Македонија може да стане полноправна членка на ЕУ, барем ако се земе во предвид критериумот за тоа колкаво количество на ѓубре создаваме на национално ниво. Земјава со 452 килограми создаден комунален отпад по глава на жител во 2021 година е конкурентна со европските земји и е блиска со просекот на ЕУ, каде истата година биле создадени 527 килограми по глава на жител, според бројките на Евростат. Сепак, многу поразлична е состојбата со селекцијата на отпадот и со тоа колкав процент од ѓубрето во Македонија завршува на депонија.
На европско ниво, најголемо количество на создаден отпад на ниво на ЕУ има Австрија, со 835 килограми на создаден отпад по глава на жител. Наспроти ова, граѓаните на Романија создале 302 килограми по жител и заедно со граѓаните на Полска (362 килограми по жител) се земјите во Европската Унија кои имаат најмало количество на продуциран отпад.
Сепак, голема е разликата во однос на тоа како Македонија се справува со создадениот отпад, а токму тука се најголемите разлики со земјите-членки на ЕУ. Од вкупно создадените 527 килограми по глава на жител, во европските земји дури 161 килограм во просек се рециклира, 138 килограми од ѓубрето оди на горење, додека само 121 килограм завршува на депониите. 95 од создадените килограми отпад по глава на жител се компостираат, додека преостанатите 12 килограми на друг начин се третираат.
Следствено на ова, во земјите-членки на ЕУ дури 30,6 отсто од целиот отпад што се создава оди на рециклирање, додека во инсинератори се согорува 26,2 отсто од ѓубрето што го создаваат жителите на овие земји. Низ процес на компостирање поминува 18 отсто од создадениот отпад во ЕУ, додека на депонија завршува само 23 отсто од целокупниот отпад.
Наспроти скромните 23 отсто од отпадот што завршува на депонија во земјите-членки на ЕУ, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека дури 82,7 отсто од ѓубрето завршило како измешан отпад на депониите. Главна причина за ова е исклучително ниското ниво на селекција на отпадот во Македонија, кое е помало од 15 отсто од вкупно создадениот отпад во земјава.
„И покрај тоа што во ЕУ се создава повеќе отпад, вкупната количина на депониран комунален отпад е намалена. Во референтниот период, вкупниот комунален отпад депониран во ЕУ падна за 67 милиони тони, или 55 %, од 121 милион тони (286 кг. по глава на жител) во 1995 година на 54 милиони тони (121 кг. по глава на жител) во 2021 година. Ова кореспондира со просечен годишен пад од 3 отсто“, се вели во извештајот на Евростат.
Наспроти ова, во ЕУ количината на рециклиран отпад (рециклирање материјали и компостирање) се зголемила од 37 милиони тони (87 кг. по глава на жител) во 1995 година на 115 милиони тони (257 кг. по жител) во 2021 година, со просечна годишна стапка на раст од 4,3 проценти.
Македонија со години наназад има огромни потешкотии да воспостави ефикасен систем за управување на отпадот, кој ќе значи изградба на регионални депонии по стандардите на ЕУ, зголемување на процентот на селектиран отпад и изградба соодветни фабрички погони за рециклирање на ѓубрето.
Современи депонии најпрво ќе добијат Полошкиот, Југозападниот и Пелагонискиот регион
Системот за селекција на отпадот во општините допрво ќе се создава, а за оваа цел Министерството за животна средина и просторно планирање веќе го распиша огласот за набавка на 30.018 канти за селекција на отпад од 120 литри и 3.017 контејнери за селекција на отпад од 1,1 метри кубни.
Парите од ќеси што ги купуваме во маркетите ќе се вложат во контејнери за селекција на отпад
Контејнери ќе добијат сите општини во земјава, а главната цел преку проектот вреден 105 милиони денари е да се стимулира примарната селекција на отпад кај македонските граѓани. Финансиите за овој проект се обезбедени од средствата собрани од продажбата на ќесите по цена од 15 денари, со кои граѓаните пазарат низ маркетите во земјава.
Огромно прашање што ќе треба допрва да го решаваат македонските власти е и огромната разлика помеѓу создадениот комунален отпад и она количество на ѓубре кое било собрано од јавните комунални претпријатија. Па така, во 2021 година биле создадени 896.066 тони комунален отпад, додека само 632.087 тони биле собрани од јавните претпријатија. Преостанатиот отпад во Македонија завршува на нелегалните ѓубришта, односно во паркови, покрај реки и езера, по планините и на многубројни други локации во природата.