!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

МОН: На државните универзитети годинава упис на 26.105 студенти


Скопје, 17 јуни, 2017 - 15:27 (META) 

Министерството за образование и наука (МОН) извести дека вчера Владата донела одлука за распишување конкурс за упис на студенти на државните универзитети, за кои ќе има 26.105 места. Од нив 13.953 места се за редовни студенти во државна квота, 8.367 места се за редовни студенти со кофинансирање и 3.785 места се за вонредни студенти.

„Со тоа обезбедени се доволно места за упис на сите заинтересирани матуранти, како и за други лица заинтересирани за студирање на државните универзитети. При утврдување на бројките за упис на студенти се водеше сметка за потребите на пазарот на трудот во Република Македонија, дефицитарноста на струките и за расположливите можности за вработување, бројот на студенти за кои се акредитирани факултетите, како и за показателите за интересот на средношколците за упис на одредени факултети изминативе години“, се вели во соопштението од министерството.


Протест во Анкара поради отпуштањето професори


Анкара, 10 февруари, 2017 - 15:02 (META) 

Турската полиција привела најмалку 12 лица и испукала солзавец кон неколку стотини демонстранти пред Универзитетот во Анкара, за време на протестот одржан поради отпуштањето на голем број професори, соопштија полициски извори и очевидци.

Околу илјада лица се обидоа да се соберат на универзитетскиот кампус и на околните улици, но полицијата го блокирала влезот во комплексот и испукала солзавец и гумени куршуми.

Помали групи демонстранти извикувале пароли против владејачката Партија на правдата и на развојот.

Неделава од Универзитетот се отпуштени неколку десетини академици.

По обидот за воен удар во јули минатата година, во Турција беа отпуштени повеќе од 4.400 цивилни службеници.

Вкупно отпуштени или суспендирани се повеќе од 125.000 лица, а уапсени се 40.000 лица.


Битка за универзитетот во Мосул, ирачките сили ја протеруваат ИД


Мосул, 15 јануари, 2017 - 17:37 (META) 

Ирачките сили го зазедоа универзитетот во Мосул кој беше под контрола на Исламска држава. Ирачката војска од октомври се обидува да го заземе градот, кој е последно упориште на ИД во Ирак.

Според зборовите на ирачките власти, џихадистите ги користеле лабораториите во универзитетскиот комплекс за да направат хемиско оружје.

Командантот на ирачките антитерористички операции, Талиб Шагати, рече дека заземањето на универзитетот е значајна работа.

– Ослободувањето на универзитетот во Мосул значи многу, со оглед на неговата културна, социјална и хуманитарна симболичност – вели Шагати.

Ирачките официјални воени претставници тврдат дека сега контролираат голем дел од источната половина на градот, како и дека три од пет клучни мостови преку реката Тигар, која го дели Мосул на два дела, се под нивна контрола.


ИД ја презеде одговорноста за нападот во Охајо


Вашингтон, 30 ноември, 2016 - 9:59 (META) 

Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот на Универзитетот „Колумбус“ во Охајо, во кој напаѓачот се залета со автомобил меѓу пешаците, а потоа ги нападна со нож.

Напаѓачот Абдул Разак Али Артан бил сомалиски студент на универзитетот.

Тој во понеделникот повреди 11 лица, по што полицијата го застрала и го уби.


Пукање на универзитетот во Охајо


Колумбус, 28 ноември, 2016 - 16:53 (META) 

Најмалку едно лице е убиено, а девет се повредени во пукотница која е во тек на државниот универзитет „Охајо“.

Американските медиуми јавуваат дека кампусот на универзитетот е целосно затворен поради пукањето.

Универзитетот испратил порака за тревога до сите студенти, во која им советува да се скријат.

Според еден од студентите, пукањето почнало во една од универзитетските лаборатории, додека друг студент на „Твитер“ објавил дека полицијата го опколила и го совладала напаѓачот. Информацијата сè уште не е официјално потврдена.

Локалните медиуми јавуваат дена најмалку три лица се застрелани на кампусот. Властите засега не излегуваат со информации, а студентите имаат инструкции да останат засолнети.

Според последните, непотврдени информации на американските медиуми, убиениот е всушност напаѓачот. Засега не се знае причината за пукањето.


Крвава ноќ во САД: 14 повредени во напади во три града


Балтимор, 25 септември, 2016 - 11:26 (META) 

За само неколку часа, на два колеџа во САД се случија два крвави инциденти. Првиот се случи во кампусот на Универзитетот во Илиноис, каде дошло до пукање, а другиот во близина на колеџот „Емерсон“ во Бостон, каде шест лица се избодени, јавуваат локалните медиуми. Неколку часа претходно, три вооружени лица ранија осум лица во Балтимор, меѓу кои и едно тригодишно девојче, на улица на истокот на градот. Напаѓачите се во бегство.

„Раша тудеј“ пренесува дека на кампусот на Универзитетот во Илиноис се испукани девет куршуми, по што напаѓачот побегнал.

Локалниот весник „Дејли Илини“ наведува дека истрагата е во тек и оти полицијата не соопштува детали.

Повеќето корисници на социјалните мрежи јавуваат дека девет лица се убиени, но засега нема официјална потврда за жртви, пишува „Раша тудеј“.

Пукотницата се случила пред поштата, односно еден блок подалеку од популарното кафуле на кампусот, „Ред лион“.

Локалната полиција наведува дека истрагата е во тек и оти нема да открива детали за пукањето.

Шест лица се избодени во улицата Тремонт во Бостон, јавуваат локалните медиуми. Колеџот „Емерсон“ ги предупреди студентите, бидејќи двајцата напаѓачи се на слобода, а местото на инцидентот е во близина на кампусот.

Весникот „Бостон глоуб“ јавува дека една од жртвите е во критична состојба и оти врз неа се врши хируршки зафат.

Во меѓувреме полицијата соопшти дека еден од осомничените напаѓачи е уапсен.

Нападот се случил два часа по полноќ. Властите наведуваат дека дел од повредените се избодени со нож, а дел се избодени со скршено шише.


Во нападот на универзитетот во Кабул загинаa 12 лица


Кабул, 25 август, 2016 - 11:40 (META) 

Во нападот на американскиот универзитет во Кабул загинаа 12 луѓе, од кои седум студенти. Специјалните сили убиле двајца напаѓачи.

Нападот започнал вчера околу 18.30 часот по локално време со голема експлозија за која властите наведуваат дека била детонација на автомобил бомба, по што следувале пукотници.

Напаѓачите успеале да влезат во комплексот на Универзитетот, каде што имало голем број на студенти и странски професори.

Универзитетскиот кампус набрзо бил опколен со припадници на елитните авганистански специјални сили, кои успеале да влезат внатре и да го прекинат нападот.

Шефот на полицијата во Кабул Абдул Рахман Рахими изјави дека за време на нападот загинале седум студенти, тројца полицајци и двајца припадници на обезбедувањето.

Размена на оган можела да се слушне во текот на целата ноќ, пред полицијата рано утринава да објави дека операцијата е завршена.

Авганистанското Министерство за здравство наведе дека меѓу повредените нема странци.

Полицијата на Универзитетот евакуирала помеѓу 700 и 750 студенти, кои за време на десетчасовната опсада биле заробени во комплексот.


Еден загинат и 25 повредени во нападот на универзитетот во Кабул


Кабул, 24 август, 2016 - 20:58 (META) 

Едно лице загина, а 25 лица се ранети при нападот на вооружени лица на американски универзитет во Кабул, главниот град на Авганистан.

Деканот на универзитетот, Марк Инглиш, изјави дека на местото на нападот се припадниците на специјалните сили.

Локалните медиуми наведуваат дека во зградата се заробени стотина лица, вклучувајќи и странски професори.

Локалната телевизија „Толо њуз“ извести дека прво се слушнала експлозија, а потоа напаѓачите упаднале во кампусот на универзитетот, кој се наоѓа во релативно безбеден и богат дел на Кабул.

Сведоци на нападот наведоа дека некои студенти успеале навреме да излезат од кампусот откако ги слушнале експлозиите, додека други се заклучени во своите училници.


Вооружен напад на американски универзитет во Кабул


Кабул, 24 август, 2016 - 18:07 (META) 

Вооружени напаѓачи упаднале во зградата на американски универзитет во авганистанскиот главен град Кабул, а претходно се слушнале експлозии и пукања.

Авганистанските власти потврдија дека универзитетот е нападнат од вооружени мажи.

Сведоци додаваат дека по пукотниците, во зградата на универзитетот останале заробени „одреден број на луѓе“.

Специјални полициски сили почнале акција за спасување, а од нивниот штаб соопштуваат дека се работи за „сложен напад во американскиот универзитет“.


Почнува првиот уписен рок на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“


Скопје, 18 август, 2016 - 9:23 (META) 

Денеска и утре на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнува првиот уписен рок во академската 2016/2017 година.

Вкупно слободни има 10.535, од кои 6.606 за редовни студенти во државна квота, 2.819 во квотата редовни студенти со кофинансирање на студиите и 1.110 за вонредни студенти.

Како и во изминатите години, надоместот за редовните студенти е 200 евра, односно 100 евра за дисперзирани студиски програми, а износот за студиите со кофинансирање се движи од 100 до 400 евра.

Вториот уписен рок на УКИМ е 5 септември, а на факултетите на кои ќе останат слободни места ќе има и трет рок на 15 септември, кога и почнува новата студиска година.