Државата не ја сфаќа сериозно опасноста од труење со арсен во кумановскиот регион

Ниту едно од двете ветувања на државата за решавање на оваа жешка еколошка точка со арсенот не е исполнето. Депониите со арсен во Лојане и Табановце не се оградени, а не е пронајден ниту нов концесионер што ќе го извезе арсенот во странство

Основното училиште во Лојане се наоѓа на 100-тина метри од јаловиштето со арсен; Фото: Бојан Блажевски

Државните власти не го сфаќаат сериозно труењето на жителите и на целокупната животна средина во Липковско-кумановскиот регион од арсеновиот концентрат расфрлан во јаловиштето на некогашниот рудник во Лојане и во депонијата до железничката станица во Табановце. Ниту едно од двете ветувања на државата за решавање на оваа жешка еколошка точка со арсенот не е исполнето, а нема ниту конкретен рок кога би се презеле конкретни активности.

Министерството за животна средина и просторно планирање во неколку наврати на крајот од минатата година и годинава ветуваше оградување и покривање на арсенот и другите отпадни минерални суровини расфрлани во Лојане и Табановце. Од ова министерство дури и одвоија 14 милиони денари од буџетот за оваа намена, но сега од Министерството за Мета.мк велат дека сепак нема да го реализираат тендерот годинава.

„МЖСПП нема да објави тендер од причина што Министерството за економија ги подготвува документите за издавање под концесија. Во овој случај, било која активност како што е оградување и сл. би било непотребно трошење на средства бидејќи идниот концесионер ќе има таква обврска со самото добивање на концесијата“, велат од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Тендерот за оградување на депонијата со арсен во Лојане ќе се објави најдоцна нареден месец

Најдоцна за два месеца тендер за оградување и покривање на арсенот во Лојане

Од ова министерство велат дека се во тесна соработка со Министерството за економија, при што укажале дека позагадениот дел мора да биде примарен за чистење. Од идниот концесионер се очекува да го спакува отпадот и да го изнесе надвор од државата.

Иако Министерството за животна средина се откажа од оградувањето на арсенот, сепак на терен нема никаква промена за опасноста од труење со арсен на учениците од основното училиште „Рилиндја“, кое се наоѓа на стотина метри воздушна линија од јаловиштето каде што се наоѓа арсенот. Во Табановце пак депонијата со арсен се наоѓа до железничката станица и претставува непосредна опасност за железничкиот персонал кој работи во станицата, припадниците на граничната полиција и царината, сместените мигранти во тамошниот камп, но и самите жители на ова село.

Покрај неисполнетото ветување за оградување на арсенот, многу бавно се одвива и постапката за избор на нов концесионер што ќе треба да го спакува и извезе арсеновиот концентрат од Лојане и Табановце. Од Министерството за економија за Мета.мк велат дека постапката за изработка на физибилити студија за локалитетот Лојане сè уште не е почната, а во тек е прибирањето на мислења од надлежните органи согласно Законот за минерални суровини.

„Не е комплетирана документацијата се чекаат мислењата од надлежните органи“, одговорија од Министерството за економија.

Идентичен одговор од истото министерство добивме и во јануари годинава. И тогаш одговорот беше дека се собираат мислења на државно и локално ниво за да се комплетира постапката за распишување на физибилити студија. Дури откога ќе се изработи физибилити студија, ќе може да се распише јавен повик за избор на нов концесионер, по што истиот би можел да почне да го расчистува расфрланиот арсен во Табановце и Лојане.

Арсеновиот концентрат од Лојане и Табановце треба час поскоро да се извезе, предупредува професорот Стафилов

„По комплетирање на документацијата, постапката за изработка на физибилити студија се очекува да отпочне во 2024 година, и кога ќе биде изработена, ќе се отпочне со постапка за доделување на концесија за експлоатација на минералните суровини“, изјавија за Мета.мк од Министерството за економија на почетокот на месецов.

Но, времето минува, a чистењето на арсенот никако да започне. За разлика од бавното темпо на работа и неисполнетите ветувања на државата, експертите посочуваат дека институциите треба да реагираат токму обратно, бидејќи состојбата со арсенот во Лојане и Табановце е критична.

Пензионираниот професор на Институтот по хемија при Природно-математичкиот факултет, Трајче Стафилов на вебинарот „Жешките еко-точки низ новинарска призма“ што се одржа минатата недела беше јасен. Арсенот е докажано дека е еден од најтоксичните хемиски елементи што предизвикува рак кај луѓето.

Стафилов изјави дека во 2007 година е изработена физибилити студија и утврдено е екстремно загадување на површинските и подземните води, особено со арсен. Мерки не се преземени до денешен ден, а неколку илјади тони од овој арсенов концентрат се наоѓаат и до железничката станица во Табановце.

Пензионираниот професор предупредува дека ветерот го разнесува арсенот во околината, а преку дождот се загадуваат водите од Кумановска река и Пчиња со арсен и антимон.

Според изјавата на Трајче Стафилов дадена врз основа на направените истражувања, оваа жешка еколошка точка во Лојане и Табановце претставува контаминирано подрачје од дури 10 километри квадратни, при што на самата депонија кај некогашниот рудник „Лојане“ се расфрлани 5.000 тони арсенов концентрат кој содржи 50 отсто арсен, додека депонијата има и 450.000 тони преостанат отпад во чиј состав има од 1 до 2 отсто арсен и антимон.

Со истражувањата кои веќе се направени утврдено е загадување на површинските и подземните води со арсен, загадување на почвите со директно влијание на загадувањето врз произведената храна, како и загадување на воздухот поради фугитивна емисија.

Мета.мк и Порталб.мк кон крајот на 2021 година беа лице место во Табановце и Лојане и се уверија во сериозниот степен на загадување што го предизвикува арсенот и другите расфрлани минерални суровини на депониите. Се уверивме дека поради неоградената локација во Табановце и Лојане, може слободно да се влезе до местата каде е расфрлан арсенот, дека во непосредна близина на нивите се садат земјоделски култури, а забележавме и добиток како пасе во кругот на некогашниот рудник во Лојане.

Жителите од Лојане при нашата посета ни одговорија дека трпат сериозни здравствени проблеми поради расфрланиот арсен, особено поради загадувањето на водите, а најчестите здравствени последици според нивното кажување се случаи на заболување од рак.

Илјадници жители од Кумановско четири децении се трујат со арсен и други отровни материи [фото]