Ирачките сили го зазедоа универзитетот во Мосул кој беше под контрола на Исламска држава. Ирачката војска од октомври се обидува да го заземе градот, кој е последно упориште на ИД во Ирак.

Според зборовите на ирачките власти, џихадистите ги користеле лабораториите во универзитетскиот комплекс за да направат хемиско оружје.

Командантот на ирачките антитерористички операции, Талиб Шагати, рече дека заземањето на универзитетот е значајна работа.

– Ослободувањето на универзитетот во Мосул значи многу, со оглед на неговата културна, социјална и хуманитарна симболичност – вели Шагати.

Ирачките официјални воени претставници тврдат дека сега контролираат голем дел од источната половина на градот, како и дека три од пет клучни мостови преку реката Тигар, која го дели Мосул на два дела, се под нивна контрола.