fbpx

Невистинито се прикажува дека вакцинираните во Германија развиваат СИДА

-

Вистиномер го пронајде оригиналниот напис кој се споделува во постот што го рецензираме и во него нема никакви докази дека германската влада признала оти алармантен број на вакцинирани развиваат СИДА. Но, дури и кога ковид вакцините, хипотетички гледано би станале минус 100 проценти ефективни и ефикасни, тоа не значи дека вакцинираните луѓе ќе добијат СИДА или дека нема да може да се борат против ковид-19. Имунолошкиот систем прави многу повеќе отколку само да заштитува од инфекција. Тој, исто така, штити кога самите инфекции ќе се случат. Ако вакцината не штити против инфекција, тоа не е доказ дека вакцината предизвикала болест на опаѓање на имунитетот како СИДА. Како што веќе е познато, единствениот причинител на СИДА е ХИВ и вакцините против ковид не содржат ХИВ, ниту, пак, можат да предизвикаат СИДА, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува наслов кој гласи:

Бомба од германската влада. Алармантен бројот на вакцинираните кои развиваат СИДА.

Во рамките на објавата, заедно со овој наслов е споделен и коментар кој гласи:

Па СИДА е состојба на имунодефициенција, немање имунитет и исто со бодењата се намалува имунитетот. Затоа францускиот нобеловец рече после третата тестирајте се за СИДА.

Проверувачите на факти од повеќе странски медиуми, вклучително и Политифакт и Ројтерс, не пронајдоа докази дека француски вирусолог и нобеловецо, Лук Монтагниер некогаш кажал дека вакцинираните со три дози против ковид треба да направат тест за СИДА, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме.

Вистиномер веќе пишуваше дека вакцините против ковид-19 не го намалуваат или десеткуваат имунитетот на вакцинираните, ниту пак, предизвикуваат синдром на стекната имунодефициенција (ВАИДС), таканаречена нова состојба која антиваксерите ја споредуваат со СИДА. Во реалноста не посдтои такво нешто како ВАИДС.

Портпаролот на британската агенција за јавно здравје за Политифакт го демантираше тврдењето дека вакцините го намалуваат имунитетот кај луѓето и дека тие добиваат СИДА.

Лекарот Питер Нордсторм од одделот за општествена медицина во Шведска, тврди дека е дезинформација оти вакцината против ковид-19 значително го ослабува имунитетот кај која било возрасна група.

Вистиномер го пронајде оригиналниот напис, кој се споделува во постот што го рецензираме и во него нема никакви докази дека германската влада признала оти алармантен број на вакцинирани развиваат СИДА. Во текстот се споделува извештај на институтот Роберт Кох од декември 2021 година (значи стар извештај).

Во написот пишува дека 4.020 вакцинирани и 186 невакцинирани се заразиле со омикрон. Но, оваа бројка на невакцинирани заразени со омикрон (186) подоцна беше поправена од Роберт Кох институтот, бидејќи била неточна и претставувала техничка грешка. Вистинскиот број на невакцинирани заразени со омикрон е 1.097.

Авторот на текстот со негови математички пресметки пишува дека „ефикасноста на вакцините е еднаква на ефикасноста на самиот имунитет на примателот и заклучува дека „целосно вакцинираните Германци имале 87,7 проценти понизок имунолошки одговор од невакцинираните на омикрон”. Комплетно произволно, истиот автор тврди дека така, на просечниот Германец му остануваат уште 12,3 проценти од сопствениот имунолошки систем за да се бори против одредени вируси, канцери и така натаму и дека до крајот на јануари 2022 година, имунолошкиот систем ќе се намали на минус сто проценти.

Овие согледувања се бизарни и медицински непоткрепени, а постот што го рецензираме е рециклиран од минати дезинформации, со оглед на тоа што извештај од Роберт Кох институтот од крајот на 2021 година се објавува во 2023 година како да е нов.

Прво, извештајот од институтот Роберт Кох беше поправен откако во него се појави погрешна бројка за бројот на заразени со омикрон кои се невакцинирани, како што пишуваше Ројтерс.

Роберт Кох институтот е германска владина агенција која спроведува истражувања и превенира инфективни болести, како што се објаснува овде.

Ронја Венхел, портпаролка на институтот за Ројтерс изјавила дека „бројот од 186 невакцинирани пациенти од извештајот од 30.12.2021 беше погрешен и точниот број на невакцнирани пациенти е 1.097“. Оттогаш извештајот беше поправен и апдејтиран.

Проверувачите на факти на Фулфект уште во јануари 2022 година, посочија дека не само што во конкретниот случај, се користат погрешни бројки за да се пресмета вакциналната ефективност туку и дека лажно се тврди и се носат заклучоци дека сите вакцинирани Германци ќе имаат вакцинално поттикната СИДА. И двете тврдења се неточни. Не е соодветно, методолошки, да се користат бројките од извештајот на Роберт Кох за да се донесуваат заклучоци за вакциналната ефикасност.

Дури и портпаролката на Роберт Кох го потврдила тоа за Фулфект.

Не е легитимно да се пренесе вредноста на тие бројки врз општата популација (целото население), ниту, пак, да се проценува вакциналната ефикасност со такви податоци. Роберт Кох Институтот не ја има проценето вакциналната ефикасност во врска со омикрон досега, рекла таа.

Податоците од извештајот не може да се користат за да се калкулира вакциналната ефикасност

Освен тоа што во текстот се користат неточни бројки за да се пресмета дека вакциналната ефикасност е минус 87.7 проценти, дополнително без основа тоа се изедначува со ефикасноста  на самиот имунолошки систем на вакцинираниот човек. Се додава и дека оној кој се вакцинирал е 87.7 проценти поподложен да се инфицира со омикрон. Згора на тоа, се проектира дека до крајот на јануари 2022 година вакциналната ефикасност ќе биде минус 100 проценти и дека кога тоа ќе се случи, сите вакцинирани Германци ќе развијат вакцинално поттикната СИДА.

Фулфект пишува дека сите тие горенаведени тврдења се без основа. Иако има докази дека вакцините стануваат помалку ефективни со текот на времето, нема докази дека токму вакцините се тие што ја намалуваат вашата заштита против ковид-19. На пример, вакцинираните луѓе може да се однесуваат многу поинаку споредено со невакцинираните луѓе во врска со тоа колку се социјализираат.

Дури и кога ковид вакцините, хипотетички гледано би станале минус 100 проценти ефективни и ефикасни, тоа не значи дека вакцинираните луѓе ќе добијат СИДА или дека нема да може да се борат против ковид. Имунолошкиот систем прави многу повеќе отколку само да заштитува од инфекција. Тој исто така штити кога самите инфекции ќе се случат. Ако вакцината не штити против инфекција, тоа не е доказ дека вакцината предизвикала болест на опаѓање на имунитетот како СИДА. Како што веќе е познато, единствениот причинител на СИДА е ХИВ и вакцините против ковид не содржат ХИВ, ниту пак, можат да предизвикаат СИДА.

Поради сите горенаведени факти, постот кој го рецензираме го оценуваме како невистинит.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...