Перформанс на Јасна Жмак на фестивалот ПРВО ПА ЖЕНСКО

По перформансот следува дел за прашања и одговори со авторката Жмак, а влезот на настанот е бесплатен

фото: Тиииит! Инк.

Утревечер со почеток во 20 часот, писателката и драматург Јасна Жмак ќе настапи со својот проект „this is my truth tell me yours“ на Академската сцена на Факултетот за драмски уметности во Скопје, како дел од програмата на Фестивалот за феминистичка култура и акција ПРВО ПА ЖЕНСКО.

Во овој авторски проект, Жмак се занимава со својот однос со уметничкото поле на делување, преиспитувајќи ги своите и авторските позиции на другите, како и одговорностите и анксиозностите кои тие позиции ги имплицираат.

„За прв пат појавувајќи се на сцената во улога на изведувачка, Жмак се занимава со прашањата на вистинитоста и репрезентацијата, партиципативноста и одговорноста, водејќи нѐ низ своите драматуршки и сексуални искуства и при тоа прашувајќи се себеси и публиката за важноста и смислата на уметничкото творештво во ерата на дивиот капитализам“, велат од „Tiiiit! Inc“ кои се организатори на фестивалот.

По перформансот следува дел за прашања и одговори со авторката Жмак, како и забава со диџеј сет на Виолета Качакова.

Влезот за перформансот „this is my truth tell me yours“ е бесплатен.