Без положена матура, нема упис ниту на македонски ниту на странски универзитет

Доколку нема државна матура, матурантите нема да можат ниту да аплицираат за упис на факултет во странство, а ниту во земјава, каде што е задолжителен документот за положена државна матура

Фото: Мета.мк

Државната матура е услов за упис на универзитет и во земјава, но и на странски универзитети. Тоа што процесот е во застој и организацијата на испитот на зрелоста е стопирана, ги загрижува матурантите кои планираат своето високо обазование да го продолжат надвор од земјата каде што уписите главно се организираат во јуни. Доколку нема државна матура, матурантите нема да можат ниту да аплицираат за упис на факултет во странство, а ниту во земјава, каде што е задолжителен документот за положена државна матура.

Во Сојузот на средношколци апелираат надлежните да најдат решение за проблемот, а од Државниот испитен центар соопштија дека не успеале да се договорат со Министерството за финансии за да имаат повисоки плати.

„Положена матура се бара при упис речиси на сите универзитети во странство. Средношколскиот сојуз континуирано изразува поддршка и симпатии за штрајкот на вработените во ДИЦ оти нивните барања се оправдани и тие заслужуавт да го добијат тоа што го бараат. Штрајкот е уставно загарантирано право, но уставно загаратирано е и правото на образование. Државната матура е мошне важен процес за државата и за нас матурантите, па затоа, најстрашно ќе биде за оние матуранти кои планираат да се запишат во странство, бидејќи и таму матурата е предуслов за упис на факултет. Во САД на пример, универзитетите бараат да се пратат оценките најрано што кандидатот може“, вели за Мета Лука Павиќевиќ, претседател на Сојузот.

Тој потенцира дека институциите мораат да го застапуваат школскиот интерес и да работат на изнаоѓање начин кој ќе биде во интерес на средношколците и во интерес на штрајкувачите.

„Ние во Сојузот апелираме да се дејствува разумно и рационално и да се најде решение за овој проблем. Вработените во ДИЦ не заслужуваат да имаат такви ниски примања, но за тоа не се виновни матурантите кои најмногу би изгубиле. Повикуваме на трезвеност и разумност“, вели Павиќевиќ.

Матуранти од земјава сè повеќе избираат да студираат на некој од четирите универзитети и три институти во Словенија. Според некои проценки, во оваа земја студираат околу 5.000 студенти од Македонија. Уписите на универзитет во Словенија не се класични, туку прво, во периодот од 15 јануари до 15 мај, се пополнува и поднесува електронски т.н. пројава за интерес. Согласно тоа, се гледа за кои студии е најголем интересот. До 15 мај трае увидот во тоа каде има интерес, за кои студиски програми. Може да се аплицира најмногу за три студиски програми на различни универзитети. По 15 мај, треба да се поднесат документи односно да се комплетира досието за секој кандидат, а меѓу потребните документи е и оној за положена државна матура.

Инаку, Емилија Бошковска, совеничка во ДИЦ, кажа дека имале телефонски разговор со одговорните во Министерството за финансии, но не добиле ветување за поголеми плати.

„Немавме состанок, но телефонски ни кажаа дека жалат што ни биле толку ниски платите и дека нашиот колективен договор бил понеповолен од Законот за администрација. Тоа значи дека нема да има покачување на нашите плати. Бидејќи не е одговорено позитивно на нашето барање, штрајкот продолжува“, вели за Мета Бошковска.

Таа истакна дека ако до петок официјално не добијат позитивна согласност од Министеството за финансии, ќе се погрижат да се најде решение согласно кое ќе се менуваат датуМите за матура.

„Ако почнеме од понеделник да работиме, би можеле да стигнеме до овие датуми кои се сега закажани (27 мај и 10 јуни), со многу напрна работа. Ако не, ќе мора да се менува календарот“, вели таа.

Мета.мк неодамна пишуваше дека државната матура годинава ќе биде приспособена на состојбата во образованието и ќе биде олеснета за оваа генерација матуранти која беше најмногу погодена од прекините на наставниот процес заради дојавите за бомби.

Воедно, годинава треба да биде намалена и обемноста на екстерниот испит. Истиот ќе носи од 60 до 80 бодови, наместо досегашните 80 до 100, што значи дека ќе има намалување на бројот на прашања. Предвидено е и да има банки со прашања за интерните испити и овие испити ќе носат повеќе поени при уписот на факултет.