fbpx

Јованоски: Состојбата со ковид-19 во Прилеп е сериозна

-

Состојбата со корона вирусот во Прилеп се влошува. За разлика од месеците јуни и јули, кога подолг период немаше, или имаше по еден заболен дневно, во изминатите два месеца бројот на заразени е зголемен. Во моментот, состојбата со корона вирусот е сериозна, но сè уште не е алармантна. На ова предупредува градоначалникот Илија Јованоски, кој раководи со Кризниот штаб на Прилеп.

Според Јованоски, со отворање на училиштата наскоро, работата на градинките, а во пресрет на сезонскиот грип, постои опасност бројот на заболени да се зголемува.

– Затоа, секој поединец и секоја институција треба максимално да ги почитуваат мерките за заштита, со цел да не се дозволи преполнување на болничките капацитети и да не им се отежнува работата на здравствените работници – порачува Јованоски.

Вработените во ЈП „Градски пазари“ во соработка со полицијата и комуналната инспекција, ќе ги интензивираат контролите на влезовите во зелениот пазар, а ќе се спречуваат и групирања меѓу купувачите. Секој продавач и купувач, без исклучок, мора да носи заштитна маска и да ги дезинфицира рацете.

И Општинскиот Совет за превенција и полицијата ќе ги интензивираат контролите. Ќе се изрекуваат казни за граѓаните што ќе бидат затекнати без заштитни маски.

Целта е да се намалат и собирите на младите во вечерните часови, но и на пензионерите кои се дружат без маски и не ја одржуваат задолжителната дистанца. Неопходно е да се воведе поголем ред пред банките, маркетите, да се редуцираат собирите на слави, да нема големи свадбени прослави, да се води зголемена грижа за колективното здравје.

– Почнувајќи од први август досега, вкупниот број на позитивни случаи е 313, за разлика од јули кога беа евидентирани 70, а во јуни 51 случај на заболени лица. Во работните организации во моментов има еден активен кластер. Другиот кластер е фабрика која се наоѓа во друг град, а во која работат голем број граѓани од нашиот град. Сите останати се семејни кластери. Епидемиолошката анкета покажува дека вработените во фирмите немаат поврзаност меѓу себе, што значи дека вирусот го донесле однадвор, бидејќи голем дел од нив во анкетата кажале дека присуствувале на семејни веселби, на слави, имендени и други групни собирања – изјавува Драгица Николоска, директор на Центарот за јавно здравје во Прилеп.

Според д-р Мирјана Крстеска, инфективното одделение во прилепската болница има капацитет за 30 пациенти, а во моментов се хоспитализирани 23, додека 10-мина се на кислородна поддршка.

– Сите пациенти се на возраст над 50-60 години. Но, старосната граница се повлекува, хоспитализираме и многу помлади пациенти со потешка клиничка слика, што досега беше вообичаено за повозрасните. Имаме терапија, проблемот е со централниот довод на кислород и доколку тоа се реши, би ни било големо олеснување. Резултатите од тестирањата кои ги правиме преку МАНУ, ни стигнуваат за 24 часа, проблем се јавува за време на викенди и празници, бидејќи тие не работат тогаш. Меѓутоа имаме одлична соработка со Центарот за јавно здравје, па со нивна помош, за итните пациенти резултатите ни стигнуваат за 24 часа, со цел да знаеме што понатаму со терапијата – вели д-р Крстеска, раководител на инфективното одделение.

Инаку, во Прилеп, во моментов се активни 125 случаи, од нив 103 се на домашно, а 22 на болничко лекување. Од последици на корона вирусот, досега починале 38 лица, а од почетокот на пандемијата заболеле 644 граѓани.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...