fbpx

Ден на жалост во Косово, цел арсенал оружје најден во манастирот кај Бањска [фото]

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свлечла по крајот на полициската акција кај селото Бањска информираше дека во манастирот било пронајдено огромно количество на тешко вооружување, експлозив, униформи, логистика, резерви на храна и опрема за барикади. Министерот Свлечла потенцираше дека целокупниот арсенал бил наменет за опремување на стотици други лица

-

Косовската претседателка Вјоса Османи го прогласи денешниот ден за Ден на жалост поради убиството на полицаецот кај манастирот Бањска во северниот дел на Косово, јавува КосСев.инфо. 

„Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи, во согласност со Уставот на Косово, одлучи понеделник, 25 септември 2023 година, да биде прогласен национален ден на жалост во чест на полицаецот Африм Буњаку, убиен на Северот“, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот.

Во Приштина синоќа се палеа свеќи за убиениот косовски полицаец, којшто беше убиен во престрелката што започнала вчера нешто по 2:30 часот на патот кај селото Бањска. Во судирите меѓу косовската полиција и вооружената група вчера загинаа уште тројца напаѓачи, додека уапсени се шест лица кои биле поврзани со нив.

Канцеларијата на Специјалното обвинителство во Приштина денеска соопшти дека уапсените шест лица кај селото Бањска ќе бидат обвинети за тероризам, оквалификувајќи го настанот како терористички напад, пренесува Радио-телевизија Косово. Уапсените се задржани и ќе бидат обвинети за напад на уставниот поредок на Косово, подготовка на терористички напади или криминални акции против уставниот поредок и безбедноста на Република Косово и неовластено поседување и контрола на оружје.

Косовскиот министер за внатрешни работи, Џелал Свлечла по крајот на полициската акција кај селото Бањска информираше дека во манастирот било пронајдено огромно количество на тешко вооружување, експлозив, униформи, логистика, резерви на храна и опрема за барикади. Министерот Свлечла потенцираше дека целокупниот арсенал бил наменет за опремување на стотици други лица.

„Подготовките биле направени за да се извршат масовни напади против косовската полиција и институциите на Република Косово и сериозно да се загрози територијалниот интегритет и суверенитет на Република Косово“, изјави министерот Свлечла.

Косовскиот министер за внатрешни работи рече и дека мнозинството од возилата што ги користеле лицата дошле директно од Белград. Исто така, косовските власти работат на идентификување на вооружените лица што загинаа во вчерашните настани, пренесува Радио-телевизија Приштина.

Инаку, сите приоди во селото Бањска во северниот дел на Косово и денеска се блокирани од страна на косовската полиција, а безбедносната состојба и понатаму е напната. Огромен број на полицајци со оклопни возила се наоѓаат на оваа локација, а блокиран е и патот што води од Рашка кон Лепосавиќ, пишува белградскиот весник Данас. 

Инаку, српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа имаше обраќање пред нацијата, во која даде драстично радикална верзија на настаните од информациите што ги изнесоа косовските власти. Како што рече тој, вчерашниот ден бил најтежок за Србија и српскиот народ кој се наоѓа во Косово уште од 2004 и 2008 година. За членовите на вооружената група која ги нападна косовските полицајци рече дека се “припадници на српското население од Косово”. Вучиќ рече дека убиството на косовскиот полицаец е за осуда и нешто што не му е потребно на никого, но и предупреди дека Албин Курти сака да ја навлече Србија на судир со НАТО.

Сепак, новинарка на српската телевизија Н1 вчера го праша српскиот претседател Александар Вучиќ за тоа дали српските власти имаат информации за напаѓачите што го убија косовскиот полицаец и за тоа чии се униформите кои ги носеле и од каде им се овие униформи.

Вучиќ изнервирано одговори дека прашањето на новинарката е инсинуација дека Србија им дала оружје и униформи и дека Србија е виновна.

„Тоа не се униформи на војската и полицијата на Србија. Се купуваат насекаде на пазарот и може било каде да се набават, исто како и оружјето“, со остар тон ѝ одговори Вучиќ на новинарката, пренесува весникот Данас.

Косовската полиција упадна во манастирот кај Бањска, бројот на убиени се искачи на четворица

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот за репарации за ропството

Португалската влада го отфрли предлогот на претседателот на државата дека треба да „плати“ за ропството и другите злосторства од колонијалната ера, велејќи дека нема планови за репарации, а наместо...