!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Цените и трошоците за живот се зголемиле во октомври


Скопје, 7 ноември, 2017 - 14:48 (META) 

Трошоците за живот и цените во малопродажбата во октомври годинава се зголемиле за 0,3 отсто во однос на претходниот месец, се вели во соопштението на Државниот завод за статистика (ДЗС).

Голем пораст на цените има во категоријата прехранбени производи, односно забележано е поскапување на оризот за 3,6 отсто, на компирот за 3,2 отсто, на млекото и на јогуртот за 1,9 отсто, на сувото овошје и на јаткастите производи за 1,8 отсто. Шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи поскапеле за 0,9 отсто, месото за 0,8 отсто, а другите пекарски производи и другите прехранбени производи за 0,5 отсто.

Во октомври, исто така, пораст на индексите на трошоците на животот е забележан и кај течните горива за домаќинствата за 6,2 отсто, обувките за 4,2 отсто, кај автомобилите за 3,9 отсто, болничките услуги за 2,6 отсто, гасот за домаќинствата за 2,2 отсто, течните горива и мазива за сопствени сообраќајни средства за 2 проценти, стоматолошките услуги за 1,7 отсто, теписите и другите покривки за под за 1,3 отсто и кај облеката за 0,5 отсто.

Намалување на индексите на трошоците на животот во октомври 2017 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај свежото и разладеното овошје за 7,4 отсто, замрзнатото овошје за 1,8 отсто, свежиот и разладениот зеленчук освен компирот и другите коренести плодови за 1 процент и кај јајцата за 0,9 отсто.

Инаку, за период од една година, зголемувањето на трошоците за живот и на цените е многу поголемо. Така, инндексот на трошоците за живот во октомври 2017 година, во споредба со октомври 2016 година, бележи пораст од 1,9 отсто, а индексот на цените на мало бележи пораст за 4,3 отсто, соопштува ДЗС.