УКЛО подготвува стратегија за новата академска година во која се разгледуваат две сценарија

Универзитет „Св. Климент Охридски“ - Битола / Фото: Wikimedia Commons

Додека се чека последниот збор на МОН и Комисијата за заразни болести за тоа како ќе се одвива академската година на универзитетите во земјава, на факултетите веќе течат подготовките. Дел од нив ги разгледуваат опциите за онлајн, а дел за комбинирана настава. Високите образовни институции ќе се водат според мислењето на нивните студенти, чиј заклучок е донесен по анкетите спроведени токму помеѓу студентите и наставниот кадар.

Како што велат и од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, тие не се исклучок од интензивните подготовки за новата академска година. Во оваа насока работат на стратегија за online учење, којашто ќе важи и ќе се применува на сите единици.

Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола / Фото: Wikimedia Commons

„Ние активно се подготвуваме за спремни да го дочекаме почетокот на новата академска година, која, според предвидувањата, барем во зимскиот семестар, нема да биде многу поразлична од изминатиов семестар. Иако оваа пандемија е навистина непредвидлива, сепак, ги развиваме сите можни сценарија за изведување на наставата во следната академска година“ изјавија за „Мета.мк“ од УКЛО.

Оттаму се надеваат дека ваквата стратегија ќе им излезе во пресрет на очекувањата и барањата на сите единици со оглед на тоа што нивните членки се различни и со свои специфики. За таа цел, на Универзитетот е формирана посебна комисија која ќе ја подготви стратегијата која што, покрај другото, треба точно да ја дефинира платформата на која ќе се одвива наставата при учењето на далечина, со што на студентите и на академскиот кадар ќе им биде олеснета работата. Во текот на изработката на студијата, ќе се користат и трите анкети што биле спроведени кај наставниот кадар и студентите на УКЛО кои ќе дадат насоки за правецот каде понатаму треба да се движи универзитетот.

„Мора да споменеме дека засега се разгледуваат две опции/сценарија во нашата стратегија. Во првиот случај станува збор за online учење, или поточно да кажеме EmergencyRemoteLearning (термин кој произлезе во текот на пандемијата со цел навистина да го разграничи online учењето на универзитети кои се акредитирани исклучиво за вакво учење, со она што беше наглиот премин од учење со физичко присуство на студентите кон изведување online настава на студентите, без физичко присуство на единиците)“, појаснуваат од универзитетот во Битола.

Второто сценарио кое го разгледува битолскиот универзитет, а кое ќе зависи од одлуките на Комисијата за заразни болести и протоколите за присуство на студентите на факултетите, т.н Blendedlearning / мешано учење е со делумно присуство на студентите на факултетите, но и со следење на оnline настава.

„Секако дека посебно внимание ќе се обрати и на практичниот дел од предметите, каде повторно во зависност од ситуацијата, ќе се обврзат студентите да присуствуваат на практичната настава, но во помали групи, во зависност од просторните можности на единиците, особено на оние факултети каде ваквата настава е од круцијално значење за стекнување на одредени компетенции на студентите, за кои нема можност да се извршуваат оnline“ појаснуваат од универзитетот во Битола.

Како што додаваат оттаму, уште од самиот почеток на пандемијата, кога беа затворени факултетите, студентите на УКЛО се изјасниле дека сакаат да полагаат со физичко присуство, што им било овозможено уште со јунската испитна сесија.

„Оваа сесија помина сосема коректно, без никакви проблеми, а за истакнување е дека, според изјаснувањето на професорите, преку 90 отсто од студентите строго се придржувале кон протоколите за полагање на испити. Секако, на оние студенти кои од оправдани причини не можеа да присуствуваат на испитите, им беше понудено да полагаат online, можност што, според анкетата, ја искористиле многу помал број студенти. Во согласност со добрите резултати, а и задоволството што го имаше кај студентите, се планира испитите во следната академска година, да се организираат на истиот начин. За посебно истакнување е што анкетата покажа дека повеќе од 50 отсто од наставниот кадар се изјаснија дека можноста за online полагање ќе ја користат и понатаму за оние студентите што не се во можност да присуствуваат на испитите“ велат од УКЛО.

Засега се уште нема конкретен одговор од Министерството за образование и наука како ќе се одвива наставата и испитите во академската 2020/2021 година. Се очекува заклучокот да биде соопштен идната недела.