fbpx

Мета факт: Исполнето е ветувањето за постепена забрана на пластичните кеси

-

Владата на Република Северна Македонија во Програмата за работа на владата во периодот 2020-2024 година вети дека до 2024 година постепено ќе ја забрани употребата на пластични кеси во малопродажба во земјава. Ова владино ветување е исполнето.

Имено, на 1 декември 2021 година стапи на сила одлуката за забрана за пуштање на пластични кеси на пазарот во земјава. Како што се наведува во членот 10 од Законот за управување со пакување и отпад од пакување, исклучок од ваквата забрана е пуштањето на пазарот на биоразградливи кеси за носење на стоки кои се произведени согласно со пропишаните стандарди на биоразградливост, со исклучок на многу лесните пластични кеси за носење на стоки.

Надоместокот кој треба да го плаќаат крајните корисници за да набават биоразградливите кеси за носење на стоки изнесува 15 денари за парче и истиот се плаќа на трговецот на местото на продажба, се наведува во овој закон. Воедно, трговците се должни да водат евиденција на квартална основа за бројот на продадени кеси на продажното место која ја доставуваат до стручниот орган и вкупната сума добиена од надоместокот од продадените кеси на квартална основа ја пренесува на посебна сметка отворена за таа намена на органот за животна средина.

Инаку, Законот за управување со пакување и отпад од пакување, заедно со уште пет други закони за управување со отпад, беа усвоени од страна на Собранието на РСМ на 15 септември 2021 година.

На денот кога стапи на сила наплаќањето на биоразградливите кеси по 15 денари од парче, министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини на 1 декември 2021 година рече дека целта на овој закон е да се дестимулираат граѓаните да употребуваат пластика, дополнувајќи и дека продажбата на биоразградливите кеси е со ограничен рок.

„Микропластиката ѝ штети на почвата и на водите, а постои опасност да се најде и во храната и водата за пиење. Целта на мерката е да се заштити здравјето на граѓаните и животната средина, а не да се собираат пари. Производителите ќе можат да продолжат да произведуваат пластични кеси кои се биоразградливи до јуни 2023 година. Министерството и Владата предложија кесите да чинат десет денари, а пратениците во собранието побараа 20, па цената се утврди на 15 денари за една кеса“, посочи Нуредини.

Неколку месеци подоцна, на 28 септември 2022 година министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини информираше дека од продажбата на биоразградливите кеси од декември 2021 година до јуни 2022 година се собрани над еден милион евра, со очекување дека истите ќе бидат дуплирани до крајот на годината.

„Овие пари одат исклучително во фонд на Министерството за животна средина и просторно планирање и истиот е транспарентно објавен и достапен за сите граѓани“, рече министерот Нуредини.

И во објаснувањето на законското решение од страна на Владата на РСМ кое беше објавено на 2 декември 2021 година, се наведува дека по 1 јуни 2023 година на македонскиот пазар ќе биде задолжително да се пласираат кеси кои се изработени од материјал кој може да се разгради (како и секој органски материјал од вода, јаглерод диоксид и биомаса – стандард МКС EN ISO 17556: 2020). Во владиното соопштение се наведува дека многу лесните пластични кеси за носење на стоки се целосно забранети, а тоа се кесите чијашто дебелина е пониска од 15 микрони.

Поаѓајќи од фактот дека во Програмата за работа на владата во периодот 2020-2024 година се ветува дека до 2024 година постепено ќе ја забрани употребата на пластични кеси во малопродажба во земјава, а земајќи го во предвид сето она што досега е преземено од страна на државната власт, можеме да заклучиме дека ветувањето за постепена забрана за употреба на пластични кеси во малопродажба во земјава до 2024 година е ветување коешто е исполнето.

 

ИЗВОРИ

Програма за работа на Владата на Република Северна Македонија во периодот 2020-2024, проверено на 14.11.2022 година;

Закон за управување со пакување и отпад од пакување, проверено на 14.11.2022 година;

Веб-страница на Министерството за животна средина и просторно планирање (28.09.2022 година): НУРЕДИНИ: Ако ги обезбедиме потребните услови, сигурен сум дека граѓаните ќе го селектираат отпадот, проверено на 14.11.2022 година;

Веб-страница на Владата на Република Северна Македонија (2.12.2021 година): Појаснување за забраната за употреба на пластични кеси, проверено на 14.11.2022 година;

Мета.мк (15.09.2021 година): Собранието ги усвои шесте закони за управување со отпад што ги бараше ЕУ, проверено на 14.11.2022 година;

Мета.мк (1.12.2021 година): Нуредини: Целта на новата цена на пластичните кеси е зачувување на здравјето на луѓето и околината, проверено на 14.11.2022 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ЗНМ: Претставка до ДИК за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Мета.мк

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) соопшти дека ќе достави претставка за попречување на работата на новинарката Мери Јордановска од Новинската агенција Мета.мк до Државната изборна комисија (ДИК). Претставката...