примирје со Хамас, пишува Би-би-си. Oва...