Парите од ќеси што ги купуваме во маркетите ќе се вложат во контејнери за селекција на отпад

Министерството за животна средина и просторно планирање во моментов го подготвува тендерот, преку кој ќе се распределат 30.018 канти од 120 литри и 3.017 контејнери од 1,1 метри кубни

Фото: Мета.мк

До крајот на октомври ќе биде објавен јавниот повик за набавката на контејнери и канти за селекција на отпад (хартија, тетрапак, пластика и метал) за сите македонски општини. Министерството за животна средина и просторно планирање во моментов го подготвува тендерот, преку кој ќе се распределат 30.018 канти од 120 литри и 3.017 контејнери од 1,1 метри кубни. Средствата во висина од 105 милиони денари се обезбедени од средствата собрани од продажбата на ќесите од 15 денари, со кои граѓаните пазарат низ маркетите во земјава.

„Доделувањето на бројот на контејнерите и кантите по општина ќе се врши врз основа на бројот на жителите во општините во Република Северна Македонија“, велат од Министерството за животна средина и простоно планирање.

Најмалите општини кои имаат до 5.000 жители ќе добијат по 75 канти, додека за  најголемите локални самоуправи со над 40.000 жители ќе се обезбедат по 1.212 канти и 59 контејнери. Преостанатите општини се распределени според нивната големина, па така секоја локална самоуправа од 5.001 до 15.000 жители ќе добие 47 канти и 19 контејнери, на оние со големина од 15.001 до 23.000 жители ќе им се доделат 240 канти и 58 контејнери, додека општините од 23.001 до 40.000 жители ќе добијат 570 канти и 115 контејнери за селекција на отпад.

Инаку, Мета.мк со години наназад пишува дека процентот на селектиран отпад во земјава е минимален, а минорен е и бројот на локални самоуправи кои пронаоѓаат интерес да го двојат отпадот за да оди во натамошен процес на обработка. Па така, лани само 18,3 отсто од целокупниот комунален отпад во Македонија поминал низ процес на селекција. Наспроти ова, податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека дури 81,7 отсто од целокупното ѓубре што било собрано од јавните комунални претпријатија како измешан комунален отпад завршува фрлено на депониите.

Најголем дел од ѓубрето лани завршило на депонија, селекцијата учествува само со 18,3% [инфографик]

Од министерството додаваат дека преостанатите средства во висина од 15 милиони денари ќе се потрошат на јавен конкурс за поддршка на активности што се заеднички за сите или повеќе текови на отпад, односно се наменети за финансирање и реализација на национален проект за едукација и подигнување на јавната свест на граѓаните и субјектите за постапување со посебните текови на отпад.

Од Министерството објаснуваат дека парите кои граѓаните ги издвојуваат за купувањето ќеси и во иднина ќе се издвојуваат за опремување на општините за подобрување на управувањето со отпадот.

Покрај 15-те денари што се издвојуваат за набавена ќеса, државата собира надоместок и од производителите кои пуштаат на пазарот стоки кои создаваат отпад од пакување, и тоа по 6.000 денари на годишно ниво. Истата сума ја плаќаат и производителите на електрична и електронска опрема и отпад од нив, а надоместок плаќаат и производителите на отпадни батерии и акумулатори. Сите средства се уплаќаат на посебна сметка која е отворена од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од ова министерство не дадоа одговор за тоа колкави средства се собрани од продажбата на ќесите во текот на 2023 година, односно појаснуваат дека собраните средства со кои сега ќе се распишува тендерот за набавка на контејнери и канти за селекција на отпад се за лани.

Инаку, зголемената цена на биоразградливите ќеси во продавниците стапи на сила на 1 декември 2021 година. Покрај тоа што се собираат средства за реинвестирање во унапредување на управувањето со отпад, главната цел на министерството беше да се дестимулираат граѓаните да не употребуваат пластика. Воедно, целта на државата беше да се искорени дотогашната употреба на пластични ќеси, за сметка на биоразградливите кои многу побрзо се распаѓаат во природата и не ја загадуваат животната средина.

Мета.мк во два наврати во изминативе месеци пишуваше на темата за владините ветувања од аспектот на управување со отпадот. Во владината Програма за работа на владата во периодот 2020-2024 година се вети дека до 2024 година постепено ќе ја забрани употребата на пластични ќеси во малопродажба во земјава и ова владино ветување досега се исполнува според предвидената динамика.

Мета факт: Исполнето е ветувањето за постепена забрана на пластичните кеси