Претседателот на Собранието, Талат Џафери, денеска треба да ги распише претседателските избори. Првиот круг на изборите треба да се одржи на 21 април, додека вториот круг би бил на 5 мај.

Согласно Изборниот законик, не треба да поминат повеќе од 90 и не помалку од 70 дена од распишување на изборите до денот на нивно одржување. Мандатот на актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов завршува на 12 мај.

Двете најголеми политички партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ своите кандидати решија да ги избираат преку јавен оглас.

Огласот на ВМРО-ДПМНЕ траеше до крајот на изминатиот месец и на него се пријавија девет кандидати, а од нив еден ќе биде избран на Конвенцијата на 16 февруари во Струга.

СДСМ, пак, на Kонгрес на 3 март ќе го избере својот кандидат.

Доколку на изборите не се постигне цензус од 40 отсто во вториот круг, за шест месеци изборите ќе треба да се повторат, а во меѓувреме Џафери ќе ја врши функцијата претседател на државата за што вели дека е подготвен.

– Според Уставот не може да има празнина во функцијата. Тоа што сум презел одговорност да бидам претседател на Собранието тоа значи дека сум ја презел цела одговорност, а една од тие одговорности е и таа – рече Џафери на брифингот за новинари минатата недела.