!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Три нови случаи на туларемија


Скопје, 3 април, 2015 - 12:09 (META) 

Нови три случаи на туларемија вчера се потврдени со лабораториски наоди во Институтот за јавно здравје, соопшти денеска Министерството за здравство.

Заболените, кои се на возраст од 19 до 37 година, се од скопската околина, еден е од општина Чаир, а две лица се од општина Арачиново.

Од Министерството наведуваат дека лицата се во добра општа состојба и оти по извршените прегледи, се пуштени на домашно лекување.

Досега во Македонија се регистрирани 28 случаи на заразени од туларемија.


Се зголемува бројот за заболени од грип


Скопје, 5 март, 2015 - 10:51 (META) 

Вкупно 4.781 новозаболено лице со симптоми на грип се регистрирани во Македонија во последната недела од минатиот месец, соопшти Министерството за здравство, наведувајќи дека бројот за заболените за една недела пораснал за 43,7 проценти.

Според последните статистички податоци, досега се пријавени 18.652 лица со симптоми на грип, а од министерството посочуваат дека бројот на заразените ќе се зголеми и со следните две-три недели.

Лекарите апелираат редовно да се мијат рацете со сапун и со топла вода или да се користат средства за дезинфекција, особено по кашлање и по кивање, како и често проветрување на просториите.


Се зголемува бројот на заболени од грип


Скопје, 5 февруари, 2015 - 15:58 (META) 

Во текот на петтата недела од 2015 година (од 26 јануари – 1 февруари), во Република Македонија се пријавени 1.649 новозаболени лица на групни пријави за заболени од грип, што во однос на минатата недела претставува зголемување на бројот на регистрирани случаи за 26,8 проценти.
Во споредба со бројот на заболени во петтата недела од минатата сезона, оваа година се бележи намалување за 29,8 отсто, како и во однос на просечниот број на заболени за оваа недела во изминатиот десетгодишен период, во кој намалувањето на бројот на пријавени заболени лица изнесува 5,1 проценти.

Вкупниот број на заболени од грип од почетокот на сезоната 2014/2015 заклучно со петтата недела од 2015 година изнесува 6.834 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекција од вирусот на грип.

Во споредба со истиот период минатата година, постои намалување на вкупниот број на пријавени случаи за 12,1 проценти, а во однос на просекот за десетгодишниот период се регистрира зголемување за 4,1 отсто.


Повторно се зголемува бројот на заболени од ебола


Копенхаген, 5 февруари, 2015 - 12:59 (META) 

Најновите податоци на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека првпат годинава дошло до зголемување на бројот на заболени од ебола во најзагрозените земји во Африка.

Бројот на новите случаи е зголемен во трите најтешко погодени држави – Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.

Податоците на СЗО укажуваат дека обидите да се стави под контрола епидемијата, сепак, не го дале очекуваниот ефект. Досега од ебола починаа повеќе од 8.500 луѓе.


Еболата во Либерија речиси искоренета


Монровија, 24 јануари, 2015 - 16:44 (META) 

Властите во Либерија денеска соопштија дека има уште пет случаи на ебола и потврдуваат дека епидемијата која однесе повеќе илјади жртви е блиску до искоренување.

„Имаме пет потврдени случаи на ебола во Либерија од денеска“, рече заменик-министерот за здравсто, Толберт Њенсувијах.

Тој рекол дека три случаи се забележани во престолнината Монровија, а два во северозападните окрузи Боми и Гранд Кејп Монт.

„Одиме кон нула доколку сè добро помине и доколку не се разболат луѓе на други места“, доде Њенсувијах.
Овој податок сè уште не го потврдиле од Светската здравствена организација, чија статистика се разликува од статистиката на државите.

Најголемата епиделија на ебола во историјата е забележана во Либерија и во нејзините соседи Гвинеја и Сиера Леона, со речси 9.000 смртни случаи.


Се намалува бројот на заболени од грип


Скопје, 9 јануари, 2015 - 14:18 (META) 

Минатата недела, биле регистрирани 332 случаи на грип. Од почетокот на сезоната досега, бројката се искачи на 2.410 заболени, пренесе „Здравство24“.

За време на празниците, имало помал број на заразени и процентуално има намалување во споредба со последната недела од 2014 година. Во споредба со бројот на заболени во првата недела од минатата сезона (370), се бележи намалување за 10,3 проценти, а во однос на просечниот број на заболени за оваа недела во изминатиот 10-годишен период (1.172) се регистрира намалување за 71,7 отсто.

Најголем број заболени од сезонскиот грип има во Тетово – 868. Поголем број заболени се регистрирани и на териториите на Куманово (370), Скопје (356) и на Прилеп (315). Минатата недела до лабораторијата во ИЈЗ пристигнал само еден материјал за тестирање грип, кој е негативен за присуство на вирусот на инфлуенца.


Во Штип нови случаи на жолтица


Штип, 19 декември, 2014 - 11:43 (META) 

Четиринаесет нови случаи на заболени со жолтица регистрирал Институтот за јавно здравје во Штип. Тоа е бројот на заболени во октомври и во ноември. Официјален крај на епидемијата од жолтица е објавен на 31 октомври, но и понатаму се јавуваат новозаболени. Дел од нив се хоспитализирани, но поголемиот број се лекуваат дома.

Од Институтот за јавно здравје во Штип велат дека ова е „опашка на епидемијата“ што вообичаено се јавува. Пациентите се од сите реони на градот и веројатно заболеле преку контакт со веќе заболени лица.
Од прогласувањето на епидемијата во јуни, регистрирани се 77 случаи на заболени од хепатит. Со овие нови 14 случаи, бројот на болни од жолтица во Штип се искачи на 91. Од минатите години, имаше по само еден до два случаи на жолтица.

Лекарите очекуваат болеста полека да стивнува.

Пред Општина Штип остануваат проблемите со нерешената канализација и со слабиот капацитет на водоводот во повисоките делови од градот, главно легализирани дивоградби, каде живеат најголем број од заболените со жолтица.


Во 2014 година, регистирирани 39 случаи на ХИВ/СИДА


Скопје, 29 ноември, 2014 - 16:13 (META) 

Во 2014 година, во Република Македонија се регистрирани нови 39 случаи на ХИВ/СИДА. Од нив, 16  се заболени од СИДА, а 23 лица се ХИВ-позитивни, објави Институтот за јавно здравје.

Тековната година регистрирани се и три смртни исходи од СИДА.

Според структура по пол, 37 лица од заболените се мажи, а две лица се од женски пол. 20 од заболените се од Скопје, две од Свети Николе, тројца од Куманово, по еден од Тетово и од Струмица, тројца од Штип, четворица од Кочани, двајца од Кавадарци, две лица од Прилеп и едно заболено лицце е странец.

Од заболените две се на возраст од 10 до 19 години, 16 се од 20 – 29 години, 14 се од 30 – 39 години, три лица се од од 40 – 49 години и четири лица се постари од 60 години.

Според тоа како добиле ХИВ/СИДА, кај 10 лица тоа е хетеросексуален начин на пренос, кај 25 лица е преку сексуален контакт на машко со машко лице (МСМ), кај три лица е непознат начинот на трансмисија и кај едно лице преку инјектирање дрога.

Во периодот 1987 – 2014 година, вкупно се регистрирани 236 лица кои живеат со ХИВ/СИДА. Според начинот на пренос, кај 114 лица е добиен податок за хетеросексуален контакт при трансмисија на ХИВ; кај 93 лица бил сексуален контакт на маж со маж (МСМ); кај 12 лица било интравенско користење дрога (лица кои инјектираат дрога – ЛКИД); шест лица биле хемофиличари; кај шест лица е регистрирано пренесување на ХИВ од мајка на плод; за пеѕ лица не е добиен податок за начин на трансмисија на ХИВ.


Повеќе од 16. 000 лица заболени од ебола


Њујорк, 29 ноември, 2014 - 14:59 (META) 

Бројот на заболени од ебола во светот ја надмина бројката од 16.000, соопшти Светската здравствена организација.

Според СЗО, од оваа болест починале речиси 7.000 луѓе.

Најголемата досега забележана епидемија на ебола најтешко ги погоди западноафриканските земји Гвинеја, Либерија и Сиера Леоне.


Расте бројот на заболени од ХОБС


Скопје, 19 ноември, 2014 - 16:55 (META) 

Секое лице постаро од 40 години кое ги препознава симптомите на хроничната опструктивна белодробна болест (ХОББ), како што се кашлица, создавање и искашлување секрет и отежнато дишење, треба да оди на лекар и да ги направи превентивните прегледи.
Најдобра превентивна мерка е престанок со пушењето и во тоа потребна е помош од семејството и заедницата. Македонија е меѓу земјите каде ХОББ бележи постојан подем. Нема официјален регистар за заболувањето, меѓутоа околу 100.000 луѓе боледуваат од ХОББ и постојано се зголемува нивниот број.

Ова денеска го истакна директорката на Институтот за белодробни заболувања и туберколоза, Билјана Илиевска Попоска на одбележувањето на Светскиот ден на хроничната опструктивна белодробна болест под мотото „Не е предоцна“. Во Домот на АРМ во Скопје, Институтот до 15 часот организира бесплатни превентивни прегледи преку тестови за мерење на функцијата на белите дробови и се делат пропагандни материјали. Таа рече дека треба да се зголеми свесносна и знаењето за ХОББ кај општата популација во однос на потребата од навремена дијагностика и лекување.

– Хроничната опструктивна белодробна болест е една од најчестите болести со смртен исход и се карактеризира со намален проток на воздух во дишните патишта. Оваа реакција најчесто е прогресивна и е следена со една воспалитена реакција во белите дробови кон различни штетни честички и гасовити супстанции. ХОББ претставува системско заболување бидејќи кога се јавува најчесто се зафатени и други органи – посочи Илиевска Попоска.