Единствениот локален фестивал за јапонска култура со трето издание

Фестивалот „Сакура“ ќе се одржи во Младинскиот културен центар на 1 јуни

Фото: Јапан@мк

Фестивалот за јапонска култура „Сакура“ ќе се одржи во Младинскиот културен центар (МКЦ) на 1 јуни.

Ова претставува трето издание на овој фестивал, кој оваа година првпат го носи името „Сакура“. Тој е организиран од Јапан@мк, единствената организација која се занимава со промовирање на јапонска култура во државата.

Од Јапан@мк најавуваат богата програма која ќе опфати уметнички изложби, настапи и перформанси, панел дискусии, мода, презентации, боречки вештини и гејминг. Дополнително, ќе може да се проба јапонска храна и да се набават сувенири.

Слоганот на овогодишното издание е „Расцути ја иднината“. Од Јапан@мк велат оти истиот фрла „светло на нашата лична одговорност и ангажираност за тоа каква иднина ќе доживееме како заедница“.

Темата на фестивалот ќе биде природата и одржливоста, со акцент на тоа да се учи од источната култура како да се почитува и да се живее во склад со природата.