Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 28 декември 2020 до 3 јануари 2021г. тестирани се вкупно 10.778 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 17,9 проценти во однос на минатата недела.

Регистрирани сe 2.329 нови позитивни случаи од 33 градови во државата со намалување од 30,9 проценти во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје.

„Во периодот на известување процентот на позитивни од тестирани случаи на SARS-CoV-2 изнесува 21,6 проценти намалување од 4,1 проценти во однос на минатата недела. Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години. Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 50-59 (18,9 проценти), 40-49, (17,3 проценти), 30-39 (16,8 проценти) и 20-29 (11,3 проценти). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (1,6 проценти) и 10-19 години (4,5 проценти),“ се вели во соопштението.