fbpx

МВР: Не наседнувајте на лажни електронски „судски покани“ во име на директорот на БЈБ

Од МВР апелираат граѓаните да не ги отвораат пораките и да не враќаат на истите, бидејќи целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните со цел да ги злоупотребат

-

Полицијата информира дека до нив пристигнуваат пријави од граѓани за добиенa електронска порака, наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) Сашо Тасевски, во вид на лажни покани за на суд. Од Министерството за внатрешни работи апелираат граѓаните да не ги отвораат пораките и да не враќаат на истите, бидејќи целта на измамниците е да дојдат до личните податоци на граѓаните со цел да ги злоупотребат.

Во електронските пораки кои наводно се испраќаат од Тасевски, примачот се известува дека е предмет на правни постапки за низа измислени кривични дела, како детска порнографија, педофилија, егзибиционизам. Притоа, примачот на пораката се повикува да се регистрира преку мејл и да ги даде неговите лични податоци.

„МВР ги известува граѓаните дека станува збор за лажна порака која не е испратена од страна на МВР, односно од БЈБ. Судските покани не се испраќаат преку мејл, а и доколку внимателно се прочитаат овие пораки, видливо е дека станува збор за измама. Затоа, апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, да не се контактира испраќачот и никако да не се споделуваат личните податоци кои ги бараат измамниците“, предупредуваат од министерството.

Полицијата предупредува и да не се отвораат линкови и датотеки кои се испратени во прилог на електронска порака која доаѓа од непознат испраќач, со цел да се заштитат компјутерските системи на граѓаните од малициозни софтвери.

„Информираме дека ваквите обиди за измама се со меѓународен предзнак, имајќи предвид дека електронски пораки со слична содржина, а со иста цел – злоупотреба на лични податоци, во изминатиот период беа испраќани и на граѓани во земјите од регионот“, се вели во соопштението на МВР.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...